Една од најпознатите измислици за „еврејскиот заговор“ и воедно најпознатиот фалсификат со трагични последици во светската историја се т.н. „Протоколите на сионските мудреци“. Станува збор за опасна лага, публикација која е создадена во Русија во првата деценија на 20 век, која се проширила низ целиот свет веднаш по Болшевичката револуција, иако е измислица. Евреите како народ не се ексклузивно поврзани со вакцините, ниту пак, со нивното производство, ниту пак, имаат контрола врз целиот свет, како што тоа лажно се сугерира во оваа објава. И наспроти наведеното во објавата, вакцинацијата е најголемата придобивка на современата медицина, благодарение на која се спасуваат милиони животи ширум светот, се искоренуваат болести кои во минатото биле смртоносни
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
За оние којшто не знаат што слугите на ѓаволот му спремат на човештвото: …ќе ве тровиме и стерилизираме со вакцини, додатно ако се појават нус појави ќе ве дополниме со “лекови” кои ќе ве однесат во гроб.…ќе ве тровиме со пломбите во забите,ќе ве тровиме со средствата за лична хигиена (шампон,сапун,паста за заби,козметика…).…ќе ве тровиме преку водата, преку воздухот и преку храната….ќе ве тровиме се додека не го убиеме и последниот од вас.Тоа го мислат Ционистите за сите останати.(Извадок од книгата Протоколи на Сионските Мудреци).
Оваа публикација е создадена во Русија во првата деценија на дваесеттиот век. Таа се прошири низ целиот свет веднаш по Болшевичката револуција и во исто време беше препознаена како измислица. Сепак, таа беше корисна книга за нацистите и останува корисна пропагандна алатка за ширење омраза против Евреите, вели тој.
Содржината на измислените „Протоколи на сионските мудреци“ е запис од 24 тајни состаноци, наводно одржани во Базел, Швајцарија, каде што „Евреите и масоните разговарале за наводниот план за доминација во светот”. Иако оваа публикација беше препознаена како измислица, Нацистичката партија – во периодот помеѓу 1919 и 1939 година – отпечати 23 изданија на оваа публикација и ја воведе во германските училишта за да ги индоктринира учениците.
Даниел Грин вели дека оние кои ги бранат „Протоколите“ не ги допира фактот дека книгата е, всушност, измислена. Тие веруваат, како што велат, дека оваа книга открива „повисока вистина“.
„Протоколите на сионските мудреци“ (руски: Protokoly sionskih mudrecov или Sionskie protokoly) е антисемитски памфлет кој опишува наводен еврејски и масонски заговор за преземање на светот. Протоколите се меѓу најпознатите историски измами. Во својот есеј „Книгата на кралевите и будалите“, писателот Данило Киш детално го истражува потеклото и судбината на оваа книга.
„Протоколите“ првпат се отпечатени во 1903 година во рускиот весник „Знамја“, а потоа повторно во 1905 година како дванаесетто поглавје од книгата на рускиот адвокат, мистик и писател на религиозни памфлети, Сергеј Нилус. Нилус тврдел дека ракописот потекнува од Првиот ционистички конгрес одржан од 29 до 31 август 1897 година во Базел. Кога му било кажано дека конгресот бил отворен за јавноста и дека присуствувале многу не-Евреи, тој ја променил приказната и тврдел дека ракописот потекнува од тајните состаноци одржани во 1902 и 1903 година, па на крајот рекол дека го добил текстот уште во 1901 година.
„Протоколите на сионските мудреци“ сè уште кружат низ светот. Руските и мексиканските изданија се појавија дури во 2005 година. Даниел Грин вели дека публикацијата станала легитимна за читање во арапскиот и исламскиот свет. Грин тврди дека многу училишта таму ги учат „Протоколите“ како факт.
Овие книги се потврдени од водечки експерти и водечки историчари во Либан, Сирија и интелектуалните центри на Блискиот Исток, истакнува тој.
