Очекувани критични настани кои веројатно ќе поттикнат дезинформациски наративи во Западен Балкан во текот на јуни 2026 година, идентификувани претходниот месец
Претплатете се на месечниот билтен →
Западен Балкан: Следи и предупреди – Евроинтеграции, демократски тензии и поларизирани информациски средини
Јуни 2026 година најверојатно ќе биде обележан со спој од обновен импулс за проширување на Европската Унија, внатрешнополитичка поларизација и сè пофрагментирани информациски средини низ Западен Балкан. Неодамнешните сигнали од ЕУ за постепена интеграција на земјите кандидати во одделни сегменти на Единствениот пазаp, заедно со континуираната финансиска поддршка преку Планот за раст на ЕУ, веројатно ќе придонесат за зајакнување и на проевропските и на суверенистичките наративи во регионот.
Истовремено, различните толкувања на процесот на проширување се очекува повторно да поттикнат јавни дебати за демократските стандарди, суверенитетот, заморот од реформите и перцепциите за нееднаков третман на земјите кандидати. Црна Гора и Албанија продолжуваат да добиваат позитивни сигнали во однос на напредокот кон членство во ЕУ, додека Северна Македонија и Србија и понатаму се соочуваат со спорови и растечко незадоволство поради застојот или оспорувањето на одредени аспекти од нивниот европски пат. Дебатата за проширувањето сè повеќе е обликувана и од различните ставови и приоритети во самата Европска Унија. Изјавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар, според кои долгогодишните кандидати од Западен Балкан треба да напредуваат пред Украина, дополнително би можеле да ги засилат наративите поврзани со правичноста, кредибилитетот и геополитичката конкуренција во процесот на пристапување.
Самитот ЕУ–Западен Балкан во Црна Гора на 5 јуни исто така веројатно ќе го зголеми вниманието кон проширувањето, регионалната стабилност и геополитичкото позиционирање на земјите од регионот, создавајќи простор за спротивставени наративи поврзани со суверенитетот, странското влијание и кредибилитетот на процесот на пристапување во ЕУ.
Политичките тензии, протестните движења, недовербата во институциите и дебатите за демократското владеење најверојатно ќе продолжат да претставуваат плодна почва за ширење манипулативни наративи низ регионот. Содржините генерирани со вештачка интелигенција и синтетичките медиуми сè почесто се појавуваат во политичката комуникација и онлајн дезинформациските кампањи, особено во контекст на избори, протести и идентитетски прашања. Вонредната изборна кампања во Косово е особено ранлива на вакви манипулации, вклучително и ширење видеа генерирани со вештачка интелигенција, изменети фотографии и емоционално обоени политички пораки.
Настаните и кампањите поврзани со Месецот на гордоста во делови од регионот, вклучително и Неделата на гордоста во Приштина од 1 до 5 јуни и Скопје Прајд, закажан за 20–21 јуни, исто така би можеле да предизвикаат нов бран онлајн поларизација и манипулативни наративи насочени кон ЛГБТИ заедницата, иницијативите за родова еднаквост и организациите на граѓанското општество во веќе поларизирани политички средини.
Регионот и понатаму се соочува со пошироки структурни предизвици поврзани со демократското управување, слободата на медиумите, граѓанскиот простор и регулацијата на платформите, што создава услови емоционално набиените и идентитетски засновани наративи брзо да се шират во онлајн просторот.
Албанија: Евроинтеграции, владеење и наративи за странско влијание
Информациската средина во Албанија најверојатно ќе продолжи да биде обликувана од спротивставени наративи поврзани со интеграцијата во ЕУ, реформите во управувањето и кредибилитетот на демократските институции. Обновените позитивни сигнали од Брисел, вклучително и оценката дека Албанија влегува во завршната фаза од пристапните преговори, може дополнително да ја засилат поларизацијата меѓу наративите што ја претставуваат земјата како регионална успешна приказна и оние што тврдат дека реформите се површни, надворешно поттикнати или недоволно поврзани со долгогодишните проблеми поврзани со корупцијата и квалитетот на управувањето.
Манипулативните наративи би можеле да ги прикажуваат реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ како откажување од суверенитетот или како доказ за растечко странско влијание врз домашните институции. Опозициските и антиестаблишментски актери исто така може да ги засилат тврдењата дека демократските стандарди се применуваат селективно и дека корупцијата и клиентелизмот остануваат суштински нерешени и покрај позитивните оценки од Европската Унија.
