Извор: © European Union, 202X, licensed under CC BY 4.0
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Државата е веќе 20 години во претпристапно лимбо и поддршката за влез во ЕУ се намалува од година в година заради блокади, внатрешнополитички проблеми и она што граѓаните го сметаат за неправедни услови кои ЕУ и нејзините членки. Ваквите одложувања само ги зголемуваат разочарувањета и апатијата и покрај високите нивоа на поддршка во минатото, при што многумина сметаат дека „европскиот сон“ бледнее и станува кошмар на неисполнети ветувања и продолжена стагнација, без разлика дали и колку придобивки може да имаме ако влеземе во Унијата
Заради високиот степен на поларизација во општеството, партизацијата и општата апатија која преовладува во државата, ретко може да се каже дека граѓаните се сложни за нешто. Една од малкуте работи за кои граѓаните се сложни е дека евроинтеграцискиот процес е пребавен. Дополнително, во споредба со минатите години, се поголем дел од граѓаните сметаат дека земјата треба да стане членка на ЕУ, но без никакви отстапки кон Бугарија.
Ова се само дел од резултатите од истражувањето на јавното мислење на Фондацијата „Метаморфозис”, кое го спроведе агенцијата „Индаго“, во период од 06 до 17 октомври 2025 година, а во кое се вклучени репрезентативен број од 1.100 испитаници преку телефонска анкета.
Што покажа истражувањето?
Според резултатите од истражувањето, 82 отсто од испитаниците се сложиле дека „процесот на приклучување кон ЕУ е бавен“. Ова незадоволство граѓаните го гледаат како ЕУ да наметнува неправедни услови за пристапување на земјата, став со кој повеќе од две третини од испитаниците (69%) се согласуваат и речиси иста пропорција од испитаниците (68%) мислат дека ЕУ има двојни стандарди во процесот на пристапување кон нашата држава.

Слично, повторно повеќе од две третини (67%) од граѓаните веруваат дека пристапувањето кон ЕУ ќе значи зголемени економски трошоци и пораст на цените во државата и дека тоа дополнително ќе ризикува забрзано иселување од земјава (63 отсто се согласуваат).
Дополнително, друг страв на граѓаните е дека Европската Унија наметнува либерални, левичарски и ЛГБТ вредности спротивни на нашата традиција, став со кој 59 отсто од испитаниците се согласуваат. И, слично, членството во ЕУ ќе доведе до губење на нашите традиционални семејни вредности – став со кој 40 отсто од испитаниците се согласија напроти 30 отсто кои не се согласија. Слична попроција од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ значи губење на суверенитет или идентитет (40%).

Од друга страна, лицата кои учествуваат во анкетата немаат илузија дека имаме друга алтернатива, односно групација којашто би била подобра од Европската Унија, како на пример БРИКС. Затоа, поголем дел (41%) од одговорите не се согласуваат со исказот дека „За државата постојат подобри алтернативи од влезот во ЕУ“ напроти една третина (33%) кои се согласуваат со овој став. Слично, многу помалку (25%) веруваат дека Европската Унија ќе се распадне за разлика од оние кои не се согласуваат со овој став (43%).
Споредба со претходни години
Влез во Европската Унија – да, но без отстапки e консензусот на граѓаните повеќе години. Во 2022, на прашањето дали „земјава треба да што побрзо членка на ЕУ, и по цена на нови компромиси со соседите“, повеќе од половина (53%) не се согласуваат наспроти речиси третина кои се согласуваат (32%). Во 2024 и 2025, на поинаки поставено прашањето, т.е. дали „земјава треба да го смени Уставот за што побрзо да стане ченка на ЕУ“ во скоро иста пропорција се согласија анкетираните: односно 50 и 51 отсто беа против, а 26 и 28 отсто беа за што е можно побрзо отворањето и менувањето на Уставот. Со други зборови, овој тренд е прилично стабилен во изминативе четири години бидејќи вооптшо нема никаква значајна промена во јавното менание на оваа тема.

