Зеленски не е син на Сорос

Published on:

Таткото на Зеленски не е Џорџ Сорос туку Олександр Зеленски, професор и компјутерски научник, претседател на одделот за кибернетика и компјутерски хардвер на Киевскиот Рих Стејт Универзитет за економија и технологија. Мајката на Зеленски е Рима Зеленска, која работела како инженер. Дедото на Володимир Зеленски, Семјон Иванович Зеленски служел во армијата за време на Втората светска војна. Таткото на Семјон и тројцата негови браќа биле убиени во холокаустот

 

Рецензираме објава споделена на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Зеленски е син на Сорос. Евреин хазар.

Украинскиот народ не е негов.

Додека се освестат ќе ги снема.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, роден на 25 јануари 1978 година, не е син на милијардерот Џорџ Сорос. Тој  украински политичар и поранешен актер, а од 2019 година е претседател на Украина. Зеленски е роден во украинско еврејско семејство. Пред да почне да се занимава со актерство, завршил правен факултет на Киевскиот национален економски универзитет. Таткото на Зеленски не е Џорџ Сорос, туку Олександр Зеленски, професор и компјутерски научник, раководител на Катедрата за кибернетика и компјутерски хардвер на на Киевскиот Рих Стејт Универзитет.

Мајката на Зеленски е Рима Зеленска, која работела како инженер. Дедото на Володимир Зеленски, Семјон Иванович Зеленски служел во армијата за време на Втората светска војна. Таткото на  дедо му Семјон и тројцата негови браќа биле убиени во холокаустот. Во март 2022 година Зеленски објави дека неговите дедовци биле убиени откако германски војници го запалиле нивниот дом за време на масакр. Проверувачите на факти на Асошиејтед Прес веќе имаат дебанкирано слични тврдења кои исто така го поврзуваа Володимир Зеленски со Сорос, ама тогашната дезинформација беше дека биле братучеди, што, исто така, не е вистина.

Институтот за стратешки дијалог, има објавено дека теориите на заговор за Хазарите, полуномадски турски народ кој основал голема империја Хазарија меѓу Источна Европа и Западна Азија во средниот век, се раширени во заговорнички, десничарски екстремистички заедници на интернет пред руската воена инвазија врз Украина.

Со оглед на тоа што Хазарија ја опфаќаше модерната југоисточна Русија, јужна Украина, Крим и Казахстан, тие се здобија со посебна географска важност среде војната во Украина. Хазарите станаа популарна точка за разговор меѓу теоретичарите на заговори поради тврдењето дека Хазарскиот народ или барем нивните елити, масовно преминале во јудаизам во текот на 8 век. Недостигот на веродостојни, современи извори на истражување за Хазарите го отежнува одредувањето колку е точно ова тврдење. Хазарија била заборавена со векови додека не била повторно откриена меѓу раните ционисти во 19 век, кои биле заинтересирани за она што го гледале како потенцијално историска еврејска држава. Иако се чини дека имало преобраќање во јудаизам меѓу Хазарите, степенот на конверзија во јудаизам кај поширокото население останува нејасен.

Голем дел од современиот интерес за Хазарите од страна на теоретичарите на заговор може да се поврзе со книгата Тринаесеттото племе напишана од унгарско британскиот автор Артур Кестлер во која тој ја претставува многу спорната теза дека Евреите Ашкенази се потомци на преобратените Хазари, а не на антички Израелци. Кестлер бил свесен дека неговата теорија може да се искористи за делегитимирање на државата Израел, пишува во анализата на Институтот за стратешки дијалог.

Теоријата на Кестлер е инструментализирана за промоција на антисемитизмот. Термините Хазари и Хазарска мафија се користат за опишување на еврејскиот народ, слично како што се користат Ротшилд и Ционист, за да се ублажат преку таквите ословувања јасните антисемитски изјави. Тврдењето дека Ашканазите не се потомци на Израелците, туку Хазарите, многу подмолно им дозволува на антисемитистите да се преправаат дека тие се противат само на „лажните Евреи”. Таков наратив се промовира и во објавата што ја рецензираме во делот каде се вели дека украинскиот народ не е на Зеленски.

Теориите на заговор за наводната хазарска контрола на Украина се различни и честопати контрадикторни. Сепак, на крајот, сите тие се обидуваат да ја легитимираат руската инвазија преку обезличување на Украинците и претставување на воените злосторства извршени од руските сили како прифатливи средства за уништување на потомците на „злобната раса”, се наведува во анализата.

Украина е независна, демократска држава со свој територијален интегритет и суверенитет кој беше нападнат од страна на Русија со неиспровоцирана воена инвазија која доведе до огромни човечки жртви, материјални штети, раселување на населението, а сето тоа за да се одбрани татковината Украина. Володимир Зеленски во текот на целата воена инвазија остана во Украина и ја координира надворешната и внатрешната состојба на својата држава и го храбри својот народ во битката за слобода и одбрана на суверенитетот.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.