Дезинформаторите ѝ се намерачија на Олимпијадата

Published on:

Уште на почетокот на јуни Мајкрософт предупреди дека Русија води малициозна кампања со дезинформации насочена кон Олимпијадата во Париз и францускиот претседател Емануел Макрон. Според нивните информации, операциите за влијание се состојат од фабрикувани видеоматеријали, фејк вести и говори креирани со вештачка интелигенција, како што беше случајот со лажно имитираниот глас на холивудскиот актер Том Круз

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Најспектакуларниот и најочекуваниот спортски настан во светот – Олимписките игри во Париз станаа мета на дезинформации за поткопување на угледот на Франција и на ЕУ во целина. Во ваквата бескрупулозна кампања не беа поштедени поединци кои беа обвинувани дека се „мажи во женски тела“, како само една од низата дезинформации.

Уште на почетокот на јуни Мајкрософт предупреди дека Русија води малициозна кампања со дезинформации насочена кон Олимпијадата во Париз и францускиот претседател Емануел Макрон.

Русија води интензивна дезинформациска кампања со цел да ја урне репутацијата на Интернационалниот олимписки комитет и да внесе страв од насилство на Олимписките игри, извести аналитичкиот центар за закани на Мајкрософт на 6 јуни.

Според нивните информации, операциите за влијание се состојат од фабрикувани видеоматеријали, фејк вести и говори креирани со вештачка интелигенција, како што беше случајот со лажно имитираниот глас на холивудскиот актер Том Круз. Како што извести Си-Ен-Ен на 4 јуни, се работеше за лажен глас за кој невистинито се тврдеше дека е на Том Круз, како наратор на лажен документарец полн со напади за интернационалниот олимписки комитет, но и со ковчези за да се инсинуира „доближување на војната во Украина до Ајфеловата кула“.

Русија ги засилува овие малициозни кампањи против Франција, претседателот Емануел Макрон, интернационалниот олимписки комитет и Олимпијадата.И покрај тоа што Русија има долга историја на таргетирање на Олимписките игри, аналитичкиот центар за закани на Мајкрософт забележува стари тактики кои се измешани со вештачката интелигенција кои може да се засилат како што се приближува отворањето на Олимписките игрипредупреди Клинт Ватс генерален менаџер на аналитичкиот центар на Мајкрософт (03.06.2024).

Светските медиуми пишуваат и за тоа дека во намерата да се засили анти-ЕУ сентиментот, Париз со помош на вештачка интелигенција беше претставуван како „полн со ѓубре, нечиста канализација, стаорци“, но и за „лулка на криминалот“.

Глобалните настани како Олимписките игри несомнено станаа високопрофилна цел за онлајн дезинформации и пропаганда.

 

Кои дезинформации за Олимпијадата беа актуелни во Северна Македонија?

Церемонијата за отворање на Олимпијадата доживеа критики од поконзервативните гледачи за „сатанизам“ и „потсмевање со христијанството“, па за да се „заокружи“ оваа слика се појави дезинформацијата дека режисерот на отворањето го удрил гром како божја казна. Но веста со лажна атрибуција на светски медиуми потекнува од руски извор. Како што може да се види на скриншотот што се ширеше, на него пишува „теле дно“ на кирилица, па тој најверојатно потекнува од истоимениот руски Телеграм-канал. Меѓутоа, тоа не е примарниот извор за овој „скриншот“, затоа што тој може да се сретне и без тој натпис, кој бил отпосле додаден.

Конзервативни кругови сметаа и дека церемонијата за отворање на Олимпијадата има „сатанистички“ елементи со сцени кои според нив се пародија на сликата на Леонардо Да Винчи, „Последната вечера“, на која се претставени Исус и неговите апостоли. Ама, нема доказ дека таа слика му била инспирација на режисерот Тома Жоли, а и тој самиот тоа го демантира.

Најголеми контроверзии, говор на омраза и дезинформации како и антиродова хистерија предизвика учеството на Алжирката Имане Келиф, натпреварувачка во бокс која го освои златото. Но, претходно таа беше таргет на организирана пропагандна кампања во која се дезинформираше дека таа била „маж“.

Боксерката од Алжир е родена како жена, регистрирана е како  жена, го живее својот  живот како жена, боксува како жена, има пасош на жена, изјави портпаролот на Интернационалниот олимписки комитет Марк Адамс во петокот.

Келиф е жена, која не е трансродова, ниту, пак, се идентификува како интерсекс. Таа има разлики во развојот, односно состојба наречена DSD којашто не е исто со тоа да се биде трансродово лице. DSD (Differences in sex development ) е сет на ретки состојби, кои вклучуваат гени, хормони и репродуктивни органи кои може да предизвикаат сексуалниот развој на личноста да е различен отколку кај другите. Понекогаш ова може да води кон тоа лицата да имаат XY хромозоми, но да се развијат како жена, пишуваат проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј.

По Имане Келиф и  боксерката Синди Нгамба (25) беше лажно обвинувана и таргет на дезинформациска кампања дека е маж и покрај тоа што е жена. Таа е родена во Камерун и со семејството избегала во Велика Британија.

Целата дезинформациска кампања беше насочена кон тоа да се дискредитира вредносниот систем на ЕУ и да се претстави како изопачен. За таа цел на Фејсбук се презентираше и невистинита информација дека спонзорот „Самсунг“ се повлекол од Олимпијадата со финансиите, односно дека ги повлекол паричните средства за спонзорства. Станува збор за сатирична објава која во Северна Македонија беше промовирана како да е сериозна и чиста вистина.

И регионот не остана имун на дезинформациите за Олимпијадата. Така во Србија се споделуваше вирално видео од 2022 година со невистинит наслов дека потекнува од Олимпијадата, како наводна реакција на „илјадници христијани што се собрале на протест во Париз после отворањето на Олимписките игри“. Снимката што се споделуваше е од собир во август 2022 година и прикажува верници во пресрет на христијански празник во градот Лурд во Франција и нема никаква врска со Олимпијадата.

Во Хрватска се споделуваше фотографија од тенисерот Новак Ѓоковиќ со напомена дека наводно „се спротиставил на срамното отворање на Олимписките игри во Париз“, па „клекнал и се прекрстил“. Фотографијата, секако немаше врска со спортскиот настан туку беше стара од 2022 година, а се ширеше со невистинит опис.

Русија ја користеше својата пропаганда да ги дискредитира и минатите Олимпијади, како што направи кога тогашниот Советски Сојуз ги бојкотираше игрите во 1984 година во Лос Анџелес. Во тоа време, беше дистрибуиран печатен материјал на официјални лица во Африка и Азија со сугестии дека спортистите што немаат бела кожа, ќе бидат гонети од расисти во САД.

Современа Русија, како и нејзиниот претходник Советскиот Сојуз, има долготрајна традиција да се обидува да ги поткопа Олимписките игри. Ако не можат да учествуваат или да победат на Олимпијадата, тогаш тие се обидуваат да го поткопаат, оцрнат и деградираат меѓународниот натпревар во очите на учесниците, гледачите и глобалната публика, се наведува во анализата на Мајкрософт од 6 јуни.

Инаку, властите во Франција беа на висок степен на готовност за саботажи, сајбер напади и дезинформациски напади чија цел се Олимписките игри.