Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, нема докази дека човекот на видеото е убиен наводно затоа што одбивал да биде мобилизиран. Напротив, единственото сигурно е дека дошло до конфликт меѓу човекот кој е облечен во цивилна облека со службениците од Територијалниот центар за регрутација во Одеса
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:
Украинската војска во Одеса убива цивили кои одбиваат мобилизација!
На видео материјалот кој е споделен во склоп на објавата, се гледа како од регрутниот центар во градот Одеса е изнесен човек и оставен пред капијата. Изнесувањето го прават две униформирани лица, а потоа се гледа дека други двајца војници го напуштаат центарот низ капијата.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не е точно дека човекот на видеото е убиен. Нема докази дека тој одбивал мобилизација. Напротив, единственото сигурно е дека дошло до конфликт меѓу човекот кој не носи униформа ниту војнички чизми, туку е облечен во цивилна облека и во десната рака држи мобилен телефон, со службениците од регрутниот центар.
Доказ дека човекот од видеото не е убиен, претставува дополнителната снимка која што воопшто не е објавена во склоп на постот. Таа снимка Вистиномер ја пронајде на украинскиот сајт Антикор.
Нов скандал еруптираше во Одеса, а се однесува на Територијалниот центар за регрутација. Која е причината поради која почнал конфликтот не е познато. Но, на снимката маж облечен во цивилна облека може да се види како лежи на земја пред портите на зградата на центарот за регрутација во Одеса. Според авторот на видеото, наводно еден од војниците го удрил човекот со пушка. За време на конфликтот еден од вработените им рекол на минувачите дека дури и да застрелаат некого не би биле казнети. Понатаму во објавеното видео двајца војници ја напуштаат сцената. Цивилно лице ги следи за да им го сними лицето на камера. Еден од претставниците на ТЦР почна да фрла со камења. Како завршил инцидентот сè уште не се знае, пишува на сајтот Антикор.
Дополнително, забележливо е дека двете лица кои што се облечени во војничка униформа на видеото се гледа дека не учествуваат во изнесувањето на цивилот надвор низ вратата, туку се појавуваат од позади и излегуваат од објектот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Точно е дека избил инцидент во зградата на Територијалниот центар за регрутација во Одеса, меѓутоа не е точно дека човекот на видео материјалот од објавата бил убиен. Тоа може да се потврди од видеото објавено од друг агол на сајтот Антикор, каде се гледа дека човекот е жив, зборува, а во раката држи мобилен телефон.