Обратно поставено прашањето, дали „Земјава треба да стане членка на ЕУ, но без отстапки со Бугарија“, резултатите се еднакви, но обратнопропорционални со претходните ставови. Во 2022 г. 60 отсто од анкетираните се согласија дека не треба да се прават отстапки, а само 19 беа против. Малку поразлични беа резултатите и во 2024, но го задржија истиот тренд: половина (48%) од испитаниците се согласија, наспроти 25 кои не се согласија со тоа дека треба да не се прават никакви дополнителни отстапки кон соседите.
Според проф. д-р. Иван Дамјановски од Правниот факултет при УКИМ, овие резултатите се сосема конзистентни со други истражувања на оваа тема (види тука и тука). Toj вели дека доколку се разгледаат истражувањата каде подетално се испитува каде граѓаните го лоцираат проблемот со застојот на евроинтеграцискиот процес, може да се види дека е во билатералните спорови.
И тие [билатералните спорови] се поистакнати отколку било какви интерни проблеми. Затоа кога ќе се видат вакви резултати, граѓаните вината ја гледаат повеќе надвор наместо внатре, вели Дамјановски.
Прилично високата стапка на согласност кај граѓаните е дека Европската Унија наметнува либерални, левичарски и ЛГБТ вредности спротивни на нашата традиција и дека влегувањето во ЕУ ќе доведе до губење на нашите традиционални семејни вредности. Дамјановски вели дека резултатите зависат повеќе од тоа на какви информации се изложени граѓаните. Во претходни анализи на оваа тема, Вистиномер пишуваше опширно дека ваквите „културолошки закани“ најчесто ни се увезени претежно од Србија и Русија преку наративите на демохристијанската идеологија. Дезинформацискиот терк е ист, Западот и ЕУ ни го уништуваат семејство и нашите традиционални вредности.
Отсекогаш тој притисок на културолошка закана е главен фактор кај евроскептичните гласови во државата, и ваквиот негативен став кон ЕУ се прелева и кај они кои ја подржуваат Европската Унија. Меѓутоа граѓаните [ваквиот став] го гледаат низ призма на тоа како е поставена кодниционалноста на ЕУ на политичкиот фронт, објаснува Дамјановски.
Алергични на Западните ветрови, рецептивни на Источните
Но, културолошката закана се перципира само кога е онаа од „западна“ варијанта. Тогаш кога доаѓа од Русија или од интернационални религиски групи, тогаш без проблем наоѓа плодна почва во земјава.
Да се потсетиме на настаните од јуни 2023 година кога МПЦ-ОА организираше голем протест во Скопје против нацрт-законот за родова еднаквост и промените во правилата за матична евиденција, привлекувајќи неколку илјади поддржувачи. На протестот можеше да се забележат различни религиозни симболи, старото македонско знаме кое најчесто се користи од националистички настроени бајрактарци, но и руското знаме.

На протестирачите им се придружија и членови на македонскиот огранок на мото клубот „Руски ноќни волци“ и повеќе членови на МПЦ-ОА коишто не ја пропуштија шансата да бидат дел од гостите на одбележувањето на „Денот на Русија“ организирано од Руската амбасада во Северна Македонија.
Тогашниот Претседател Стево Пендаровски подоцна изјави дека домашните и сојузничките безбедносни служби го предупредиле за соработка меѓу некои владици на МПЦ-ОА и безбедносните служби на Москва, додека самиот протест ги собра конзервативните партии (вклучувајќи ги и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои претходно гласаа за закон за родова еднаквост), отворено про-Кремљ партијата „Родина Македонија“ и „Коалицијата за заштита на децата“ поддржана од американската фундаменталистичка група „Фемили воч“, сите барајќи повлекување или радикална промена на законите за родова еднаквост и граѓански регистар.
Во исто време, реториката на Митрополит г. Петар и на српскиот православен патријарх Порфирије ја прикажаа родовата еднаквост и феминизмот како „погубна“ и „отровна идеологија“. Овие ставови речиси и да се пресликуваат од долгорочните наративи кои доаѓаат од Кремљ. Често се користени да ги прикажат националните, културните и родовите идентитети, како и традиционалните општествени и духовни вредности како уништени од либерализмот и Западот. Поточно, дека има субверзија на патријахалното и христијанско општество, дека задачата на „западната агенда“ е да ја промовира ЛГБТ заедницата со цел да уништи сè што е „добро и морално“.
