Украина не испраќа бремени жени да се борат со Русите

Published on:

Не постојат релевантни докази кои ја поткрепуваат автентичноста на видеото. Според Центарот за стратешка комуникација основан под Министерството за култура и информативна политика на Украина за борба против дезинформации, видеото е лажно и инсценирано. Она што е факт е дека Украина не испраќа бремени жени на првата линија да се борат со Русите. Бремените жени и жените на породилно отсуство или кои се грижат за мали деца или деца со посебни потреби се ослободени од регистрација за воена служба. Тие, исто така, имаат право да бидат ослободени, ако веќе служат војска, кога ќе забременат или под други специфични околности

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека  Зеленски на фронтот регрутира бремени жени.

Очајниот Зеленски

Праќа трудни жени на фронтот.

Западот ќе војува до последниот Украинец ама и до последната Украинкастои во објавата.

Објавата е придружена од видео за кое се тврди дека прикажува како руски војници пронашле жена војник од украинската армија. Девојката се исплашила и рекла дека е бремена, па руските војници ја спасиле.

Не е точно дека Украина испраќа бремени жени на првата линија да се борат со Русите. Бремените жени и жените на породилно отсуство или оние кои се грижат за мали деца или деца со посебни потреби, се ослободени од регистрација за воена служба. Тие, исто така, имаат право да бидат ослободени, ако веќе служат војска, кога ќе забременат или под други специфични околности.

Од 1 октомври 2023 година, Украинките на возраст од 18-60 години кои имаат медицинско искуство мора да се регистрираат во воените канцеларии. Поентата е да се соберат податоци за расположливата резерва на медицинските работници. Жените може да бидат повикани на воена служба или да бидат замолени да вршат работа за да се обезбеди одбрана на државата. Тие извршуваат воени должности – чиј список може да се најде овде – на еднаква основа со мажите, бидејќи законот не прави разлика помеѓу мажите и жените.

Според украинското законодавство, бремените жени и оние кои имаат деца сè уште мора да се пријават во ТЦК (ТЦК – Териториальний центр комплектування та соціальної підтримки – Територијален центар за регрутирање и социјална поддршка – воено административно тело кое обезбедува спроведување на законодавството за воена должност и воена служба, обука за мобилизација и мобилизација), но да се биде бремена претставува исклучок што им дава различен третман, што ги прави „непогодни“ за служба. Покрај тоа, тие имаат право да бидат ослободени ако веќе отслужуваат.

Жените можат да добијат одложување од регистрацијата ако се бремени или се на породилно отсуство, ако воспитуваат дете сами, ако имаат три или повеќе малолетни деца или одгледуваат дете со попреченост на кое му е потребна постојана грижа и ако нивниот сопруг служи во вооружените сили на Украина.

Бремените жени војници можат да ги достават потребните документи до својот командант и да добијат право да бидат отпуштени од воена служба и за време на воена состојба.

Имало посебни случаи на бремени жени кои продолжуваат да служат (на пример овде или овде), меѓутоа, жените кои биле регрутирани за време на мобилизација имаат право да бидат ослободени од воениот рок поради нивната бременост. Како и цивилните жени, тие имаат право да одат на одмор. Врз основа на лекарско уверение за бременост, на жените им се доделува породилно отсуство од 70 календарски дена пред и 56 календарски дена по породувањето. По завршувањето на породилното отсуство, на барање на жената војник, и се одобрува отсуство да се грижи за своето дете додека детето не наполни три години. Ако е возможно и пожелно, таа може да се врати на воената служба порано.

Жените се вклучени во војската на Украина од 1993 година. Од 6 септември 2018 година, жените ги исполнуваат условите за сите воени позиции и чинови, со истите должности и можности како и нивните машки колеги. Од инвазијата на Русија во февруари 2022 година, повеќе од 11.000 жени доброволно се приклучија на украинската армија. Од околу 60.000 жени во украинската армија, приближно 5.000 од нив служат во борбени единици каде работат како болничарки, но и како снајперистки и др.

Списокот на специјалности или професии во кои можат да служат може да се најде овде.

Видеото кое го анализираме, а кое првично беше објавено на социјалната мрежа ТикТок е означено како лажно од Spravdi, (Центар за стратешка комуникација основан под Министерството за култура и информативна политика на Украина за да се спротивстави на дезинформациите), пишува сајтот за проверка на фактите Лид сторис. Според Справди, видеото го споделил Соловјов, проруски пропагандист.

Во анализата на Справди, се истакнува дека некои елементи сугерираат дека сцената е инсценирана: женската униформа е чиста и покрај борбите на првата линија, таа нема оружје или друга типична опрема која  вообичаено им се обезбедува на војниците. Исто така, на видеото не се слушаат никакви експлозии или пукотници, што е невообичаено, бидејќи се тврди дека било пукано на линијата на фронтот.

Да не говориме за фактот што видеото е нарпавено на начин да не може да се провери. Скриени се лицата на наводните руски војници, скриено е лицето на наводната „бремена жена“, а не ни се гледа дали таа зборува, или, пак станува збор за глас кој е додаден дополнително во процесот на видео едитирањето. Кадрите се кратки и нагло се пресечени со цел да не се види некој детал кој би можел да ја издаде измамата. Настрана што кусото видео, кое трае само 13 секунди и содржи само неколку реченици, од кои наводната „бремена жена“ кажува само една и пол реченица пред видеото нагло да се прекине, не објаснува ништо. Ова да беше вистинско видео, сигурно немаше вака нагло да се прекине и ќе беа додадени многу повеќе детали со цел сторијата да се направи поубедлива и да се види дека ништо не се крие. Но, во овој случај тоа не е така. Не се знае ни приближно каде, на кој дел од фронтот ова е снимено, не се кажува како оваа наводна „бремена жена“ се нашла и што бара таму, сосема е нелогично нејзиното наводно присуство на фронтот зашто жена која е бремена не може да биде од корист на таква локација и не е јасно зошто би се носела таму. Не се гледа нејзиното лично вооружување, ниту пак може да се види нејзината позиција или ров и слично. понатаму, нејасно е зошто таа би била сама насред шума. ништо од овие важни моменти не е објаснето. Ова кусо видео повеќе крие отколку што објаснува. Да стануваше збор за вистинита ситуација, руската пропаганда ова ќе го искористеше до максимум и ваквиот случај ќе се најдеше во ударни термини на руските ТВ станици и во вестите на светските агенции. Но, за вакво нешто никој досега не известил.

За регрутацијата и евиденцијата на жените во Украина во воениот регистар, Вистиномер веќе има пишувано.

При крајот на видеото, на екранот се појавува натписот The Aussie Cossack. Кога ќе се провери тоа име, се дознава дека станува збор за прекар на Симеон Бојков, про-Кремлин пропагандист, кој веќе цела година се крие во рускиот конзулат во Сиднеј, Австралија и, кој неодамна доби руско државјанство. Повеќе за овој пропагандист од руско потелко во Австралија може да се дознае овде. Со ова работите стануваат и повеќе од јасни.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат релевантни докази кои ја поткрепуваат автентичноста на видеото. Според Центарот за стратешка комуникација основан под Министерството за култура и информативна политика на Украина за борба против дезинформациите, видеото е лажно и инсценирано. Она што е факт е дека Украина не испраќа бремени жени на првата линија да се борат со Русите. Бремените жени и жените на породилно отсуство или кои се грижат за мали деца или деца со посебни потреби се ослободени од регистрација за воена служба. Тие, исто така, имаат право да бидат ослободени, ако веќе служат војска, кога ќе забременат или под други специфични околности. Поради сето ова, објавата ја означуваме како неточна.