ЕУ и НАТО не се мешаат во изборите во Романија и Германија

Published on:

Фото: Колаж Clker-Free-Vector-ImagesPixabay – motionstockPixabay

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Претседателските избори во Романија не беа откажани од страна на НАТО и ЕУ како што невистинито се тврди во објавата, туку беа откажани од страна на Уставниот суд на Романија. Причините што ги подвлече Уставниот суд на Романија за поништувањето на првиот круг од претседателските избори во земјата каде кандидати беа крајниот десничар Калин Георгеску и либералот Елена Ласкони, се изборни нерегуларности кои бараат целосен рестарт на изборите. На претстојните избори во Германија, пак, фаворитот Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е поддржувач на правото на Украина на самоодбрана

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Демократијата на ЕУ откажана!
„Тие ги откажаа изборите таму (Романија) затоа што момчето што требаше да ги победи сакаше да ја заврши војната со Украина. Не сакаше Романија да биде камп на НАТО. Сакаше да ги задржи ресурсите на Романија за романскиот народ, а не за мултинационалните корпорации. Ако почне да изгледа дека центристите ќе изгубат во Германија, може многу добро да го пробаат истото и таму, ако го добијат резултатот што не им се допаѓа.

Претседателските избори во Романија не беа откажани од страна на НАТО и ЕУ, како што невистинито се тврди во објавата, туку беа откажани од страна на Уставниот суд на Романија. Причините што ги подвлече Уставниот суд на Романија за поништувањето на првиот круг од претседателските избори, каде кандидати беа крајниот десничар Калин Георгеску и либералот Елена Ласкони, се изборни нерегуларности кои бараат целосен рестарт на изборите.

Во согласност со членот 146 (ф) од Уставот, целиот изборен процес за избор на претседател на Романија е поништен, се вели во официјалното соопштение на Уставниот суд на Романија.

Откажувањето дојде во жижата на правни несогласувања за фер-изборен процес, со голем број на претставки доставени до Уставниот суд, пишува Еурактив.

Калин Георгеску, кандидат од крајната десница со проруски симпатии, беше обвинет дека профитирал од дезинформациски кампањи и координирана промоција на ТикТок за време на првиот круг од изборите. Романските власти повикаа да се спроведе истрага за тоа каква била улогата на ТикТок при неговото рекламирање и зголемување на досегот на неговите пораки, покренувајќи го прашањето за странско мешање и влијание на социјалните мрежи во демократските процеси на државата. Москва негираше дека се мешала во изборите во Романија.

Како што извести Би Би Си, Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори откако беа декласифицирани некои разузнавачки документи кои покажуваат дека 800 ТикТок сметки креирани од „странска држава“ во 2016 година, ненадејно биле активирани еден месец пред изборите, а кои го поддржувале Калин Георгеску, речиси непознат НАТО-скептик кој претходно го има фалено рускиот претседател Владимир Путин.

Романското разузнавање тврди дека „непријателската земја“ била Русија, додека домашната служба посочи дека наглиот раст на популарноста на Георгеску се случила поради „високо организирана“ и „герила“ кампања на социјалните мрежи, пишува Би Би Си. 

Изборите за претседател на Романија (повторените) ќе се случат во мај годинава.

Калин Георгеску кандидат за претседател и на изборите во мај, е поларизирачка фигура во Романија. Неговата анти-глобалистичка, анти-Украинска реторика е надополнета и со НАТО и ЕУ скептицизам, критики кон романската улога во војната во Украина и заговара блиски врски со Русија. Неговата кампања имаше многу ефективна стратегија на социјалните мрежи.

Поништувањето на изборите не беше поради ставовите на Георгеску, туку поради сомнежи за изборни нерегуларности изразени преку одлука на Уставниот суд на Романија, а не на ЕУ или на НАТО. Демократијата во ЕУ и НАТО не била „откажана“, туку додека да се обезбедат услови за фер избори без нерегуларности или сомнежи за нерегуларности, без да се испита како социјалните мрежи со сметки креирани од странска држава влијаеле на изборите, демократските процеси би биле компромитирани.

На новите избори закажани за мај, има нови правила – дека материјалите за кампањата ќе мора да се јасно обележани како изборен материјал, а нивните спонзори да се јасно идентификувани. И од социјалните мрежи ќе се бара да отстрануваат содржини кои не ги следат правилата и тоа најдоцна 5 часа откако тоа ќе го побара Романската изборна комисија, со ризик од казни меѓу 1 до 5 проценти од приходот.

Во делот од објавата и од говорот во видеото  каде што се вели „ако почне да изгледа дека центристите ќе изгубат во Германија, може многу добро да го пробаат истото и таму“, ова претставува предвидување, но не е базирано на докази. Досегашни состојби сугерираат дека на изборите во Германија што ќе се одржат на 23 февруари фаворит за гласањето е Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Последните анкети покажуваат дека ЦДУ води со 30 отсто што претставува значително водство од 10 процентни поени пред АфД на второто место. Самиот Мерц е исто така префериран канцелар на земјата, според анкетите, кој води со 32 отсто.

Но, актуелниот германски канцелар Олаф Шолц и неговиот главен противкандидат на претстојните избори, Фридрих Мерц, за време на телевизиската дебата на 9 февруари се согласија дека Берлин мора да продолжи да ја поддржува Украина и дека војната во Русија мора да заврши што е можно поскоро.

За време на дебатата, Мерц рече дека војната „можеше да заврши порано ако Украина беше поддржана поодлучно и со помалку двоумење“, повторувајќи ја својата претходна позиција дека Германија треба да му обезбеди на Киев ракети Таурус со долг дострел.

Така што и Шолц и Мерц се поддржувачи на правото на самоодбрана на Украина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.