Историјата на антисемитизмот се карактеризира со постојано измислување докази кои сведочат за наводниот „еврејски заговор“ за доминација во светот. Една од најпознатите измислици за „еврејската намера“ и воедно најпознатиот фалсификат со трагични последици во светската историја се т.н. „Протоколите на сионските мудреци“.
Влијателниот историчар на антисемитизмот, Роберт Вистрич, кратко го опишува потеклото на овој документ:
Компилацијата со наслов „Протоколи“ е направена од руски антисемитисти во париската канцеларија на Царската гарда (тајна полиција). Тие беа отпечатени во владината печатница во 1905 година – како дел од книгата на рускиот православен мистик Сергиј Нилус, кој тврдеше дека тоа се изјави од Првиот ционистички конгрес во Базел одржан во 1897 година.
„Протоколите“ содржат предавања на т.н на „мудреците од Сион“, а акцентот е ставен на тајниот план за потчинување на не-Евреите и воспоставување на еврејска светска држава. Во Русија пред 1914 година тие беа користени против движењето за либерален устав, но без многу ефект, а потоа и од антиболшевичката бела гарда за време на Руската граѓанска војна со многу поразорни ефекти. Тие се прошириле на запад по 1919 година, преку германски и други преводи, а најголемо влијание имале во Германија. Тие биле разоткриени во 1921 година од дописник на лондонски „Тајмс“ кој докажал дека станува збор за плагијати на француска сатира од шеесеттите години на XIX век (се мисли на книгата на Морис Жоли – „Дијалог во пеколот меѓу Макијавели и Монтескје“), на германски роман – Бијариц на Херман Гедше од истиот период и други извори.
Главниот проблем на списите „Протоколите на сионските мудреци“ беше мистичната сугестивност, која, користејќи ги традиционалните антисемитски предрасуди и нивните модерни варијации, понуди поедноставена слика за светот во кој сите светски процеси, држави, состојби се режирани, водени или дизајнирани од Евреи.
Осврнувајќи се на значењето на употребата на „Протоколите“ во нацистичката идеологија, историчарите Рендал Битверк и Келвин Колеѓ заклучиле дека овој фалсификат бил главниот инкубатор на нацистичката антисемитска пропаганда. Иако и Хитлер и Гебелс биле лично убедени дека тоа не е оригинален документ и двајцата верувале дека тој има „внатрешна вистина“ во неговата содржина, што, всушност, ги открива „вистинските“ еврејски намери. Затоа „Протоколите“ во нацистичката пропаганда имаа милионски тиражи и стотици изданија, покрај нивното присуство во дневниот печат и другите видови пропаганда.
Инаку, наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, вакцинацијата е најголемата придобивка на современата медицина, благодарение на која се спасуваат милиони животи ширум светот, се искоренуваат болести кои во минатото биле смртоносни, се заштитува колективното здравје и се намалува страдањето на луѓето од болести. Самата теорија дека нуспојавите од вакцините се лекувале со лекови кои уште полесно ги воделе луѓето во смрт е нелогична. Најголемиот дел од нусефектите од вакцините се благи и умерени, лесно поминуваат за неколку денови, а вакцините поминуваат ригорозен процес на тестирање за безбедност и ефикасност уште пред да бидат одобрени и секоја вакцина има поволна оценка, односно нејзините бенефити се поголеми од нејзините негативни ефекти.
Евреите како народ не се ексклузивно поврзани со вакцините, ниту пак, со нивното производство, ниту пак, имаат контрола врз целиот свет, како што тоа лажно се сугерира во објавата што ја рецензираме, чија единствена цел е ширење на теорија на заговор со антисемитски призвук.
Исто така, во објавата паушално се тврди дека луѓето ќе бидат труени со пломбите во забите, водата, воздухот, храната, средствата за хигиена… Во светски рамки, постојано се откриваат недозволени состојки во храната, водата и во средствата за хигиена, но воспоставени се системи за таа детекција. Криминалот во овие сфери или грешките кои настануваат со различни состојки кои се недозволени во козметиката, не може да се поврзат со една нација или еден народ туку се глобален проблем. Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.