Х пропаганда: Обликување на меѓународната заедница против Србија

Published on:

Фото: Изработено во Канва

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Преку организирани кампањи со употреба на говор на омраза насочен кон Србија, пропаганда и дезинформации, мрежа на X создава плодна почва за дестабилизацијата на еден веќе нестабилен регион

 

По посетата на гробот на семејството Јашари на почетокот на јануари 2024, Никола Сандуловиќ, претседателот на Републиканската партија, регистрирана како партија за национално малцинство, беше приведен и испитан од српската Безбедносно-информативна агенција (БИА). Веста за неговото апсење беше проследена со организирана кампања на социјалната мрежа Х (порано Twitter) со употреба на многу опасни наративи – водечки политичари од Косово (вклучувајќи го и Албин Курти), непознати аналитичари на меѓународни односи од странство и мрежа од лажни кориснички сметки.

Глорифицирајќи го Сандуловиќ како „лидер на опозицијата” и „борец за демократија” во Србија, целта беше, преку неговото апсење да се обвини Србија за зголемување на тензијата.

Преку организирани кампањи со употреба на говор на омраза насочен кон Србија, пропаганда и дезинформации, оваа мрежа создава плодна почва за дестабилизацијата на еден веќе нестабилен регион.

Иако оваа мрежа е исто така активна и на Facebook, фокусот на оваа приказна е на Twitter. Зошто? Затоа што оваа социјална платформа им овозможува директно да ја таргетираат меѓународната заедница.

Истражувањето дезинформации и мисинформации на социјални канали налага идентификување на неколку општи параметри. Важно е да се направи план на клучните актери и нивните наративи, да се утврди дали има организирани кампањи кои шират лажни наративи и да се дефинира поврзаноста помеѓу различни кориснички сметки. Сепак, да започнеме со првиот параметар.

Лажниот лидер

На социјалната мрежа Х, Сандуловиќ настојува да се прикаже себеси како “единствениот вистински лидер” на српската опозиција. Тој е добредојден гостин во Приштина кадешто во неколку наврати се состанал со Албин Курти.

Извор: Х

Во реалноста, неговата партија е регистрирана како партија на Унгарското национално малцинство и никогаш не бил дел од Народното собрание на Србија. Сандуловиќ е во голема мера непозната личност. Тој тврди дека бил советник на премиерот Зоран Џинџиќ врз кој беше извршен атентат, но само краток период служел како член на неговата телесна стража. Дополнително, тој бил поврзан со организирана криминална група во 2001 година.

За време на пандемијата, тој беше еден од “интернет експертите” за вирусот КОВИД-19, тврдејќи дека државите добиваат 3 000 евра за секој пациент кој ќе го пријават како заразен. Тој зборуваше за токсична прашина од авиони, наводната штетност од 5G мрежата, длабоката држава и слични теми.

Сандуловиќ се трансформираше од теоретичар на заговор во агитатор за влезот на Србија во НАТО и ЕУ и потпиша договори за заемно признавање на Србија и Косово во името на неговата партија.

Сандуловиќ можеби не е клучниот актер во овој процес, но тој е почетната точка за мапирање и разбирање на мрежата. Сепак, освен што е актер, тој е и “наративот” кој понекогаш ја обединува мрежата.

Мрежата

Нашето истражување нѐ доведе до четири главни категории на кориснички сметки. Во првата група се сметките кои припаѓаат на вистински луѓе лоцирани во Србија, како што е Сандуловиќ, неговиот адвокат Чедомир Стојковиќ –  @FIGHT_4_RIGHT_S, и корисничката сметка @DissidentAnswer која припаѓа на Бобан Богдановиќ, наводен политички дисидент со контроверзно минато. Богдановиќ ѝ стана познат на јавноста откако даде интервју за KRIK, изјавувајќи дека знаел кој стои зад атентатот на Оливер Ивановиќ, српски опозициски лидер во Косово. Потоа, излезе дека информацијата била погрешна, факт што тој го призна. Членовите на српската влада изјавија дека Богдановиќ наводно бил поврзан со официјална Приштина.

Улогата на овие кориснички сметки е да ги поддржи сметките од косовската страна на мрежата, претставувајќи се себеси како релевантни политички фигури или аналитичари од Србија, со тоа давајќи тежина на тврдењата од Косово.

Втората група се состои од вистински кориснички сметки кои припаѓаат на различни наводни експерти од меѓународната заедница. Најважната за ова истражување е онаа на Гинтер Фелингер. Овој економист и лобист, чија корисничка сметка има речиси шеесет илјади следбеници, зазема еднo од клучните места во мрежата која е предмет на ова истражување.

