Донациите за Украина не ја испразнија македонската Армија

Published on:

Вистиномер се обрати во Министерството за одбрана од каде велат дека во однос на поддршката за Украина, согласно податоците кои се јавно достапни, Р. С. Македонија досега има донесено 14 одлуки за воена и хуманитарна помош на Украина, а кај нас беше организирана и обука за украински војници (на полигонот „Криволак“). Овие донации не влијаат на борбената готовност на Армијата и се со согласност на Генералштабот. Македонската армија се модернизира, а донираната опрема за Украина не ја има осиромашено, односно не ја има „испразнето“ Армијата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Откако се испразнивме за Украина почнаа да пристигнуваат донации.

Во склоп на објавата е споделен текст во кое е пренесено соопштение од Норвешката амбасада која донирала 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила за потребите на АРМ, во донација која била најавена уште во 2023 година и со која може да се опреми еден лесен пешадиски баталјон.

Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна, се вели во соопштението од Норвешката амбасада и се додава дека донацијата е и индиректна донација за Украина, бидејќи Северна Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина и со норвешката донација, Северна Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле.

Вистиномер се обрати во Министерството за одбрана од каде велат дека во однос на поддршката за Украина, согласно податоците кои се јавно достапни, РС Македонија досега има донесено 14 одлуки за воена и хуманитарна помош на Украина, а во С. Македонија беше организирана и обука за украински војници (на полигонот „Криволак“).

Донациите содржат следен вид на воена опрема: ракетен систем, Тенкови Т-72, авиони Су-25, рачни бомби, ракети, самоодни лансирани орудија, гранати, автоматски пушки, муниција, мини и друго. На следниот линк можете да најдете информација за првите шест донации кои се декласифицирани што овозможи истите да бидат објавени на веб-страницата на Министерството. Тука е наведен видот на опремата, но не и количината бидејќи тоа е класифициран податок. Дополнително јавно соопштена информација е дека една од донациите содржи и хеликоптери на Армијата од типот Ми-24.

Би сакале да истакнеме дека секоја одлука за донација која е донесена е по претходна согласност и позитивно мислење од страна на највисокото стручно тело, Генералштабот на Армијата, што е доказ дека донирањето на воената опрема никако не влијае на борбената готовност на Армијата. Тоа е така, имајќи предвид дека донираната опрема во македонската Армија е утврдено дека е неперспективна, имајќи предвид дека Армијата функционира согласно највисоките стандарди на Алијансата. Од друга страна, Армијата на Република Северна Македонија е навлезена во процес на модернизација кој по обем е најголем досега од осамостојувањето. Одбранбениот буџет е историски највисок досега, односно изнесува 327 милиони евра, или 2,05% од БДП, а за модернизацијата и опремувањето на Армијата повеќе години наназад се одвојува околу една третина од овој буџет. За модернизација на Армијата во 2024 година ќе се одвојат речиси 100 милиони евра, велат од Министерството за одбрана за Вистиномер.

Министерството е исклучително транспарентно во однос на новата опрема со која се снабдува Армијата. Од јавно достапните податоци не може да се каже дека Армијата се „испразнила“ затоа што нејзините капацитети постојано се обновуваат и тоа со понова и посовремена опрема, а донираната за Украина е од онаа опрема што бездруго се менува, односно се обновува со посовремена. Тоа го покажува и одговорот од самото Министерство за одбрана.

Како што е познато во јавноста, во процес на набавка сме на најсовремени американски лесни оклопни возила JLTV од кои досега се пристигнати 32 и истите се ставени во употреба во единиците на Армијата, а целиот проект се очекува да заврши до 2027 година. Во процес на набавка се и американски оклопни возила од типот Stryker, системи за противвоздушна одбрана Mistral 3 од Франција, артилериски системи од Турција, како и осум нови повеќенаменски хеликоптери од реномираната италијанска компанија Леонардо за кои информиравме детално. Проектите за набавка течат согласно планираната динамика утврдена со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година, велат за Вистиномер оттаму.

Точно е дека Македонија има донирано опрема за Украина, но како што во повеќе наврати има објаснето министерката за одбрана Славјанка Петровска, тоа нема да ја засегне борбената готовност на АРМ. Конкретно тенковите кои беа донирани не биле дел од формацијата на АРМ. Министерката Петровска, исто така, истакна дека земјава за помалку од една година од САД добила 139 милиони долари директна финансиска поддршка за одбраната, што е неколкукратно повеќе од вредноста на она што земјава досега ѝ го донира на Украина. Овие пари, вели Петровска, ќе се користат за реализирање на планот за модернизација на нашата армија.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во објавата се пропушта контекстот кога се кажува дека „сме се испразниле па почнале да пристигнуваат донации“. Точно е дека АРМ и Минситерството за одбрана доделија воена и хуманитарна помош за Украина, но тоа не значи дека одбрамбените капацитети на земјата се „испразнети“ зашто доделената опрема постојано се заменува со нова, а дел од неа не ни беше во формацијата на АРМ.