Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани

Published on:

Фондацијата „Метаморфозис“ и Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс) низ интердисцилинарен процес на широки консултации преку соработка со меѓународните и регионални партнери, во кои спаѓа и меѓународната конференција „Заедно за вистината: Сеопфатен пристап на целото општество за заштита на демократијата“ одржана во април 2025 во Скопје, изработи Документ за позиција во форма на Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани.

Системската злоупотреба на информацискиот простор преку дезинформациски кампањи ја зголемува ерозијата на јавната доверба што ја доведува до криза на демократскиот систем. Западниот Балкан, како еден од најранливите региони во Европа, се соочува со сериозни предизвици во зачувувањето на интегритетот на демократските институции и процеси, поради отсуството на регулатива усогласена со европските стандарди и недостаток на координирана акција на демократските актери, за зачувување на демократските институции. За таа цел, Фондацијата „Метаморфозис“ и Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс) го изработи следниот:

Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани, кој се базира на следниве клучни елементи:

  • Сеопфатен пристап на целото општество: Вклучување на институциите, медиумите, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор во еден заеднички, координиран пристап насочен кон заштита на демократскиот поредок;
  • Координирана акција: Синхронизирано делување на национално, регионално и европско ниво, базирано на блиска соработка и размена на информации меѓу сите демократски актери;
  • Сразмерен буџет: Обезбедување на финансиски средства пропорционални на инвестициите на антидемократските актери.
  • Паметно и стратешко делување: Фокусирање на разбирање на целите и стратегиите на манипулативните кампањи, со приоритет на аналитички пристап и прецизна реакција.
  • Заеднички регионален стратешки пристап кон иста цел и единствена регионална стратегија: Формулирање и имплементирање на една регионална стратегија за справување со информациските закани, која ќе ги обедини напорите на сите земји од Западен Балкан. Ваквиот координиран пристап е во согласност со процесот на евроатланска интеграција, кој опфаќа градење механизми за отпорност на национално ниво кои не се само суштинска потреба, туку и обврска во процесот на интеграција во ЕУ за земјите кандидатки, во областите на слобода на изразување и надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

Имплементацијата на ваквиот патоказ придонесува за реализација на долгорочните приоритети:

  • Зачувување на интегритетот на изборите, преку институционално зајакнување, механизми за набљудување и брза реакција, заштита на граѓаните од манипулативни содржини преку дигиталните платформи.
  • Регулација на дигиталните онлајн платформи: Воведување законска рамка за транспарентност на алгоритмите, одговорност за штетна содржина и заштита на корисниците, особено малолетниците, преку итна хармонизација со законодавството на Европската Унија, првенствено Законот за слобода на медиумите и Законот за дигитални услуги.
  • Демонетизација на дезинформациите: Стимулирање на информацискиот интегритет преку економско ослабување на дезинформациските извори и поттикнување на етички медиумски практики.

Документот за позиција во форма на Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани решението го наоѓа во сопфатниот пристап на целото општество (анг. whole-of-society approach), кој подразбира интегрирана акција на сите општествени чинители за јакнење на отпорноста кон информациските манипулации и странските влијанија. Само преку системски, координиран и долгорочен пристап, демократските општества во балканскиот регион ќе можат да изградат вистинска отпорност кон информациските закани и да го заштитат правото на граѓаните да носат информирани одлуки во еден транспарентен и демократски амбиент.