Проф. д-р. Ненад Марковиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, во разговор за „Вистиномер“ ги анализира не само податоците од анкетата, туку и зошто овие наративи толку добро се вклопуваат во македонскиот јавен дискурс.
Со оглед дека македонското јавно мислење е крајно конзервативно, ова е тема која може нашироко и на долго да се експлоатира, и лесно да се продаде посебно во оваа врзана форма. ЕУ станува симбол не за економски прогрес, не за четирите слободи (слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал во рамките на ЕУ, н.заб.) не за политичко сојузништво, туку симбол на нешто што во перцепцијата на локалните граѓани е извитоперено и недозволиво. Со тоа се оди на предизвикување на „политика на гадење“ која треба да им ја „огади“ идејата за некакво европско сојузништво на граѓаните. Културолошката закана се надополнува со двата билатерални спора, со што уште полесно се „загрозува“ идентитетот на просечниот македонски граѓанин. Одредени членки на ЕУ, заради своите минуциозни каприци срдечно помагаат во поставувањето на ваквиот непријателски амбиент. Заканата кон националниот идентитет е еднаква на Европа а таа е еднаква на девијантен ентитет кој толерира „противприроден блуд“. Равенката е комплетна, објаснува проф. Марковиќ.
Неоснован страв од поголеми трошоци
Без разлика дали некогаш ќе има согласност за култролошките прашања во државата, она што ги интересира речиси сите граѓани е дали парите што ги имаме ќе ги „крпи“ од година в година. Особено кога инфлацијата и во 2025 г. е на еден чекор пред растот на економијата.
Сепак, искуството од проширувањата во 2004та г. покажува дека откако новите членки ќе влезат на единствениот пазар, тие забележалуваат значителни економски придобивки. Анализите објавени во „Intereconomics“ и Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека пристапувањето и интеграцијата на единствениот пазар ги намалиле трговските трошоци, го продлабочиле учеството во прекуграничните синџири на вредност и го зголемиле БДП во новите земји членки за околу 1,4-2,4 отсто или повеќе, заедно со поголема продуктивност на работната сила и раст на извозот.
Податоците од Европската комисија нагласуваат дека со проширувањето Униојата се зголемила и вкупната економска моќ на ЕУ, додека прегледот на „Еуроњуз“ известува дека граѓаните на земјите членки од 2004/07 година самите ги идентификуваат економскиот раст и новите можности за работа како главни придобивки од приклучувањето.
Според „Обсерваторијата за економска комплексност“, платформа за визуелизирање на економски податоци, најчестите дестинации на извозот од Северна Македонија се Германија (3,96 милијарди долари), Србија (869 милиони долари), Бугарија (419 милиони долари), Грција (351 милион долари) и Унгарија (330 милиони долари).

Со оглед на тоа што ЕУ веќе го апсорбира најголемиот дел од трговијата со Северна Македонија, слични намалувања на граничните и регулаторните трошоци и целосниот пристап до единствениот пазар би се претвориле во поголеми инвестиции, подобро платени работни места и побрза конвергенција на приходите.
И на краток и на подолг рок, придобивките се во секој момент поголеми од трошоците. Може да има некакви трошоци и блага инфлација, но ако се види БДП, БДП по глава на жител, растот на БДП и општо економскиот раст – секогаш тие економски параметри се повисоки од негативните параметри, објаснува Дамјановски околу економските придобивки од влегувањето во ЕУ и внатрешниот пазар.
Проф. Марковиќ даде поинаква интерпретација. Тој вели дека земјите кандидатки се најдисциплинирани и вложуваат најмногу напори во борба против корупцијата додека не влезат во самата ЕУ. Потоа, оваа дисциплина опаѓа.
