Објава на руски блог којашто е нечие лично мислење, се пренесува прво во бугарски медиуми, па на крај во македонски медиуми и на социјални мрежи, каде што ѝ се прикачува наводен цитат од Путин за поделба на Бугарија, што тој никогаш не го кажал
На објава во Фејсбук групата Македонци vs Бугараши споделен е исечок од медиумска објава во која се тврди дека рускиот претседател, Владимир Путин побарал Бугарија да се дели на три дела. Ова не е вистина, изјавата е измислена.
Објавата споделена во Фејсбук групата Македонски vs Бугараши добива големо внимание по споделувањето на медиумски исечок со наслов:
ВОНРЕДНО: Путин бара фашистичка БУГАРИЈА да се ДЕЛИ на три дела
Насловот на објавата почнува со зборот ВОНРЕДНО со големи букви, но сепак иако зборот укажува дека се работи за нешто сосема ново и многу важно, не станува збор за такво нешто.Овој исечок е всушност од медиумски напис објавен минатата година во јануари, така што објавата ниту е вонредна, ниту е нова, а исто така е и неточна.
Имено, текстот со истиот наслов кој е објавен на порталот Мкденес, е всушност текст преземен од бугарскиот медиум faktor.bg, кој овој напис го презел од рускиот пропаганден медиум putin-today.ru.
Но, во ниту една од објавите, ниту во бугарските медиуми, ниту во рускиот медиум не се вели дека Путин некогаш, кога било изјавил дека бара фашистичка Бугарија да се дели на три дела. Ваква негова изјава не може да се најде никаде, ниту во кој било светски познат медиум, ниту има такви објави во руските медиуми. Секако, Путин доколку некогаш изјавил вакво нешто, тоа ќе било пренесено од повеќе медиуми и ќе имаше реакции од многу светски лидери, затоа што ваквата изјава навлегува во територијалниот суверенитет и интегритет на друга земја, особено затоа што таа друга земја е членка и на Европската Унија, но и на НАТО.
Написот и драмата којашто го следи, потекнува од објава на руски пропаганден медиум putin-today.ru. Целиот портал изобилува со пропагандни објави, голем дел од нив се исклучително сензационалистички, а дел од нив се и невистинити. Конкретниот напис е само нечие издвоено мислење, бидејќи е коментаторски напишан и се наоѓа во категоријата блог. Всушност, тоа не му е ни оригиналната објава затоа што на крајот на написот стои името на авторот Mamomot, а под него линк од веб-страницата telegra.ph. На оваа веб-страница telegra.ph секој може да напише што било и тоа да биде објавено. Никако не станува за релевантен медиум кој објавува точни и проверени информации и медиум којшто треба да биде пренесуван и цитиран, а уште помалку преведуван во неколку држави. Во целиот напис никаде, во ниту еден момент не се спомнува името на Путин. Никаде не пишува дека тоа е негово мислење и дека тој сметал и некогаш кажал дека Бугарија мора да се подели на три дела. Тоа е мислење на самиот автор. Исто така, ни во текстот пренесен од putin-today.ru не се спомнува името на Путин.
Бугарскиот медиум Фактор.бг кој прв на бугарски го пренел рускиот напис во насловот вели:
„Putin today“ сака „нацистичка“ Бугарија да биде избришана и поделена меѓу Србија, Турција и Русија.
Но, ниту бугарскиот медиум не тврди дека ова е мислење на Путин и дека тој некогаш ги изговорил овие зборови, само го преведува текстот од рускиот медиум, во којшто ниту еднаш не се спомнува името на рускиот претседател.
Од тој текст на бугарски Фактор стигнуваме до објавата на македонскиот портал Мкденес на почетокот на 2023 година, која го пренесува текстот како да е мислење на Путин. Па затоа и во насловот е изваден наводен цитат на Путин во кој тој говори за поделба на Бугарија. Цела година после тоа, оваа непостоечка изјава на Путин се споделува како исечок во Фејсбук група и добива големо внимание како да е вистинска и сегашна.
Притоа се споделува во Фејсбук група Македонци vs Бугараши, во која има разни расправии за потеклото на Македонија, тврдењата на Бугарија за македонската историја како и за спорот помеѓу овие две земји кој е пречка на патот на Македонија кон Европската Унија. Иако текстот со новодната изјава на Путин нема никаква врска со Македонија, сепак поголемиот дел од коментарите на објавата се однесуваат на македонско-бугарскиот спорт.
Од сите наведени факти можеме да заклучиме дека оваа вирална објава е невистинита. Путин никогаш не рекол дека Бугарија треба да се дели на три дела, станува збор за измислен наслов закачен на коментаторски текст од руски блог.