РУСКИОТ РАДИОДИФУЗЕН ЦЕНТАР НА БАЛКАНОТ

Published on:

КОСОВСКИТЕ СРБИ СЕ НА УДАР НА РУСКИ ДЕЗИНФОРМАЦИИ.

Пишува: Ардит Кика – 4.10.2023 година

Во продавниците и во киосците на косовските општини со српско мнозинство, почнувајќи од Зубин Поток, па сè до Грачаница, можат да се најдат дневни весници на српските провладини таблоиди какви што се „Новости“ (Novosti), „Ало“ (Alo) и „Српски Телеграф“ (Srpski Telegraf). Овие весници не само што ги поддржуваат и ги одразуваат политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ, туку и ја изразуваат нивната поддршка за рускиот претседател Владимир Путин.

Србија е единствената земја на Западен Балкан што не ги поддржа санкциите кон Русија поради нејзината целосна инвазија на Украина. Насловите на првите страници од овие српски таблоиди – честопати напишани со големи букви – постојано даваат поддршка за руската инвазија.

Овие дневни весници толку ја поддржуваат Русија што понекогаш преземаат цели статии од руски медиумски портали, ги преведуваат и ги објавуваат без уредување. Претходната година, во српскиот весник „Вечерње новости“ (Večernje Novosti) беше објавена преведена статија од руски медиумски портал каде што руските вооружени сили беа наречени „нашата армија“, а украинските вооружени сили „непријателот“.

Српските медиумски портали преведуваат и објавуваат статии од руски медиуми без уредување и ги нарекуваат украинските вооружени сили „непријателот“.

Косовските Срби директно се изложени на проруски наративи благодарение на провладините српски таблоиди и телевизиски канали. Според една анкета од Националниот демократски институт (НДИ), во периодот помеѓу 16 мај и 5 јуни 2023 година, за време на насилните демонстрации на северот од Косово, косовските Срби најмногу гледале српски канали. Кога велиме српски канали, претежно станува збор за провладини канали какви што се ТВ Пинк и Хепи ТВ, кои исто така ги поддржуваат руските владини политики.

Постои јасна поврзаност меѓу медиумите на кои се изложени и во кои веруваат Србите во Косово и во Србија.

Според резултатите од анкетата на Евробарометар пролетта 2023 година, во чии рамки беа испитани ставовите во ЕУ и во соседните земји, Србија најмногу се противи на санкциите кон Русија, а дава најголема поддршка за инвазијата на Украина. Исто така, Србија е најмалку наклонета кон членство во ЕУ, а косовските Срби се понаклонети кон Кина и Русија отколку кон ЕУ, САД или НАТО.

Преку своите медиумски наративи, Русија има за цел да го наметне своето влијание на Балканот, да промовира непријателски ставови кон НАТО и Европа и да креира нестабилност. Го прави сето тоа за да ја поткопа евроатлантската интеграција на регионот. Главно средство за ширење такви наративи се токму српските медиумски портали.

Србија: Рускиот радиодифузен центар на Балканот

Руските државни медиуми што беа санкционирани од ЕУ поради нивната улога во руската хибридна војна, си најдоа засолниште во Србија. Освен „Спутник Србија“ (Sputnik Srbija), минатата година почна со работа и српскиот медиум „Раша тудеј Балкан“ (Russia Today Balkan).

Во Косово лани беа забранети четири руски кабелски канали и беа блокирани домените на шест веб-локации за вести, вклучувајќи ги rt.com и Sputniknews.com. Меѓутоа, може да се пристапи до нив со помош на виртуелна приватна мрежа (VPN). Порталите RT.rs и Sputnikportal.rs, кои објавуваат содржини на српски јазик, сè уште се достапни во Косово.

Според Стефан Јањиќ, главен и одговорен уредник на српската веб-локација за проверка на факти „Фејкњус трагач“ (FakeNews Tragač), причините поради кои во Србија се шират руски содржини се протегаат подалеку од српските граници.

„[Русија] знае дека ако инвестира во Србија, ќе влијае врз другите земји во регионот, какви што се Босна, Хрватска и Црна Гора, затоа што главно сите зборуваме на ист јазик. Значи, кога ќе прикачите некоја порака на интернет, таа веќе нема граници и почнува да се шири во сите делови од поранешна Југославија“, истакна Јањиќ.

И руските државни медиуми и српските провладини медиуми го користат Косово како простор за пласирање неосновани приказни. Јањиќ вели дека Косово честопати се споменува во дискусии што се водат на српските провладини телевизии на тема руската војна во Украина.