Третата група вклучува кориснички сметки на вистински луѓе од Косово кои користат говор на омраза и шират дезинформации или мисинформации. Една од најактивните е @admirim , која припаѓа на “експертот” за маркетинг и комуникација Адмирим Луботени, којшто самиот, иронично, држел предавања за борба против дезинформации. Адмирим и други кориснички сметки, како што се @arianakra, @thisisKaltri, @AgimAlickaj или @GallopeniMergim се некој вид на Twitter инфлуенсери.

Овие сметки ги следат неколку илјади следбеници, додека @admirim има повеќе од триесет илјади.

За крај, последната категорија вклучува стотици “лажни” кориснички сметки кои ја глорифицираат Голема Албанија и се систематски активирани да промовираат конкретни теми. Освен објавување содржини, тие исто така масовно се фокусирани на ретвитнувањелајкување и коментирање на објави на приштински функционери, погореспоменати Twitter инфлуенсери или на меѓународни кориснички сметки. Дополнително, некои сметки неодамна беа блокирани од страна на Х поради говор на омраза.

Како што покажува нашето истражување, мрежата обично дејствува на неколку начини. Кога функционерите од владеачката партија во Приштина ќе напишат нешто на Х, објавата добива интеракција многу брзо. Многу Х инфлуенсери и лажни кориснички сметки кои вклучуваат и косовски и српски сметки, реобјавуваат и коментираат на содржините, користејќи бројни тагови.

Кога станува збор за сметките на меѓународни лобисти, интеракцијата се јавува на два начини. Сите страни- лобисти, Х инфлуенсери и лажни кориснички сметки комуницираат едни со други, споделувајќи и реобјавувајќи содржини. Наративот на лобистите не се разликува од други сметки.

Од друга страна, Никола Сандуловиќ најмногу е поврзан со сметките @GunterFehlinger и @admirim, како и со други инфлуенсери.

Мрежата објавува на англиски јазик што значи дека ја таргетира меѓународната публика.

Наративи, период на мониторинг, кампањи

Периодот на мониторинг на истражувањето беше од почетокот на јануари до крајот на мај. Во оваа временска рамка, беа идентификувани неколку настани околу кои активноста на сите категоризирани сметки значително се зголеми. Почетниот настан беше притворањето на Никола Сандуловиќ.

Некои други настани беа укинувањето на динарот во Косово, нападот во Бањска, упадот на специјалните сили на Косово во северот на Косово и дури и пансрпски собир на Србија и Република Српска.

Настаните коишто поттикнуваат активност во мрежата не мора по секоја цена да бидат политички. Откако започна Европското првенство во фудбал, мрежата ги зголеми активностите таргетирани кон Србија. За да таргетира меѓународна публика, мрежата користи наративи како “геноцидна нација”, ја споредува Србија со Русија, ја обвинува Србија за користење на ЕВРО 2024 како платформа за “повик за војна против Албанците”, шири говор на омраза и друго.

Ова укажува на постоењето на организирани кампањи. Настаните служат како иницијални каписли кои активираат сметки, коишто пак, понатаму се обидуваат да влијаат врз формирањето на јавниот став.

Секоја мрежа има добра причина да ја нападне Србија

Целата мрежа користи слични наративи. Сепак, додека ботовите и троловите најчесто ретвитнуваат и реобјавуваат содржини едни од други, или пак од вистински луѓе, други кориснички сметки се обидуваат да започнат некаков вид на дискусија.

Доминантните наративи за време на периодот на мониторинг вклучуваат српски воени злосторства, постојано таргетирање на Србија, критикување и на владеачката партија и на сегашната опозиција во Србија, историски ревизионизам, таргетирање на српската нација како геноцидна во контекст на Резолуцијата на геноцидот во Сребреница, промовирање албански воени криминалци во Косово, негирање на криминалите на ОВК и напаѓање албански претставници од граѓанското општество со различни гледишта.

Со постојаното таргетирање на Србија, изедначување на Србија со Русија, Вучиќ со Владимир Путин и Косово со Украина, мрежата се обидува да покаже како вооружена интервенција од Србија му се заканува на Косово.

Порталот Kossev објави статија во март 2024 објаснувајќи ја организираната социјална кампања против Ѓорѓе Бојовиќ, помошник на парламентарката Виола фон Крамон која беше нападната на Х за наводно минимизирање  на српските воени злосторства во Косово. Оригиналното видео од Бојовиќ беше монтирано, со специфични сегменти отсечени и извадени од контекст а потоа објавени на Х од корисничката сметка @Dardha93 , стигнувајќи до повеќе од 55 илјади луѓе. Во овој случај, крајната мета на нападот беше Виола фон Крамон.

