Петровска никогаш не изјавила дека ѝ објавува војна на Русија

Published on:

Доколку Петровска некогаш кажала вакво нешто, за тоа ќе имаше записи на сите медиуми, како домашни така и странски. Но, такво нешто не може да се најде на интернет просторот, ниту во пишана, ниту во аудио или видео форма. Секако, во случај Петровска да изјавеше вакво нешто, за тоа ќе имаше соодветна реакција и од страната на којашто наводно таа и објавува војна, а тоа е Русија. Но, ни вакво нешто не постои

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека министерката за одбрана Славјанка Петровска наводно изјавила дека ѝ објавува војна на Русија. Ова не е вистина, Петровска никогаш нема изјавено вакво нешто, ниту пак, било што слично.

Славјанка, НАТО генералката е, единствен министер во светот чија втора изјава и , е објавување војна на Русија, а првата, дека месото што го дава на војниците не е расипано.Ако навистина е сериозна во намерата да ја нападне Русија тогаш, ја советувам денски да ја нападне оти ноќе не летаат нејзините авиони. Аххх ќе заборавев: Славјанкеее купи им и чизми на војниците за да не ти одат пеш со патики

Фејсбук објавата којашто е предмет на оваа рецензија, шири невистина дека министерката за одбрана Петровска изјавила дека ѝ објавува војна на Русија. Вистината е дека Петровска никогаш нема изјавено вакво нешто, во ваков или каков било сличен контекст на оној на којшто алудира објавата.

Минатата година во февруари, кога Русија ја започна воената агресија врз Украина, министерката Петровска го осуди овој чин, но ни тогаш, ни никогаш досега не изјави дека ѝ објавува војна на Русија.

Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа, рече Петровска.

Доколку Петровска, некогаш кажала вакво нешто, за тоа ќе имаше медиумски записи на сите медиуми, како домашни така и странски. Но, такво нешто не може да се најде на интернет просторот, ниту во пишана, ниту во аудио или видео форма.

Секако, во случај Петровска да изјавеше вакво нешто, за тоа ќе имаше соодветна реакција и од страната на којашто наводно таа и објавува војна, а тоа е Русија. Но, ни вакво нешто не постои.

Освен тоа, Македонија е членка на НАТО, па во никој случај не може кога било и на кој било начин да објавува војна на друга земја, а најмалку на Русија. Тоа е во најмала рака нелогично и бесмислено.

Северноатлантскиот договор (НАТО) потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година во првиот член предвидува меѓународните спорови да се решаваат мирно.

Член 1:

Страните се обврзуваат, како што е наведено во Повелбата на Обединетите нации, да го решат секој меѓународен спор во кој можат да бидат вклучени со мирни средства на начин што меѓународниот мир и безбедност и правда не се загрозени, и да се воздржат во нивните меѓународни односи од закана или употреба на сила на кој било начин што не е во согласност со целите на Обединетите нации.

Единствената објава што на интернет може да се најде во овој контекст е текстот со насловСЛАВЈАНКА Ѝ ОБЈАВИ ВОЈНА НА РУСКАТА: Во иднина ќе спремам само украинска салата!, којшто и повеќе од јасно е дека е само сатиричен текст.

Според сите наведени факти, заклучуваме дека министерката за одбрана Петровска никогаш нема изјавено дека ѝ објавува војна на Русија.