Литиум. Фото: Википедија Dnn87 – Self-photographed
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Договорот кој, се чини, го постигнаа САД и Украина за споделување на рудните богатства со кои располага Киев, особено ретките минерали, а за кој официјално се преговараше помалку од еден месец, се покажа дека е еден од клучните фактори што решава за мир или продолжувањето на војната во Украина. Тој нов или барем многу видливо нов феномен во надворешната политика и во геополитиката, се разбира не помина и без информации низ медиумите на македонски јазик, од типот „Украина им ги дава минералите на САД за право да се бори“.
Од другите покарактеристични теми околу кои имаше видливи дезинформации ја издвојуваме онаа за тоа како еден терорист со македонско потекло беше унапреден во министер во новата влада на Сирија
Во моментот кога овој текст се затвора*, во Вашингтон трае посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој со американскиот претседател Доналд Трамп би требало да го потпише билатералниот договор за „споделување користење од страна на САД на ретки суровини“, за кој до последниот ден 27.02. имаше информации и дезинформации дека можеби нема да биде потпишан. Нештата станаа појасни откако украинскиот премиер Денис Шмихал потврди дека неговата влада го одобрила договорот, а американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Зеленски доаѓа во петок во Вашингтон при што „ќе потпишат многу голем договор“. Сега е веќе познато што има во драфт договорот околу кој Киев и Вашингтон постигнале согласност, бидејќи украинската влада го објави спроти посетата на Зеленски целиот текст од договорот, иако постои мала резерва поставена од Зеленски поврзана околу безбедносните гаранции за Украина.
Обвинувања дека Украина ги трампала минералите за оружје
За тоа дека договорот конечно е постигнат, за првпат поголем дел од домашните и светски медиуми јавија пред два дена (26.02). Тогаш, иако вистинските детали од договорот сè уште не беа познати, дел од домашните медиуми, повикувајќи се на други светски медиуми или на изјави на Трамп побрзаа со наслови од типот „Украина им ги дава минералите на САД за право да се бори“, или „САД ќе се богатат од украинските минерали, додека безбедносните гаранции за Украина „висат во воздух“. Иако не може да се каже дека станува збор за дезинформации, уредничкиот пристап во насловите доволно кажува за призмата низ која се доживува оваа вест за договорот.
Но, едно е сигурен факт. Овој договор за користење и експлоатација на рудните богатства со кои располага Киев од страна на САД, а за кој се преговараше официјално околу еден месец, се покажа дека е еден од клучните фактори што решава за мирот или продолжувањето на војната во Украина. Генезата на вестите околу овој договор во текот на февруари 2025 може да се забележи на почетокот на месецот и е поврзана со продолжувањето на испораката на американско оружје за Украина по краткиот застој откако Трамп ја презеде функцијата. Во објавата на веста во еден од медиумите на македонски јазик е наведена и изјавата на Трамп со која ги врзува испораката на оружје со трговскиот договор за користење на рудите и минералите:
Според Стејт департментот, од почетокот на целосната руска инвазија и до 2025 година, САД му пружиле воена помош на Киев за 66 милијарди долари, а од 2014 година – речиси 70 милијарди долари. Зеленски ја процени сумата за која Украина доби оружје на околу 76 милијарди долари. Трамп, пак, најави обезбедување оружје за 200 милијарди долари. Тој рече и дека ќе склучи договор со украинските власти, според кој Киев ќе добие американска помош во замена за ретки метали – се наведува во веста на медиумот, во која основен извор е Ројтерс.
Само неколку дена подоцна дел од медиумите во земјава пренесоа вест со изјава на Зеленски дека е подготвен за договор со САД за ретките минерали. Во веста продуцирана од разговор на агенцијата Ројтерс со Зеленски во Киев, се нагласува дека според Зеленски „Украина треба да добие безбедносни гаранции од сојузниците како дел од секој договор“.
Зеленски рече дека помалку од 20 отсто од минералните ресурси на Украина се под руска окупација, вклучително и околу половина од нејзините наоѓалишта, се вели во веста.
Кои ретки рудни богатства се адутот на Украина?
Веднаш потоа, еден од домашните медиуми објавува поширок текст со појаснување што се и кои се ретките минерали во Украина, за што се користат и колку вредат.

