Од воената парада на Црвениот плоштад во Москва на 9 Мај 2024 г. на 79-годишнината од победата над фашизмот Фото: kremlin.ru
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Причината поради која на земјите членки на ЕУ им се дава предлог да не одат во Москва на 9 Мај не е зашто „ЕУ одамна не ги дели антифашистичките вредности“, туку тоа што Русија воената инвазија што ја спроведе врз Украина ја оправда со т.н. „денацификација“. Москва покани бројни светски лидери на својата годишна воена парада на 9 Мај, но дипломатот Каја Калас ги предупреди европските лидери да не учествуваат на прославата на 9 Мај, туку да покажат солидарност со Украина
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал на кој се наоѓа министерката за надворешни работи на Латвија, Баиба Браже и пишува:
ЕУ инструира земји од „западен Балкан” (што и да значи тоа), да не присуствувале на парадата во Москва на 9-мај, по повод победата над фашизмот, оти тоа не било согласно европските вредности!Не можам повеќе да се согласам – ЕУ одамна не ги дели антифашистичките вредности!Кои се ЕУ вредности? -Понижување на Македонскиот Народ.
Во изјавата Браже вели дека „на земјите на ЕУ им се дадени многу јасни инструкции да не присуствуваат на парадата на 9 Мај во Москва и да избегнуваат такви посети, бидејќи не се во согласност со вредностите на ЕУ“.
Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Причината поради која на земјите членки на ЕУ им се дава предлог да не одат во Москва на 9 Мај не е зашто „ЕУ одамна не ги дели антифашистичките вредности“, туку тоа што Русија воената инвазија што ја спроведе врз Украина ја оправда со т.н. „денацификација“. Москва покани бројни светски лидери на својата годишна воена парада на 9 Мај, но високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас ги предупреди европските лидери да не учествуваат на прославата на 9 Мај, туку да покажат солидарност со Украина. Според руските медиуми Владимир Путин ги поканил и лидерите на Кина и Бразил, на Словачка и Србија, па затоа во објавата што ја рецензираме се зборува за „земјите од Западен Балкан“.
Она што беше дискутирано многу јасно и посочено од повеќе различни земји членки, е дека кое било учество на парадата на 9 Мај или во прославите во Москва, нема да биде сфатено несериозно од европска страна со оглед на тоа што Русија спроведува војна во Европа, им рече Калас на новинарите во Луксембург после состанокот со министрите за надворешни работи.
Калас додаде дека ЕУ не сака да види која било потенцијална членка на блокот да се приклучува на прославите на Путин во Москва. Прославите на 9 Мај ја одбележуваат 80-годишнината на Русија од поразот на нацистичка Германија, во кој таа одигра клучна улога. Путин сомнително тврдеше дека неговата војна против Украина е обид да ја исчисти земјата од нацистите.
Исто така ги повикав земјите членки, но и претставниците на институциите да го посетат Киев колку што можат повеќе, за да ја покажат навистина нашата солидарност дека сме со Украина, додаде Калас.
Како што пишува „Еурактив“, на состанок во Луксембург, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига ги покани земјите од ЕУ да дојдат на 9 Мај во Киев, како показател на дипломатски мускул за спротивставување на воената парада во Русија истиот ден.
Ваквиот дипломатски потег доаѓа, бидејќи неколку европски лидери не успеја да се дистанцираат од Русија чија воена агресија во Украина продолжува, нагласи „Еурактив“.
Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, заедничката борба против современите облици на екстремистички и тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот останува клучен приоритет на ЕУ.
Дополнително ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ. ЕУ и нејзините земји-членки презедоа обемни правни и политички мерки за борба против актите на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција.
ЕУ силно ја осудува политички мотивираната злоупотреба на наративот за антинацизмот и недвосмислено ја отфрла неточната и погрешна употреба на терминот „деназификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и агресивна војна против Украина.
ЕУ е против фашизмот и нацизмот, а насоката за неприсуствување на 9 Мај во Русија е дипломатски потег за покажување единство со нападнатата Украина.
Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, пак, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.
Наспроти изнесеното во објавата ЕУ нема како вредност „понижување на македонскиот народ“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.