Коментаторите на ТВ Пинк и на Хепи ТВ ја промовираат приказната дека Русија е важен столб на српската надворешна политика, односно дека е столб што ѝ помага на Србија да го изолира Косово на меѓународен план и да го одржи во живот тврдењето дека Косово сè уште ѝ припаѓа на Србија.

„Едно од пореалистичните тврдења е дека Србија треба да ја поддржи Русија во војната и да одржува цврсти економски и политички врски со неа, затоа што Русија ја поддржува Србија кога станува збор за членството на Косово во ОН“, нагласува Јањиќ.

Србија постојано се труди да ја уништи желбата на Косово да стане земја членка на меѓународни организации како што се ОН и да спречи дополнително признавање на Косово како независна држава на меѓународен план. Русија најмногу ја поддржува Србија во овие напори. Впрочем, таа се закани дека ќе го искористи своето право на вето во Советот за безбедност на ОН доколку членството на Косово се стави на маса.

Јањиќ нагласува дека коментаторите, експертите и аналитичарите што гостуваат во српските дебатни емисии, зборуваат за можноста за повторна окупација на Косово користејќи еуфемистички поими како што е „реинтеграција“.

„Второто тврдење што се споменува во дебатните емисии е целосно нереалистично и вели дека штом Путин ‘ќе си ја заврши работата’ во Украина, ќе ѝ помогне на Србија да го ослободи Косово и да го ‘реинтегрира’ во Србија“, објаснува Јањиќ.

Помислата дека Србија повторно ќе преземе контрола врз Косово е составен дел од српскиот националистички дискурс што често се појавува во визуелните обележја и во реториката на српската екстремна десница. Понекогаш овие визуелни обележја имаат црковна тематика. Понекогаш, пак, повикуваат на војна и се милитаристички.

Во август годинава, за време на еден натпревар против италијанскиот тим Фиорентина, навивачите на српскиот фудбалски тим Црвена звезда се поставија во форма на тенк и држеа транспарент на кој пишуваше: „Kada se vojska vrati na Kosovo“ [„Кога војската ќе се врати во Косово“]. Руските медиуми подоцна пренесуваа дека руските фудбалски навивачи развејувале транспаренти со овој слоган во многу градови низ цела Русија. Слоганот исто така се развејувал во Зубин Поток во септември годинава. Во проруските групи на „Телеграм“ циркулираше тврдењето дека руските војници користат муниција со слогани како „за српско Косово“.

За време на натпревар против италијанскиот тим Фиорентина, навивачите на српскиот фудбалски тим Црвена звезда се поставија во форма на тенк и држеа транспарент на кој пишуваше: „Kada se vojska vrati na Kosovo“ [„Кога војската ќе се врати во Косово“].

Ултранационалистички пораки на „Телеграм“ не шири само екстремната десница, туку и српските и руските лидери.

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија, неосновано изјави дека платеници од Косово, Албанија и од Босна и Херцеговина се борат во Украина на страната на украинските вооружени сили. Во 2022 година, додека траеја тензиите на северот од Косово, Вучиќ даде лажна изјава дека Черкезите и Чеченците од Русија оделе на северот од Косово да убиваат Срби.

Путин го искористи прогласувањето на независноста на Косово како преседан за да ја оправда руската инвазија на регионите Доњецк и Луганск во Украина и обидот за припојување кон Русија.

„За време на кризата во Косово, Меѓународниот суд на правдата одлучи дека за прогласување независност на дел од некоја територија или држава, не е потребна дозвола од централните власти“, изјави Путин на 7 септември 2022 година. Во 2010 година МСП одлучи дека со прогласувањето на косовската независност, не е прекршено меѓународното право. Меѓународниот кривичен суд исто така издаде налог за апсење на Путин на 17 март поради неговата вмешаност во воени злосторства на окупираните територии на Украина.

Русија ја искористи одлуката на МСП за да ја легитимира руско-грузиската војна во 2008 година и анексијата на полуостровот Крим во 2014 година од Украина. И покрај тоа, таа е против независноста на Косово.

Сепак, Косово и украинските региони имаат различни меѓународни политички контекстиразлични уставни уредувања и историја на референдуми. И покрај многуте разлики, Русија се обидува да се оправда за војните што ги започнала со законитоста на прогласувањето на независноста на Косово, иако таа самата не го признава Косово.

Во провладините српски медиуми, Путин се величи како заштитник на Србија и на нејзиното право на Косово. Но, кога тој ја користи одлуката на МСП за Косово за да им даде легитимитет на своите иницијативи, српските провладини медиуми го напаѓаат.