Да, ЕУ има одредена трансформативна моќ, особено додека земјата е кандидат, но ни ова не е семоќен механизам кој може да искорени вековни навики на еден народ да ја поткраднува сопствената држава и да го саботира сопствениот економски живот. До одредени промени во навиките и институционалниот однос кон корупцијата и сродните феномени може да дојде, но дали ефектот би бил долготраен – останува да претпоставуваме. Познавањето на самите себе си во оваа смисла го раѓа цинизмот кој, иако присутен, не попречува ниеден граѓанин да биде рамноправен учесник во истата оваа корупција (и непотизам) на сите нивоа. За жал, социјалната инерција често го победува здравиот разум. Кај нас тоа стана правило, не исклучок, вели Марковиќ.
Но, сегашниот гнев поради застојот во евроинтеграцискиот процес им отежнува на граѓаните да се фокусираат на овие долгорочни материјални придобивки. Па и затоа две третини од граѓаните стравуваат дека пристапувањето кон ЕУ ќе значи зголемени економски трошоци – без разлика дали тоа е така или не.
Еврото од макроекономска перспектива
Масовните протести што може да се забележат во Бугарија изминатиов период се главно насочени против новиот буџет, но и против воведувањето на еврото како национана валута. Но, доколку се земе примерот на Хрватска, во првата година, и покрај вистинските грижи за зголемување цените, воведувањето на еврото донесе јасни економски придобивки, поголеми од почетниот скок на инфлацијата.
На пример, во 2023 година Хрватска забележа една од највисоките стапки на раст во ЕУ од околу 3,8%, невработеноста падна на најниско ниво од 1996 година, просечните плати се зголемија за повеќе од 30% во споредба со периодот кога куната беше националната валута, а централната банка проценува дека околу 160 милиони евра годишно се заштедуваат од конверзија на валута и трансакциски трошоци. Како што пишува Дојче Веле, скептицизмот кон воведувањето на што Хрватите го имаа на почетокот, главно исчезна со текот на времето.
За економија зависна од туризмот, еврото, исто така, го поедностави патувањето, ја отстрани неизвесноста на девизниот курс и ги направи цените потранспарентни за посетителите од еврозоната, при што хрватските бизнисмени нагласуваат дека прекуграничната трговија и туризмот сега имаат корист од пониските трошоци и стабилна, широко доверлива валута. Затоа, хрватските економисти цитирани во Политико тврдат дека главната лекција е да не се потценува планирањето, но исто така и да не се паничи. Голем дел од неодамнешниот ценовен притисок во обете земји дојде од глобалните шокови, велат тие, а не од самото усвојување на еврото, а Бугарија се подготвува да се придружи во помирна инфлаторна средина од онаа со која се соочи Хрватска во 2023 година.
Може да се очекува некој период на емиграција
За разлика од економските грижи што не се оправдани, грижите на граѓаните дека пристапувањето во ЕУ ќе предизвика нов бран на емиграција донекаде се разбирливи кога ќе се погледнат искуствата од последните три земји што се приклучија на Унијата. На пример, податоците на Хрватската народна банка покажуваат дека емиграцијата од Хрватска кон другите ЕУ земји во периодот 2013-2016 година била околу 2,6 пати поголема од официјалните бројки, со приближно 230 илјади луѓе што ја напуштиле земјата во првите четири години од нивното членство во ЕУ.
Романија, исто така, доживеа голем бран на иселување по пристапувањето во ЕУ. Бројот на лица кои се иселиле од државата се зголемил од околу 1,3 милиони во 2001 година на околу 3,4 милиони до средината на 2010тите, а во други анализи се проценува дека најмалку 1 милион луѓе ја напуштиле земјата во годините по 2007 година, потврдувајќи дека слободното движење во ЕУ првично може да ги интензивира трендови на емиграција.
Сепак, овие бранови не доведоа до бесконечен еднонасочен егзодус. Во Бугарија, податоците на Светската банка покажуваат дека емиграцијата нагло се зголемила по 2007 година, но подоцна почнала да се стабилизира. Од Институтот Отворено општество откриле дека околу 35 илјади луѓе се вратиле во Бугарија во периодот од четири години пред 2017 година, опишувајќи го ова како своевидна пресвртница во брановите на емиграција. Слично, неодамнешните податоци на ОЕЦД, исто така, бележат пад од 11 отсто на годишно ниво на бројот на бугарски државјани кои емигрирале од државата кон ОЕЦД земјите во 2024 година.