Контроверзноста околу предложениот луксузен туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер на јужниот брег на Албанија може да стане значаен фокус на манипулативни наративи. Тековните протести против проектот веќе генерираа тврдења поврзани со корупција, странско влијание, заробување на државата од елити и уништување на животната средина. Во дел од онлајн дебатите се појавуваат и националистички, антизападни и антисемитски елементи, што дополнително ја зголемува веројатноста за поларизација околу ова прашање.
Три ризици од дезинформации најверојатно ќе ја обликуваат информациската средина околу протестите во Звернец во наредните недели. Прво, паралелното постоење на граѓанско-еколошки иницијативи и пошироки опозициски мобилизации создава услови различни политички актери да се обидат да ги претстават протестите како партиски мотивирани или контролирани од надворешни центри на моќ. Второ, наративите за „хибридна војна“ и странско мешање би можеле да се користат за дискредитирање на граѓанското незадоволство. Трето, прашањата поврзани со малцинските права и регионалните идентитетски дебати може да бидат искористени за пренасочување на вниманието од темите за животната средина, транспарентноста и владеењето на правото.
Прашањата поврзани со дигиталното управување, онлајн регулацијата и граѓанскиот простор најверојатно ќе останат чувствителни теми, особено во контекст на пошироките регионални дебати за демократската отпорност и одговорноста на платформите. Потенцијалните обиди за регулирање на онлајн содржините може да предизвикаат спротивставени толкувања меѓу оние што ги гледаат како неопходна заштита од дезинформации и оние што стравуваат од ограничување на слободата на изразување и граѓанскиот простор.
Босна и Херцеговина: Неизвесност околу високиот претставник и институционална ранливост
Босна и Херцеговина најверојатно ќе остане ранлива на дестабилизирачки наративи поврзани со иднината на функцијата висок претставник, институционалната ранливост и споровите околу суверенитетот. Растечката неизвесност околу заминувањето на актуелниот висок претставник Кристијан Шмит би можела дополнително да ја засили политичката поларизација во пресрет на изборите во октомври.
Шпекулациите околу можниот наследник на Шмит и обновените барања на Република Српска за затворање на Канцеларијата на високиот претставник најверојатно ќе ја продлабочат поларизацијата околу постдејтонското уредување и легитимноста на меѓународниот надзор.
Манипулативните наративи веројатно ќе ја претставуваат функцијата на високиот претставник или како неопходен гарант на стабилноста, или како странски наметнат „протекторат“ што го поткопува суверенитетот и демократското самоуправување. Сецесионистичката реторика и тврдењата дека Босна и Херцеговина е институционално неодржлива најверојатно ќе продолжат да циркулираат во поларизираните политички и медиумски средини, особено во пресрет на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница во јули.
Дебатите за изборниот интегритет и институционалните реформи исто така би можеле да се интензивираат во пресрет на подготовките за општите избори. Разговорите за воведување биометриски технологии во изборниот процес и дополнителни механизми за изборен надзор може да станат предмет на дезинформации што реформите ќе ги претставуваат или како средство за манипулација со изборите или како неопходна заштита од изборни измами и странско мешање.
Косово: Избори, вештачка интелигенција и доверба во демократските процеси
Вонредните избори во Косово на 7 јуни најверојатно ќе ги зголемат ризиците поврзани со дезинформации генерирани со вештачка интелигенција, манипулирани политички содржини и наративи што го оспоруваат легитимитетот на изборниот процес. Проверувачите на факти документираа повеќе случаи на видеа генерирани со вештачка интелигенција и изменети политички фотографии, додека политичката поларизација, неизвесноста и чувствителните прашања поврзани со северот на Косово дополнително го зголемуваат ризикот од манипулации во текот на кампањата.
Неодамнешните случаи документирани од организации за проверка на факти и граѓанското општество укажуваат на зголемено ширење на содржини генерирани или изменети со помош на вештачка интелигенција, насочени кон политички партии и кандидати. Дипфејкови, изменети видеа, лажно претставување на јавни личности и емоционално обоени политички пораки најверојатно ќе станат уште повидливи во завршната фаза од изборната кампања.
Политичкиот застој што следеше по неуспехот да се избере претседател и распуштањето на парламентот создава простор злонамерни странски актери да промовираат наративи што го прикажуваат Косово како институционално нестабилна држава неспособна за ефикасно демократско управување. Таквите актери може да се обидат да ја искористат политичката неизвесност за поттикнување недоверба во институциите, доведување во прашање на легитимноста на изборниот процес и ширење манипулативни тврдења што ги продлабочуваат општествените поделби.
Се очекува дополнително засилување и на етничките и безбедносните наративи, вклучително и оние поврзани со политичката конкуренција меѓу албанските партии во Косово, случувањата во северниот дел на земјата, односите меѓу Косово и Србија и улогата на меѓународните актери. Конкурентните геополитички наративи поврзани со ЕУ, САД, Србија и регионалната стабилност најверојатно ќе продолжат да ја обликуваат јавната дебата и да придонесуваат кон поларизацијата во онлајн информациската средина.