По таквите негови изјави, „медиумите во Србија пишуваа дека ‘Путин ѝ заби нож во грб на Србија и го замени Косово за Донбас’“, истакна Јањиќ цитирајќи една статија објавена во „Српски Телеграф“. На насловната страница на таблоидот „Блиц пишуваше дека „Путин заборави на Србите и на Косово поради својата војна“.

Меѓутоа, тие несогласувања не траат долго, а наративите обично се поклопуваат благодарение на поддршката што произлегува од инвестициите на руската влада во српските медиумски портали, кои служат како радиодифузен центар за Балканот.

Неосновани тврдења за Косово

Руските државни медиуми ги обвинуваат Косово и САД за тензиите и постојано тврдат дека косовските Срби се изложени на етничко чистење, дека се киднапирани или дека им се закануваат политички тужби. Притоа, телевизиските коментатори на „Раша тудеј“ (Russia Today) и на „Спутник“ (Sputnik) постојано ги поедноставуваат случувањата во областа на политиката, на безбедноста и на правосудството.

Руските државни медиумски портали што се активни во Србија, „Спутник Србија“ и РТ Балкан (RT Balkan), ги интервјуираат проруските аналитичари и ги претставуваат како факти неоснованите и пропагандистички тврдења за Косово. Аналитичарите и креаторите на јавното мислење шират лажни тврдења за косовскиот премиер Аљбин Курти, тврдејќи дека тој бил „духовен водач на Ослободителната војска на Косово (ОВК)“ и дека бил „нацист“, односно потомок на албанската националистичка група Бали комбетар, која во Втората светска војна соработувала со нацистите.

ОВК е претставена како терористичка организација и за неа лажно се тврди дека сè уште постои и не е разоружена. Во наративите на „Спутник“, Србија и Србите се претставени како единствени жртви од распадот на Југославија.

Во едно интервју за „Спутник“, Стеван Гајиќ во својство на експерт го критикуваше притисокот што се врши врз Србија за да воведе санкции кон Русија и, како што вели тој, да се одрече од преостанатиот суверенитет. „На тој начин, Србија апсолутно би се самопоништила и би го подигнала нивото на колонијални односи, односно ние би се ставиле на страната што нè убиваше“, потенцира тој алудирајќи на бомбардирањето на НАТО од 1999 година.

Србија смета дека влошувањето на нејзините односи со Русија, претставува егзистенцијална закана и дека ќе доведе до воспоставување врски со западните сили, кои честопати се прикажуваат како злонамерни. Според политичкиот аналитичар Агон Малиќи, кој ги следи геостратегиските цели на Русија, во руските наративи се повторува тврдењето дека Косово е „срцето на Србија“, а Западот е претставен како непријател.

Малиќи го објаснува наративот на следниов начин: „Западот не само што ви го одзеде Косово, туку сега сака и да ве истреби оттаму. Затоа, ова е борба за ‘срцето на Србија’ – сакаат да ви наштетат, а ние [Русија] сакаме да ви помогнеме. Тоа е замислата.“

Начелно, тврдењата на гостите во интервјуа се третираат како факти, а медиумските портали не се обраќаат до судовите, полицијата или до Владата на Косово за да добијат коментар или да ги чујат нивните ставови.

Вакви интервјуа се прават кога има тензии на северот од Косово, што особено беше случај во 2022 и 2023 година. Притоа, руските медиумски портали често изоставуваат клучни факти за случувањата на терен и ја префрлаат вината за тензиите врз ЕУ и САД.

Минатата година дојде до разгорување на тензиите откако Косово донесе одлука за забрана на регистарските таблички што српските органи ги издаваа за косовски градови, а многу косовски Срби сè уште ги користеа. На 1 ноември 2022 година влезе во сила првата фаза од спроведувањето на одлуката. На полицијата ѝ беше наредено да им пишува опомени на сите што управуваат со возила со забранети таблички. Како одговор на тоа, Српска листа, водечката политичка партија на косовските Срби што добива поддршка од Белград, поттикна процес на масовни оставки на Срби што работеа во државните институции во Косово.

Поради оставките на градоначалниците и на пратениците, Косово беше принудено да распише предвремени избори. Изборите беа закажани за декември 2022 година, но по нападот на канцеларијата на Изборната комисија и оставките на општинските изборни службеници, претседателката Вјоса Османи одлучи да ги одложи изборите по консултација со политичките партии и со претставници на ЕУ и на САД.