Во текстот меѓу другото се наведува дека „според Институтот за геологија, Украина поседува елементи како лантан и цериум, кои се користат во телевизори и осветлување; неодимиум, кој се користи во турбини на ветер и батерии за електрични возила; и ербиум и итриум, чиишто апликации се движат од нуклеарна енергија до ласери. Истражувањето финансирано од ЕУ, исто така, покажува дека Украина има резерви на скандиум. Деталните податоци се класифицирани“. Се потсетува и на изјавата на Зеленски дека
Украина ги има најголемите европски резерви на титаниум и ураниум“, но и дека Украина има еден од најголемите потврдени резерви во Европа, проценети на 500.000 метрички тони, литиум – од витално значење за батериите, керамиката и стаклото.
Резервите на титаниум се претежно лоцирани во северозападна и централна Украина, додека литиумот е во центарот, истокот и југоистокот, се вели во дел од објавата на медиумот.
Притисоците на Трамп за договорот
По ова следуваше изјавата на Трамп во разговор за Фокс Њуз, каде што рече дека Украина еден дел би можела да стане дел од Русија, со додавка дека поддршката на САД има цена и дека сака да ги добијат тие пари од ретките метали на Украина. Оваа вест претежно со наслов „Трамп: Поддршката за Украина има своја цена, мораме да добиеме нешто, во спротивно сме глупави“ ја пренесоа голем дел од медиумите во земјата.

„Ѝ реков на Украина дека сакам ретки земјени метали во вредност од 500 милијарди долари. И тие во основа се согласија на тоа, па барем да не се чувствуваме глупави“, рече Трамп. „Инаку сме глупави“. Им реков: Мора да добиеме нешто. Не може да продолжиме да ги даваме овие пари“, се наведува во веста. До крајот следуваа и други шокантни изјави од Трамп кои може да се оценат како притисоци, а еден од таквите е кога американскиот претседател го нарече Зеленски „диктатор“, нешто за што откако беше постигната согласност Трамп вели дека не верува дека рекол така.
„Колонизација на Украина“ и фамозното НЕ на Зеленски
Следните денови светот вклучително и медиумите во земјава се занимаваа со објавата на Трамп дека имал „долг и продуктивен“ телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, па објавата дека руската и американска делегација на високо ниво ќе се сретнат во Ријад, зголемените шанси за постигнување мир во Украина (за што „Вистиномер“ објави анализа), итн.
Вестите околу договорот за ретките минерали не беа забележливи неколку дена, се до одржувањето на Минхенската безбедносна конференција, на чии маргини за договорот разговараа делегациите на САД предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс и на Украина предводена од Володимир Зеленски. Тоа беше првото одбивање на договорот од страна на Зеленски, што беше забележано од дел од медиумите во земјава :
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише договор со кој на САД би им се доделиле 50 отсто од сите идни резерви на ретки метали во Украина, јавуваат новинските агенции по состанокот меѓу Зеленски и американските лидери на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари… „Нашите тимови ќе продолжат да работат на документот. Подготвени сме да се движиме што е можно побрзо кон вистински и гарантиран мир. Длабоко ја цениме решителноста на претседателот (Доналд) Трамп, кој може да помогне да се запре војната и да се обезбедат правда и безбедносни гаранции за Украина“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х.– се вели во објавата.
Два-три дена подоцна британски Телеграф објави делови од драфт договорот што САД го подготвиле уште на 07.02., а еден од домашните медиуми детално го пренесе текстот со наслов „Трамп сака да ја колонизира Украина“, додека во поднасловот се наведува: „Побарувањата на Трамп се полоши од финансиските казни наметнати на Германија и Јапонија по нивниот пораз во 1945 година. И се поголеми отколку репарациите наметнати на Германија со Версајскиот договор“.
По ова следеше второто одбивање на Зеленски на договорот, кога неговото НЕ беше зачинето со реченицата дека не може да ја продаде Украина, што токму под таков наслов беше пренесено од неколку медиуми на македонски јазик. Во веста меѓу другото се наведува:
Украинскиот лидер, кој е под силен притисок од Белата куќа на Трамп, според медиумот, рече дека Вашингтон и доставил на неговата земја 67 милијарди долари (64,22 милијарди евра) оружје и 31,5 милијарди долари (30,19 милијарди евра) директна буџетска поддршка за време на речиси тригодишната војна со Русија.
„Не можете да ги наречете овие 500 милијарди и да барате да вратиме 500 милијарди минерали или нешто друго. Ова не е сериозен разговор, рече Зеленски.
Според него, предложениот договор не содржи безбедносни одредби што итно и треба на Украина за да се заштити од руска агресија. Тој рече дека нацрт-договорот предвидува САД да преземат сопственост на 50 отсто од клучните минерали во Украина.

„Јас ја бранам Украина, не можам да ја продадам нашата земја“ – гласи дел од веста што ја пренесуваат домашните медиуми.