Кога ќе се погеднат трендовите (според податоците на Светската банка), односно вкупната миграција во овие три држави, може да се забележи дека после неколку години, вкупната миграција (бројката на луѓе кои се вселуваат минус бројката на луѓе кои се иселуваат во државата) во првите неколку години по влегувањето во ЕУ е во дефицит. Тоа значи дека поголем број на луѓе се иселиле отколку што се вселиле во државата. Но, потоа се стабилизира и, за Бугарија и Хрватска, речиси се израмнува речиси подеднаква стапка на луѓе кои се иселуваат и вселуваат.

Од овие примери може да се увиди дека иако е веројатно на краток до среден рок да има пораст на емиграцијата по влегувањето во ЕУ, со текот на времето овие бранови имаат тенденција да стагнираат и да се променат. Потоа може да се појави и циркуларна и повратна миграција на иселените граѓани. А за стравовите на граѓаните, проф. Марковиќ е дециден:
Ајде прво да влеземе во ЕУ за потоа воопшто да можеме да разговараме дека ЕУ е главниот виновник за оваа ситуација. Евидентно е дека нам ни се случува одлив на мозоци и многу пред влегувањето во ЕУ, па мислам дека во македонскиот случај ќе биде тешко да се обвини ЕУ за тенденциите на одлив на мозоци кои веројатно тогаш би се забрзале. Реалната ситуација во која би можеле да се најдеме е од една страна да имаме огромен одлив на работна сила, а од друга страна како општество сме имале и имаме огромен страв од прилив на мигранти, па оваа комбинација на фактори може да не доведе до економски вакуум кој ниту ќе можеме ниту ќе знаеме како да го пополниме. Ние сме сепак општество кое пред неколку години собираше потписи против мигранти кои не постоеја и никогаш не дојдоа. Што понатаму да се коментира?, посочува Марковиќ.
Блокадите на земји членки кон земји кандидати – ништо ново
Анализата на Вистиномер, базирана на податоците од оваа анкета на јавно мислење, но и од анкетите од минатите години, покажува дека Бугарија се гледа како најголем непријател на нашата држава. И покрај тоа што од ЕУ потенцираат дека уставните измени се задолжителен чекор за почеток на преговорите, а власта опстојува на ставот дека уставни измени нема да има, сепак оваа вина се префрла кон Бугарија. Без разлика дали е оправдано или не тоа што Бугарија „става услов“ или бара да се исполнат обврски на коишто државата се има обврзано во Договорот за добрососедство, ваквото „уценување“ на земја членка на ЕУ врз земј -кандидат не е без преседан.
Не многу одамна, иако Хрватска немаше проблем за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата, при крајот на овој процес, во 2009 г., Словенија ги блокираше преговорите на Хрватска во повеќе наврати. Главната причина беа неколкуте неразрешени територијални и гранични прашања што двата соседа ги решија по пат на арбитража две години подоцна. Но, и покрај завршената арбитражата и формалното завршувањето на преговорите во 2011 г., Словенија повторно го блокираше пристапот на Хрватска кон ЕУ, со тоа што беше последната ЕУ членка што го потпиша и ратификува договорот за пристап на својот сосед дури во 2013 г., повторно две години подоцна.
Во поново време, го имаме и примерот на Унгарија којашто активно го блокира почетокот на преговорите на Украина, главно заради нивната загриженоста за унгарското малцинство во Украина и функционирањето на единствениот пазар во државата.
Државата е веќе 20 години во претпристапно лимбо и поддршката за влез во ЕУ се намалува од година в година поради блокади, внатрешнополитички проблеми и она што граѓаните го сметаат за неправедни услови кои ЕУ и нејзините членки, како Бугарија, ни ги наметнуваат. Ваквите одложувања само ги зголемуваат разочарувањета и апатијата и покрај високите нивоа на поддршка во минатото, при што многумина сметаат дека „европскиот сон“ бледнее и станува кошмар на неисполнети ветувања и продолжена стагнација, без разлика дали и колку придобивки може да имаме ако влеземе во Унијата.