Црна Гора: Проширување на ЕУ, суверенитет и политички тензии
Црна Гора најверојатно ќе остане во центарот на регионалните дебати за кредибилитетот на проширувањето на Европската Унија, прашањата на суверенитетот и политичките тензии во регионот. Како домаќин на Самитот ЕУ–Западен Балкан на 5 јуни и во услови на контроверзии околу одлуката да им се забрани влез на десетици државјани на Србија пред настанот, се очекува појава на спротивставени наративи поврзани со безбедноста, националниот суверенитет, односите со Србија и позицијата на Црна Гора како најнапреден кандидат за членство во ЕУ.
По охрабрувачките пораки од францускиот претседател Емануел Макрон за поддршка на црногорските евроинтеграции, земјата сè почесто може да биде претставувана или како доказ дека проширувањето останува остварлива цел, или како пример за прекумерно надворешно влијание врз домашната политика. Црна Гора може да стане и референтна точка во пошироките регионални дебати за правичноста, двојните стандарди и кредибилитетот на политиката на проширување.
Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват дополнително може да поттикне спротивставени наративи за улогата на надворешните актери и рамнотежата меѓу безбедносните мерки и демократските слободи. Одлуката на црногорските власти да ограничат влез на десетици српски државјани веќе предизвика обвинувања за дискриминација и политичка пристрасност, додека други ја претставуваат како легитимна безбедносна мерка. Овие случувања може да генерираат наративи што ја прикажуваат Црна Гора или како држава што го брани својот суверенитет и европска ориентација, или како земја што дејствува под политички притисок од Брисел и западните партнери.
Манипулативните наративи може да ги претставуваат тековните реформи, особено во секторите за безбедност и управување, како надворешно наметнати услови или како доказ за „заробување на државата“ од политички и странски интереси. Реториката поврзана со суверенитетот и тврдењата за странско влијание врз институциите најверојатно ќе останат присутни во поларизираните политички дебати.
Дополнителни дебати може да се појават и околу односите меѓу Црна Гора и САД по номинацијата на нов американски амбасадор, што би можело повторно да ги актуализира наративите за странско влијание, геополитичко позиционирање и национален суверенитет.
Северна Македонија: Застој во евроинтеграциите, идентитетски прашања и политичка поларизација
Северна Македонија најверојатно ќе се соочи со продолжена поларизација околу застојот во евроинтеграциите, уставните измени поврзани со спорот со Бугарија и растечкото незадоволство од долготрајниот европски пат на земјата. Меѓуетничките тензии, економската вознемиреност и недовербата кон политичките институции може дополнително да ги засилат емоционално обоените и идентитетски засновани наративи онлајн, особено оние поврзани со тековните протести на студентите Албанци.
Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека нема да прифати дополнителни отстапки во врска со уставните измени, паралелно со опозициските повици за референдум за европскиот пат на земјата, најверојатно ќе ги продлабочат поделбите околу тоа дали се прифатливи нови компромиси во насока на членство во ЕУ. Манипулативните наративи сè почесто може да го прикажуваат пристапниот процес или како неправедно блокиран преку билатерален притисок, или како доказ дека домашните политички елити ги инструментализираат идентитетските прашања за политичка корист.
Меѓуетничките тензии и прашањата поврзани со јазичните права исто така може да продолжат да создаваат емоционално обоени онлајн наративи, особено по протестите и споровите поврзани со правото на полагање правосуден испит на албански јазик. Овие прашања остануваат особено ранливи на националистичко врамување, меѓусебни обвинувања и идентитетска мобилизација.
Дебатите за економското управување исто така стануваат сè пополитизирани. Неодамнешното усвојување на законот за задолжување од 260 милиони евра веќе предизвика јавна дебата околу јавниот долг, транспарентноста и фискалната одговорност. Манипулативните наративи може да ги преувеличуваат стравувањата од економски колапс, корупција, странска зависност или институционално заробување, дополнително продлабочувајќи ја недовербата кон политичките институции и механизмите за демократски надзор.
Овие случувања се одвиваат во веќе ранлива информациска средина, обележана со институционална недоверба, поларизација и документирани ризици од странски информациски манипулации и мешања поврзани со избори, идентитетски прашања и геополитичко позиционирање. Дополнително, анализите за спроведувањето на реформската агенда укажуваат на празнини меѓу формалниот напредок и практичната имплементација, што создава дополнителен простор за наративи за институционална неефикасност и недоверба во реформските процеси.
