Довербата на Украинците во Зеленски не е 42 проценти

Published on:

Не постои ниедно истражување на јавното мислење во Украина коешто е јавно достапно ,а во кое довербата во претседателот на Украина, Володимир Зеленски е 42 проценти. Има едно истражување спроведено од Интернационалниот институт за социологија во Киев според кое довербата во Зеленски е 62 проценти. Но, во претходно истражување од Галуп, довербата на Украинците во него е 81 процент, а довербата во армијата на Украина е 96 проценти. Исто така, во објавата се тврди дека Русија уништила 1.500 здравствени установи во Украина, а не се наведува дека дел од нив се веќе реставрирани или во фаза на реставрација. Што се однесува до бројот на загинати војници од украинска страна, тој податок може да се темели само на проценка, проекција или шпекулација, со оглед на тоа што Украина официјално не го соопштува бројот на загинати војници или војници кои биле тешко повредени

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Зеленски почна да ја губи популарноста во Украина?

Во склоп на објавата се споделува текст во кој пишува:

Во источна Украина продолжуваат жестоките борби. Украинското Министерство за здравство објави дека руските напади оштетиле повеќе од 1.500 здравствени установи од почетокот на војната. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу тврди дека Украина минатата година изгубила повеќе од 215.000 луѓе и 28.000 парчиња опрема. Тој додаде дека во исто време, украинските војници ги исцрпуваат своите ресурси, а на бојното поле нема резултати. Украинскиот оператор на електричната мрежа соопшти дека поради лошите временски услови и тешката зима, повеќе од стотици села и градови во девет региони останале без струја. Но она што најмногу ги загрижува украинските власти е моменталната популарност на Зеленски која се спушти на 42 проценти.

Она што се забележува во текстот е дека сите извори на кои се повикува  се еднострани. Написот се повикува само на руската страна кога тврди дека руските напади оштетиле повеќе од 1.500 здравствени установи од почетокот на војната.
Во веста за 1.500 здравствени установи кои биле оштетени од страна на Русија во воената инвазија врз Украина, недостасува информацијата дека од нив 474 се веќе целосно реставрирани, а други 383 се делумно изградени одново или се во процес на реставрација. Во објавата само се наведува бројот на уништени здравствени установи и се добива впечаток дека се надвор од употреба што не е случај. 
Потоа во објавата се цитира рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу кој тврди дека Украина минатата година изгубила повеќе од 215 илјади луѓе и 28 илјади парчиња опрема. Она што е сигурно, е дека украинските власти официјално не ги соопштуваат бројките на припадници на украинската армија кои загинале или биле тешко повредени во воената инвазија што Русија ја спроведува врз Украина. Таа бројка на починати и повредени се чува како тајна и затоа не може да биде официјално потврдена. Сите бројки за починати и повредени од која било страна се само проценки или проекции.

Како што пишува француски Ле Монд, од почетокот на руската инвазија врз Украина, бројот на убиени или ранети војници е една од најдобро чуваните тајни.

Оваа војна не е исклучок и да му се предадат вакви сензитивни информации на непријателот и да се деморализира своето население, не доаѓа предвид, пишува Ле Монд.

Така што, бројката од 215 илјади луѓе кои во оваа војна наводно ги загубила Украина не може да се потврди.

Во објавата која ја рецензираме исто како и во насловот, неатрибуирано на ниеден извор се тврди:

Но она што најмногу ги загрижува украинските власти е моменталната популарност на Зеленски која се спушти на 42 проценти.

Медиумот Њузвик на 10 јануари 2024 година објави текст во кој е презентирана анкетата, односно истражувањето спроведено од Интернационалниот институт за Социологија во Киев, од крајот на 2023 година. Во неа довербата на Украинците во Володимир Зеленски, не е 42 проценти како што невистинито се тврди во објавата која ја рецензираме, туку е 62 проценти. Не постои ниедна анкета, односно ниедно истражување на јавното мислење што е јавно достапно, а во кое довербата на украинскиот народ во Володимир Зеленски е 42 проценти.

На 18 декември 2023 година, Киев Индепендент ги има пренесено резултатите од анкетата. 

Според анкетата јавната доверба меѓу Украинците во претседателот Володимир Зеленски опаднала минатата година, но огромно мнозинство на Украинци ѝ веруваат на војската и на командантот Валериј Залужни.

 

Довербата во Зеленски опадна на 62 проценти споредено со 84 проценти во декември 2022 година. Огромно мнозинство од испитаниците од 96 проценти, верува во војската, бројка која остана стабилна од декември 2022 година. Вкупно 88 проценти од испитаниците одговориле дека му веруваат на Залужни, кој не беше вклучен во претходната анкета,пишува Киев Индепендент.

Во истражување на јавното мислење од октомври 2023 година, пак, рејтингот на Володимир Зеленски во Украина е висок слично на оној кој го имаше во почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година. Според податоците од Галуп, испитаниците одговарале во јули и август 2023 година, година и половина после воената инвазија, повеќе од 8 од 10 Украинци (81 процент) одговориле дека го поддржуваат нивниот лидер Володимир Зеленски.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно тврдењето дека рејтингот на Володимир Зеленски е 42 проценти. Според најновата анкета тој е 62 проценти, а според анкета спроведена неколку месеци претходно е 81 процент. Исто така, од 1.500 оштетени здравствени установи од страна на Русија, 474 се целосно реставрирани, а 383 се во процес на реставрација. Бројот на загинати припадници на украинските вооружени сили не е јавно откриен од страна на Украина.