Germany_Montenegro_Locator.png: The original uploader was Groubani at English Wikipedia.derivative work: Tobyc75, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Современиот договор за пријателство помеѓу Германија и Велика Британија не може легитимно или историски да се спореди со нацистичките цели на Хитлер. Хитлеровиот „сон“ вклучуваше: доминација на Германија врз Европа, уништување на Советскиот Сојуз и комунизмот, геноцид врз Словените, Евреите и други „непожелни“ народи според нацистичката идеологија, уништување на парламентарната демократија и воспоставување тоталитарна држава
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Сонот на Хитлер се оствари.
Се обединија двете германски племиња против Словените(Русија).
Објавата споделува и фотографија од напис во кој се вели дека Германија и Велика Британија склучиле воен сојуз.
Го побаравме написот од фотографијата за да видиме за каков воен сојуз станува збор. Во написот на Макфакс кој се повикува на Дојче веле, пишува дека германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер потпишале договор за пријателство.
Овој договор не е само договор за воен сојуз, туку опфаќа повеќе сегменти. Покрај безбедноста и вооружувањето, опфатени се односите со Украина и Западен Балкан, политиката на миграција, патувањата, енергетиката, економијата и транспортот.
Во делот на безбедноста се наведува:
Германија и Обединетото Кралство ја потврдуваат блиската соработка во оваа област. Забележливо е дека се договара клаузула за заемна помош, која треба билатерално да го надополни Членот 5 од договорот за НАТО. Во неа се наведува:
„Свесни за блиската усогласеност на нивните фундаментални интереси и убедени дека не постои стратегиска закана за едната страна што не е и стратегиска закана за другата страна, договорните страни, како блиски сојузници, ја потврдуваат својата длабока посветеност на меѓусебната одбрана и си обезбедуваат меѓусебна помош во случај на оружен напад врз другата страна, вклучително и воени средства.“
Ова треба да важи и за нови области како што е сајбер-безбедноста.
Велика Британија (географски поим за најголемиот остров од Британските Острови што често се користи како кратенка за целосниот назив на политичкиот ентитет Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, што ги обединува Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска) и Германија потпишале договор за пријателство во кој, меѓу другото, се дефинира и соработката во областа на безбедноста. Значи, на станува збор за некаков посебен и ексклузивен воен сојуз или договор, како што тоа сака да го прикаже објавата.
Што се однесува до „сонот на Хитлер“ и некакво обединување на „двете германски племиња против Русија“, алудирајќи на тоа дека овој договор меѓу Германија и Велика Британија е некаков фашистички договор – односно дека некаков фашистички сојуз ќе ù се спротивстави на Москва – во тој дел од објавата се препознава наративот кој е на иста линија со про-Кремљ дезинформациите дека сите се „нацисти“, освен Русија. Како што објавува EuVsDisinfo, долги години руските медиуми контролирани од државата тврдeле дека различни држави и ентитети се управувани од нацисти, или, пак, се водат од нацистичката идеологија. Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример, се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а, исто така, и балтичките држави и Полска. Понатаму, дека Европа го „поддржува“ фашизмот, а тоа го прави и Европскиот парламент.
Современиот договор за пријателство помеѓу Германија и Велика Британија не може легитимно или историски да се спореди со нацистичките цели на Адолф Хитлер. Хитлеровиот „сон“ вклучуваше: доминација на Германија врз Европа, уништување на Советскиот Сојуз и комунизмот, геноцид врз Словените, Евреите и други „непожелни“ народи според нацистичката идеологија, уништување на парламентарната демократија и воспоставување тоталитарна држава.
Современите европски држави се либерални демократии, членки на НАТО и ЕУ (или сојузници на тие организации), и нивната соработка е заснована на вредности на демократија, пазарна економија и човекови права, а не на идеолошки расизам или освојувачки планови, иако Кремљ и неговите поддржувачи постојано, со цел да се оправда руската воена агресија врз Украина, тврдат дека ЕУ и НАТО се фашистички организации и дека тие ја поттикнуваат војната. Вистиномер ваквите дезинформации досега ги има дебанкирано во неколку наврати.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека договорот меѓу Велика Британија и Германија е обединување на двете германски племиња, ова е историски и политички неоснована формулација. Иако некои десничарски или ултранационалистички наративи понекогаш ја користат оваа реторика, таа не одговара на реалноста. Германија и Велика Британија не се германски племиња во етнички или политички смисол денес. Велика Британија е мултинационална и мултикултурна земја со сопствена историја, која често била во конфликт со Германија (вклучувајќи ги и двете светски војни).
Нема докази дека современите меѓусебни договори на западните држави имаат за цел обединето дејствување против Русија како словенска држава, туку се реакција на конкретни политички и безбедносни настани (на пр., воената инвазија на Русија врз Украина).
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.