Србија: Протести, политичка поларизација и наративи за странско влијание
Политичките тензии околу антивладините протести, можните предвремени избори и односите на Србија со Европската Унија најверојатно ќе доминираат во информациската средина во Србија во текот на јуни. Овие тензии може дополнително да се засилат поради неизвесноста околу продажбата на рускиот удел од 56,15 проценти во НИС (Нафтна индустрија Србије), најголемата српска нафтена компанија, како и поради брзото влошување на односите со одредени делови од ЕУ, вклучително и Европскиот парламент и еврокомесарот за проширување. Таквата динамика може да придонесе за натамошно влошување на односите меѓу Србија и ЕУ и за веќе видливо зголемување на зависноста на Србија од Кина, и во политичка и во финансиска смисла.
Наративите што ги претставуваат студентските и граѓанските протести како надворешно оркестрирани обиди за „обоена револуција“ најверојатно ќе продолжат да циркулираат во провладините и националистичките медиумски екосистеми, заедно со обидите за дискредитирање на организаторите на протестите, независните медиуми, изборните набљудувачи и организациите на граѓанското општество. Владините претставници, провладините таблоиди и блиските коментатори сè почесто ги врамуваат демонстрациите како дел од пошироки дестабилизирачки напори, наводно поддржани од странски актери, вклучително и земји членки на ЕУ и НАТО. Учесниците во протестите често се претставуваат како екстремисти, странски посредници или закана за националната стабилност, а во поблага форма како заведени или измамени граѓани.
Манипулативните наративи може да се обидат да ја минимизираат бројноста на протестите, да преувеличуваат или конструираат инциденти на насилство и да ја претставуваат самата политичка конкуренција како опасност за економската безбедност, институционалниот поредок и националниот суверенитет. Како што продолжуваат антивладините демонстрации, веројатно ќе се појавуваат и спротивставени наративи околу барањата за предвремени избори и изборни услови: поддржувачите ќе ги претставуваат како мерки за демократска отчетност, додека противниците ќе ги врамуваат како обиди за дестабилизација на институциите преку вонпарламентарен притисок.
Истовремено, пристапниот процес на Србија кон ЕУ најверојатно ќе остане централен извор на политичка поларизација. Обновениот европски надзор врз демократските стандарди, владеењето на правото, слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и изборните услови може да генерира засилена реторика за „двојни стандарди“, странски притисок и наводна антисрпска пристрасност во процесот на проширување.
Тековните консултации меѓу српски и различни европски претставници за демократското владеење и кредибилитетот на пристапниот процес може дополнително да ги засилат спротивставените наративи што го претставуваат Брисел или како неопходен демократски партнер, или како актер што се обидува да влијае врз внатрешните политички процеси во Србија. Прашањата поврзани со суверенитетот, политиката кон Косово и геополитичкото балансирање на Србија меѓу ЕУ, Русија и Кина најверојатно ќе останат централни теми во дезинформациското и политичкото комуницирање.
Дознајте повеќе
Препорачани недоамнешни публикации на тема информациски интегритет во регионот Западен Балкан
- Во потрага по вистината – документарен филм за текот на дезинформациите во регионот, продуциран од проектот Центар против дезинформации за Западен Балкан
- In Pursuit of Truth – documentary film about the flow of disinformation in the region by the Western Balkans Anti-Disinformation Hub
- Holding the Line: What Civil Society Needs to Stay Resilient Amid Democratic Backsliding – Mapping and Needs Diagnosis in Eastern Europe and Central Asia
- Enablers and Incentives of Election-Related Foreign Information Manipulation and Interference in North Macedonia
—
„Дизинфо радар: Следи и предупреди“ е месечна публикација, дел од системот за предупредување за рано предупредување за дезинформации во Западен Балкан базиран на податоци. Дизинфо радарот обезбедува однапред предупредување за очекувани настани на жариште кои веројатно ќе поттикнат дезинформативни наративи врз основа на анализата на проценка на ризикот од резултатите од континуираното следење на медиумите и претходното искуство со повторувачки кампањи за дезинформации.
Информациите што ги дава Дизинфо радарот се презентирани во концизен, лесен за читање формат и се дистрибуираат преку центарот за содржини antidisinfo.net, во форма на месечен билтен преку е-пошта и преку најпопуларните социјални мрежи во регионот.
Оваа публикација е информативна услуга произведена од Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со партнерска мрежа, вклучувајќи го Центарот за меѓународни и безбедносни прашања (ISAC), Sbunker, Faktoje.al, и Центарот за демократија и човекови права (CEDEM).
Оваа публикација е бесплатна и не смее да се продава. Ставовите изразени во публикацијата се ставови на авторите.