На 23 април 2023 година се одржаа вонредни локални избори на северот од Косово, но поголемиот дел од Србите ги бојкотираа изборите. Како резултат на тоа, за градоначалници беа избрани Албанци со многу мал број гласови во општините со српско мнозинство. Кога новоизбраните градоначалници се обидоа да влезат во општинските згради со полициска придружба, наидоа на отпор од Србите што излегоа на протест.

За време на летото, жителите на Лепосавиќ, на Звечан и на Зубин Поток организираа протести за да ги спречат градоначалниците да ги користат општинските згради, но протестите набрзо станаа насилни. На снимките се гледа како демонстрантите ги напаѓаат силите на КФОР, полицијата и новинарите. Деведесет и три припадници на КФОР беа ранети во напади со камења, шок-бомби и огнено оружје. Исто така, српските демонстранти на возилата што им припаѓаат на полицијата, на новинарите и на КФОР, ја испишуваа буквата „Z“, симбол карактеристичен за руската провоена пропаганда.

Никој од функционерите во Косово или во Србија, вклучувајќи го и Вучиќ, не оспорија дека имало напади додека се одвиваа овие протести. И покрај тоа, „Спутник“ објави статија за овогодишниот самит на НАТО што се одржа во Вилнус, Литванија, во која ги доведе во прашање овие напади, ставајќи ги под наводници во самиот текст: „НАТО останува посветена на своите ангажмани во Косово и ги осудува ‘нападите врз силите на КФОР’.“

Статиите на „Спутник“ честопати фрлаат сомнежи за мерките што ги презема Косово за да ја смири ситуацијата на северот и пласираат одредени мислења од јавноста како да биле кажани од експерти. Во едно интервју, гостинот негираше дека демонстрантите ги нападнале силите на КФОР.

„Видете, КФОР се тука исто толку долго колку и ние. Не дошло до никаков инцидент затоа што уште од првиот ден им кажавме дека не е нивна вина и дека не сме против нив. Всушност, ние сме против оние што ни ги окупираа работните места и што внесоа немир во нашите животи“, наведе гостинот.

„Спутник“ објави уште една статија откако на 10 јуни беше потпишан договор помеѓу Косово и ЕУ во Братислава, со кој беа предвидени планови за постепено повлекување на косовската полиција од општинските згради и за подготвување на теренот за вонредни избори на северот од Косово.

Насловот на статијата гласеше: „’Спутник’ е со Србите на северот од КиМ [Косово и Метохија]: Вака изгледа ‘смирувањето на ситуацијата од страна на Курти’“, а присуството на полицијата на северот го нарекуваше окупација, инсинуирајќи дека српските општински службеници биле отпуштени. Статијата не наведува дека општинските службеници не биле отпуштени. Всушност, тие дале отказ.

Според Малиќи, „Спутник Србија“ и „Раша тудеј Балкан“ го претставуваат ставот на Русија, која ги користи овие тензии во Косово за да креира проблеми за Западот и да спречи помирување на Косово и Србија. Целта на руските наративи е да го продлабочат јазот помеѓу Албанците и Србите во Косово и да спречат постигнување потенцијален договор.

„Станува сè потешко да се постигне договор. Ако обрнете внимание, ќе видите дека сите овие вести потекнуваат од Србија“, вели Малиќи.

„Спутник Србија“ и „Раша тудеј Балкан“ го повторија официјалниот став на српската влада во врска со нападот на косовската полиција на 24 септември, кога група од околу 30 вооружени лица во селото Бањска во близина на Звечан, уби еден полициски службеник, а тројца напаѓачи беа ранети.

Двата руски медиумски портали ги повторија тврдењата на Вучиќ дека нападот претставувал реакција на локалните Срби, кои „веќе не сакале да го трпат теророт на Курти“. Вучиќ прогласи ден на жалост поради смртта на тројцата напаѓачи.

Неколку часови пред нападот во Бањска, во прорускиот и ултранационалистички српски канал на Телеграм „Slovenski Medved“ („Словенски медвед“) беше постирана објава што повикуваше на насилство врз косовската полиција. „Ние Србите знаеме по нешто за војувањето. Земајќи ги предвид сè поголемите провокации на Шиптарите“, се вели во објавата, каде што се користи етнички погрден збор за Албанците, „мора да размислиме што можеме да направиме, а можеме да направиме многу.“ Објавата во која се предупредува за „специјална воена операција“, беше постирана неколку часови пред нападот на 24 септември.