Оваа корисничка сметка е генерално активна во мрежатаИдентитетот на лицето зад оваа сметка е непознат ; сепак, фактот што сметката има речиси десет илјади следбеници открива дека не припаѓа на четвртата група на лажни сметки.

Сепак OSINT овозможи некаква проникливост во мрежата. Поради тоа што не беше возможно 100 % да се потврди, името нема да биде споменато во оваа статија. Тој веројатно живее во САД но е роден или има потекло од Косово.

Корисничките сметки на меѓународните лобисти исто така следат одредена агенда, често објавувајќи за српски воени криминали, поттикнувајќи акција за српската закана кон Косово и повикувајќи на меѓународната заедница да преземе акција против Србија. Покрај лобирање, нивната улога е да ја зголемат и видливоста на пропаганда во странство.

Понапредни тролови

На почетокот од ова истражување, постоеше големо прашање околу тоа дали тие лажни сметки од четвртата категорија беа злонамерни ботови или тролови. Клучната разлика помеѓу овие два вида на сметки е тоа кој стои зад нив. Ботовите ги водат автоматизирани скрипти, додека троловите се управувани од страна на вистински луѓе. Едно исто лице може да има неколку трол сметки.

Откако Х ја промени политиката во врска со API токените во средината на 2023 година, алатките со отворен код за детектирање ботови и тролови престанаа да работат. Сега, детектирањето е многу покомплицирано и мора да се врши мануелно.

Истражувањето покажа дека овие сметки веројатно се тролови. Сепак, тие сѐ уште се разликуваат од класичните интернет тролови кои најчесто се препознаваат по нивниот агресивен тон, употребата на големи букви, чести граматички грешки, закани кон противниците и повторување на истата фраза или мисла. Споменатите сметки се посложени. Тие ја следат истата агенда, но го прават тоа на понапредно ниво.

Понатаму, трол сметките на оваа мрежа изгледаат прилично слично. Прво, тие работат од став на голем албански национализам, употребувајќи идентични наративи и истакнувајќи постојани теми. Тие ги прикажуваат Албанците како супериорна раса а ги опишуваат Србите како најголеми непријатели на цивилизацијата додека ја шират нивната вистина за доблеста и супериорноста на албанскиот народ.

Од друга страна, многу сметки визуелно изгледаат прилично слично. Тие користат профили и насловни фотографии од албански национални херои и имаат заеднички следбеници додека меѓусебно се следат. Исто така, корисничката сметка на лобистот Гинтер Фелингер ги следи повеќето од овие сметки, а и тие го следат него. Не е вообичаено да се видат верификувани и популарни кориснички сметкии како онаа на Фелингер да бидат поврзани со непознати сметки.

Некои тролови не само што коментираат и реобјавуваат постоечки содржини, туку и самите објавуваат свои.

За време на периодот на мониторинг на ова истражување, некои сметки беа блокирани од страна на Х заради говор на омраза.

Сепак, поврзаната мрежа целосно ја поддржува сегашната владеачка партија во Приштина. Еден истражен новинар од Косово беше прв којшто поврза слични сметки со владеачкото движење Самоопределување на Курти, покажувајќи дека оваа партија има развиено напредна интернет милиција, собрана околу замокот на тролови.

Замокот на тролови

Визуализацијата направена за целите на оваа сторија ја прикажува интеракцијата помеѓу некои од овие сметки коишто беа мапирани во ова истражување за ширење на наративот на дезинформации. Црвените точки претставуваат некои од најактивните кориснички сметки. Колку поблиску се корисничките сметки до центарот на јадрото, толку повеќе се поврзани со останатиот дел од мрежата.

Насобирањето на корисничките сметки и формирањето на мрежата укажува дека се соочуваме со замок на тролови. Црвената точка лоцирана во центарот на мрежата е корисничката сметка @thisiskaltri, навестувајќи дека оваа корисничка сметка е цврсто поврзана со целата мрежа. Оттаму, колку е поцврста поврзаноста на црвените точки со останатиот дел од мрежата, толку поголема е веројатноста дека тие се поставени во самиот замок.

Организирани кампањи на социјалните медиуми чијашто цел е да креираат тензии помеѓу различни нации преку ширење на штетни наративи и говор на омраза создаваат негативна слика во меѓународната заедница и придонесуваат кон регионална дестабилизација.

Автор: Филип Мириловиќ

 

 

hubmk