По ова следуваа вести дека САД и понудиле на Украина подобрена верзија на договорот, а веста беше објавена под наслов „Зеленски доби „помек“ ултиматум од Вашингтон: Последна понуда на Трамп за клучните украински ресурси“. Друг медиум се фокусира на притисокот на Трамп, но и на опасноста најголемото наоѓалиште на литиум во Украина да биде заземено од Русите.
Договори за украинските руди понудија и ЕУ и Русија
Она што се чини како куриозитет се две информации кои дојдоа непосредно пред финиширањето на договорот. Првата е дека Европската унија исто така и нуди преговори или преговара со Украина за користење на рудите. Во веста, што ја пренесоа домашните медиуми, меѓу другото се наведува:
„Европскиот комесар за индустриска стратегија Стефан Сежурне рече дека ривалскиот предлог им го доставил на украинските официјални претставници со кои се сретнал во Киев за време на посетата на Европската комисија за одбележување на третата годишнина од целосната инвазија на Русија.
„Дваесет и еден од 30-те критични материјали што и се потребни на Европа може да бидат обезбедени од Украина во партнерство со победа-победа“, рече Сежурне, пренесе АФП, објави еден од домашните медиуми.
Тој нагласи : „Додатната вредност што ја нуди Европа е дека ние никогаш нема да бараме договор што не е заемно корисен“.
Втората вест е дека и Русија им нуди на САД договор за соработка околу експлоатација на ретки суровини во Русија, но и на територијата на Украина, а беше проследена со големо внимание од домашните медиуми. Во самата вест, иако се споменува дека во понудата на Путин биле опфатени и наоѓалиштата кои се на окупираните украински територии, само еден медиум го истакнал тоа и во насловот.
Како Јашари од полковник беше унапреден во министер?
Еден од позабележливите примери на влијание од странски медиуми врз домашни во пренесување на дезинформација или половична информација, беше веста со која скопјанецот Абдул Јашари, означен од САД како терорист, бил унапреден во новата сириска влада во министер.
Веста ја пренесоа повеќе онлајн медиуми на македонски јазик, соодветно и на нивните фејсбук налози, поради што „Вистиномер“ направи и соодветна рецензија во која ги проверуваше фактите, што може да се прочита тука.
Накратко, веста дека Јашари бил унапреден во министер е дезинформација, затоа што на ниту едно место не може да се најде тој факт. Веста во својот корен е стара повеќе недели, поточно непосредно пред Нова година 2024/2025, кога Јашари на својот Фејсбук профил објавил дека бил унапреден во чин полковник во новите оружени сили во Сирија.
Ден, два подоцна на 30.12.2025 Ројтерс објавува вест со наслов „Сирија назначи некои од странските исламистички борци во својата војска“. Утредента, саудиски онлајн медиум „Араб њуз“ со истиот наслов ја пренесува веста на Ројтерс.
На 08 јануари 2025 г. поширока сторија објавува Радио Слободна Европа, која исто така се однесува за унапредување и назначувања на странски борци во сириската војска. Притоа за Јашари, позната и под името Абу Катада ал-Албани, исто така стои податокот дека бил унапреден во полковник. Веста може да се најде во тој период и на некои други медиуми и потоа повеќе од еден месец нема нови информација околу посочениот Јашари.
Медиумски во регионот Јашари го оживува српскиот онлјан медиум Информер.рс, кој објавува текст со наслов „Албански терорист доби место во новата влада на Сирија: Поради тероризам беше под санкции на САД, а сега и се заканува на Србија(Видео).

Тие во насловот и поднасловот пишуваат дека посочениот добил место во новата сириска влада и ништо повеќе од таквата формулација не е наведено попрецизно. Информер, патем, ја обработува темата од аспект на Косово и го цитира Јашари со некоја скорешна негова изјава дека барањето на Приштина за признавање на Косово до новите сириски власти било доставено несоодветно од министер за локална самоуправа, наместо од премиер или претседател.
Дури и Информер на крајот од текстот отстапува од тврдењето во насловот и поднасловот и го цитира Јашари, т.е. Ал-Албани од 28 декември 2024 г. дека бил унапреден во чин полковник.
Веста на Информер.рс некритички ја преземаат македонски онлајн медиуми, а ја објавува и една телевизија со национална концесија, во која зборовите „доби место во новата сириска влада“ е преведено како министер и со такви наслови кои не се вистинити беше опсипан медиумскиот простор, а оттука и социјалните мрежи, со исклучок на „Вистиномер“ и Мета.мк, која ја пренесе проверката на факти.
*(Забелешка – текстот е затворен на пладне 28.02.2025)