Каналите какви што се „Словенски медвед“ и „BUNT je stanje duha“ („БУНТОТ е состојба на умот“) им даваат постојана поддршка на напаѓачите и ги нарекуваат херои. Исто така, шират меѓуетничка омраза за косовската полиција, ги нарекуваат полицајците со етнички погрдни зборови и ја етикетираат Владата на Косово како терористичка организација.

Руски дезинформации на „Телеграм“

Апликациите за допишување не само што им овозможуваат на корисниците да разменуваат пораки и да прават телефонски повици, туку и да почнат групни разговори. Групните разговори на апликации како „Телеграм“ станаа лесен начин за ширење погрешни информации и дезинформации. На Фејсбук, објавите се проверуваат од трети лица за проверка на факти, но на апликациите за допишување, може да се пријави само креаторот на групата/каналот или модераторот поради ширење лажни вести, што им дава одврзани раце на „сејачите“ на дезинформации.

Иако српските ТВ-канали и таблоиди што шират проруски и антикосовски наративи се широко распространети во Косово, Адеа Беќај од Националниот демократски институт (НДИ) напоменува дека апликациите за допишување како „Телеграм“ се потешки за следење.

 

На српскиот канал „BUNT je stanje duha“ („БУНТОТ е состојба на умот“) се претплатени повеќе од 80.000 корисници, вклучувајќи и многу косовски Срби, кои се изложени на погрешни информации за Косово.

Косовските Срби често го користат „Телеграм“ како извор на информации. Беќај напоменува дека годинава во групи на „Телеграм“ се споделувале лажни информации во однос на бројот на војници на КФОР што биле ранети во мај, односно биле пренесувани значително помали бројки. Како што наведува Беќај, изворите на овие информации честопати се фиктивни, а групите на кои претежно се претплатени косовските Срби, содржат информации што потекнуваат од Русија.

„Таму многу често се споделуваат вести што не успеале да се најдат во српските медиуми, но директно се пласираат во групите“, додава таа.

Според истражувањата на НДИ, кога има тензии на северот од Косово, Русија ги зачестува своите активности во рамките на хибридната војна против Западот и Владата на Косово. Тоа го прави преку изнесување неосновани тврдења за малтретирањето на косовските Срби и преку креирање атмосфера на страв, вели Беќај.

„Во вестите главно се проткајува наративот дека српската заедница во Косово трпи малтретирање, дека Владата на Косово сака да ја изолира и се зборува дека постојат списоци на Срби што треба да се повредат, а некои дури и да се убијат“, истакнува Беќај.

Овие наративи се пресликуваат во ставовите на косовските Срби за косовските институции. Според најновите истражувања на НДИ во врска со тензиите на северот, 56 проценти од испитаните косовски Срби сметаат дека косовската полиција ги малтретира припадниците на српската заедница во Косово.  Педесет и осум проценти од нив, пак, сметаат дека Косово планира да ја протера српската заедница од општините на северот.

Како што објаснува Беќај, двата става се резултат на дезинформациски кампањи во српските медиуми. „Можеби замислата е да се створи тензија или, пак, да се наруши кредибилитетот на косовските институции кај српската заедница. Контекстот во кој се одвиваа овие работи беше прилично тензичен, што дополнително придонесе кон напнатост“, потенцира Беќај.

„Раша тудеј Балкан“ и „Спутник Србија“ се сосредоточени на ширење пропагандни наративи преку апликации за допишување и социјалните мрежи, но Јањиќ смета дека преку тие средства се обидуваат да ги избегнат проверувачите на факти што се активни на платформи како што е Фејсбук.

„Кога тие шират пропаганда, таа првично се состои од мислења, а не од лажни факти. Би рекол дека станува збор за две различни нивоа: на првото ниво, пропагандата што се користи во српските медиуми е поотворена, покреативна и содржи поголем број лаги“, објаснува Јањиќ. „Руската пропаганда, којашто е многу повнимателна, е на второто ниво.“

Насловна фотографија: Мајлинда Хоџа / K2.0.

Оваа статија е напишана во партнерство со регионалната иницијатива Центар против дезинформации на Западен Балкан што ја спроведува Фондацијата Метаморфозис со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Содржината на статијата е одговорност на Косово 2.0 и нужно не ги одразува гледиштата на проектните партнери и на донаторот.

 

ЗА АВТОРОТ

Ардит Кика завршил додипломски студии за политички науки на Универзитетот во Приштина. Има работено како новинар за Kallxo.com и Prishtina Insight. Во моментов работи како хонорарен новинар и известува за политика, култура и за прашања од областа на човековите права. Ардит во 2018 година учествувал во Програмата за стипендирање во областа на известување за човековите права К2.0.