Ексминистерот за здравство на Украина не е осомничен за ,,продажба на човечки органи во странство”

Published on:

Поранешниот заменик министер за здравство на Украина Михаил Загричук, според неофицијалните информации во украинските медиуми, е осомничен за мешање (интервенирање) во единствениот државен информациски систем за трансплантација, односно за  манипулирање со листата во автоматизираниот систем кој одредува парови – донор и примател на орган

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Напред слуги на сатанисти од сатанско НАТО и педофилска ЕУ.

Во објавата се споделува фотографија во која пишува дека „поранешниот заменик министер за здравство на Украина, Михаил Загријчук е приведен за продажба на органи“. Се додава дека „тој со уште 10 доктори се приведени под сомнение дека незаконски ваделе и извезувале човечки органи во странство“. Се додава дека „откако ја напуштил раководната функција во Министерството за здравство Загријчук станал шеф на одделението за трансплантација и дигестивна хирургија во Институтот за срце“, а „дека другите 10 негови колеги лекари се специјалисти од Регионалната клиничка болница Вољинска и од Централната градска клиничка болница во Киев“.

Во оваа објава е споделена и фотографија на претседателката Гордана Сиљановска Давкова која е наречена „слуга“, а до неа се претседателот на Украина, Володимир Зеленски и германскиот канцелар, Олаф Шолц, на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин. Со претставувањето на претседателката како „слуга“ се прави обид да се дискредитира Северна Македонија и нејзините институции (институцијата претседател), како да е „поробена“ и покрај тоа што земјава е независна суверена и со сопствена власт поделена на законодавна, извршна и судска.

Исто така, апсолутно не постои никаква иницијатива во Европската Унија да се легализира педофилијата која е кривично дело. Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата и против детска порнографија, е само еден документ кој ја претставува непоколебливата борба на ЕУ против криминалот со педофилијата. НАТО, пак, од своја страна, не е никаква сатанистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани.

„Вистиномер“ веќе го има дебанкирано невистинитото тврдење за „сатанска НАТО и педофилска ЕУ“, кое е честа мантра на руската пропаганда во регионот и во земјава. Невозможно е да не се забележи дека Кремљ ги користи фразите за Западот и НАТО како „сатанистички“, во обид да ја оправда својата крвава неиспровоцирана инвазија врз суверена и демократска Украина.

Што се однесува на делот од објавата во која се пишува за поранешниот заменик министер за здравство на Украина, Михаил Загричук, информациите кои се пласирани во украинските медиуми се пласирани од неофицијални извори, и не се однесуваат на сомнежи за „извезување на човечки органи во странство“.

Дополнително, хирургот Загричук и поранешен заменик министер за здравство е на слобода и оперира, како што може да се види од неговите активности кои ги споделува на Фејсбук.

Тој за еден украински медиум вели дека е осомничен, но дека не е уапсен. Тој е осомничен за мешање (интервенирање) во единствениот државен информациски систем за трансплантација на Украина.

Како што пишува медиумот Суспилне, осомничени се и 11 лекари од различни болници кои учествувале во пилот-проектот за трансплантација на органи. Тие се осомничени за учество во криминална организација (став 1.2 член 255 од Кривичен Законик на Украина), повреда на постапката за трансплантација на човечки анатомски материјали (став 5 од член 143 од Кривичен Законик на Украина) и за неовластени дејствија со информации обработени во електронски уреди ( став 3 член 362 од Кривичниот законик на Украина).

Сомнението е за „интервенирање во единствениот информациски систем за трансплантација“, кој што е автоматски. Според различни медицински критериуми, тој систем автоматски избира донор и пациент кој може да го прими органот (соодветен донор се поврзува со соодветен пациент) и автоматски одлучува кој може да биде спасен со органот од донорот. Неофицијално, медиумите во Украина повикувајќи се на неименувани извори или „медицински кругови“ пишуваат дека во некои болници избирањето на донорот и примателот на органот имало можност да се врши рачно, со манипулација на листата на пациенти и донори, а не компјутерски како што требало да биде. Во некои болници можело да се внесуваат рачно листите на донори и пациенти.

Изборот на донорот и примателот се врши во различни болници со цел да се спречат манипулации со списокот на пациенти и донатори. Сепак, според изворите на Суспилни во медицинската заедница, некои болници кои учествуваат во пилот-проектот за трансплантација на органи можеле рачно да ја приспособат листата на донатори и пациенти, бидејќи имале пристап до системот, пишува медиумот Суспилни.

Во моментот истрага е почната по член 255 став 1 и 2 од Кривичен законик на Украина и член 143 став 5 од Кривичен законик – злоупотреба на процедурата за трансплантација на човечки анатомски материјали, креирање на криминална група, како и учество во неа и неавторизирани дејства со компјутерски систем од страна на овластено лице. Сите овие информации се неофицијални и медиумите во Украина се повикуваат на анонимни извори. Официјално институциите немаат објавено дека почнале истрага.

Дека истрагата се однесува на „мешање во единствениот државен информациски систем за трансплантација”, потврдува и Михаило Радутскиј, претседател на комитетот за национално здравје, медицинска помош и медицинско осигурување. Според него, неколку недели не се вршеле трансплантации поради сомнежите дека лекарите се мешале во единствениот информациски државен систем за трансплантација. Тој изјавил дека повеќе од 10 дена во земјата не се вршат трансплантации бидејќи лекарите одговорни за констатирање мозочна смрт се плашеле.

Во саботата имаше состанок во Министерството за здравство на кој дојдоа сите раководители на центрите за трансплантација во Украина, јас бев таму, министерот беше таму и тој постави задача во секој случај да продолжи со трансплантацијата, изјавил Радутскиј.

Тој има негова верзија како би можело да биде извршено мешањето во системот, за која кажува дека не е официјална туку дека е негова теорија.

Ова не е официјална верзија на истрагата, но мислам дека можеби е така. Има редица, тука се првите, вторите, третите во редот на кои им одговара даден орган. Никој не забранува да заборавиш да го информираш првиот во редот дека органот е достапен. Па, нема да го информираш. И органот не живее месец-два, не чека. Тоа се итни работи. Не велам дека било така, туку дека ова е можност. Затоа што рачното мешање во системот е тешко, изјавил тој.

Кои сомнежи се истражуваат? Органите на прогонот отворија кривична постапка по членови за: повреда на постапката за трансплантација на човечки анатомски материјали, создавање, управување со криминална заедница или криминална организација, како и учество во неа; неовластени дејствија со информации обработени во компјутер. Според извори на LB.ua запознаени со случајот, сомнежот е дека група лекари продавала ред за трансплантација, а биле вмешани и координатори за трансплантација кои добивале пари за манипулации со редот. Сето тоа наводно било направено со цел Институтот за срце да добие органи за трансплантација: „Ако се помести редот, дефинитивно не е бесплатен за тој за кого е преместен“, пишува Висник.

Михаило Загријчук е хирург, поранешен заменик министер за здравство во времето на министерката Зорјана Скалетска. Функцијата престана да ја врши во 2019 година. Моментално работи како раководител на Одделот за трансплантација и абдоминална хирургија на Институтот за срце на чело со Борис Тодуров.

Во ниту еден извор во Украина не се споменува дека Загријчук е осомничен „за продажба на органи во странство”, туку за манипулирање со листата во автоматизираниот систем кој одредува парови (донор и примател на орган). Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.