Русија не победува на сите фронтови

Published on:

Руската армија има извесен напредок, но не на сите фронтови, туку главно во Донецката област, а рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу соопштува за заземање на села како Богдановка, Новомихајловка и Первомаjское, што за една суперсила не е баш некаков блескав успех. Русија до ден денес нема контрола над сета Донецка област (над Славјанск, Краматорск итн.), а да не говориме за поамбициозни планови како што е офанзива на Одеса – како што навивачки најавува оваа објава на Фејсбук. Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа сосе Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 г. За една суперсила, која наводно „успешно напредува“, тоа е мошне малку, а состојбата не се има значајно променето веќе подолго време

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

ЕКСКЛУЗИВНО

Руската армија успешно напредува на сите фронтови.Украинците се повлекуваат насекаде. Наскоро следува офанзива на Одеса.

Изложеното не е поткрепено со факти, а тие го говорат следново. Руската армија има извесен напредок, но не на сите фронтови, туку главно во Донецката област, а рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу соопштува за заземање на села како Богдановка, Новомихајловка и Первомаjское, што за една суперсила не е баш некаков блескав успех.

Ова потсетува на сензационализмот со кој не така одамна беше јавено за заземањето на Авдеевка. Тоа е гратче на петнаесетина километри од Доњецк, но нејзиното заземање траеше 2 години (всушност 10 години ако сметаме од почетокот на Донбаската војна и нападите од страна на т.н. ДНР). Тоа не е успешен напредок ни по една дефиниција. Со вакво темпо, за целосна победа би биле потребни децении.

Наводно, гратчето Часив Јар е планирано да се заземе до Денот на победата – 9 Мај, за на руската јавност да ѝ се испорача барем некаков успех. Toа толку недостасува, што заземањето на ова разурнато гратче со 12 илјади жители, од кои всушност само неколку стотини се останати, сега се претставува како успех.

Русија до ден денес нема контрола над сета Донецка област (над Славјанск, Краматорск итн.), а да не говориме за поамбициозни планови како што е офанзива на Одеса – како што навивачки најавува објавата на Фејсбук. Но, по релевантните светски медиуми нема прогнози за такво нешто, а причините најверојатно се следни.

Како прво, Русија се покажа неспособна за освојување на поголеми градови. Во сеопфатната инвазија започната на 24.2.2022 г., Русија успеа да заземе само еден единствен областен центар во Украина, Херсон, но го загуби на 11.11.2022 г. Како второ, кај Одеса проблем е и нејзината географска положба, која е некако понастрана. Поморски десант е невозможен, затоа што една третина од руската Црноморска флота е наводно потопенa или оштетенa. По потопувањето на крстосувачот „Москва“ на 14.4.2022 г. и сличните инциденти, за Црноморската флота е веќе опасно да престојува во украинските води, па добар дел од неа дури беше евакуиран од Севастопол во руското пристаниште Новоросијск. Заземање на Одеса со копнени сили е, исто така, неизведливо, затоа што тоа би подразбирало долго патување до неа преку непријателска територија.

И најпосле, офанзива врз Одеса нема смисла кога војната веќе одамна е преселена во самата Русија, особено со украинските бомбардирања на Белгород, па приоритет за неа сега е создавање на тампон- зона, т.е. оттурнување на Украинците колку што е можно подалеку од себе, за нивното оружје да нема доволно домет да погоди цели во Русија.

Во таа смисла, пологична би била офанзива во Харковската област, што аналитичарите веќе го разгледуваат. Во 2022 г. руските сили беа поразени во битката за Харков, а иако успеаја да заземат дел од областа, тие набргу беа истерани оттаму, па сега сакаат да се вратат. Но, напредокот е слаб, а заземени се само некои села на нејзините маргини (на пр. Кисловка). Но и тоа е прашање, имајќи ги предвид честите лажни вести од Русија.

И иако украинските сили понекаде се повлекуваат, тоа не значи насекаде – како што тврди објавата на Фејсбук. Треба да се има предвид и дека во Херсонската област и добар дел од Запорошката, линијата на фронот ја следи реката Дњепар, која претставува природна бариера, па таму не може да има напредување на руските сили, а со тоа и повлекување на украинските. Тоа е аргумент повеќе против тврдењето дека „Руската армија успешно напредува на сите фронтови“. Дури напротив, имаше тврдења дека украинските сили на некои места го препловиле Дњепар и зазеле позиции од другата страна.

Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа сосе Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 г. За една суперсила, која наводно „успешно напредува“, тоа е мошне малку, а состојбата не се има значајно променето веќе подолго време.

Се разбира, војната не е завршена и можни се и промени, но ситуацијата сега не соодветствува со она што е наведено во објавата којашто тука ја рецензираме. Затоа, заклучуваме дека таа е делумно невистинита.