Илустрација: Вистиномер
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Еден маргинален проруски политичар со албански и италијански пасош, Армандо Мема, кој е резидент на Финска, апелира Европа да го чуе мислењето на Путин, што некои лажно го опишаа како апел на официјален Хелсинки, иако Мема не е негов претставник
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук со следниов наслов:
Финска ги повика луѓето да ги послушаат зборовите на Путин за Европа.
Ова создава лажен впечаток дека Финска како држава апелира да се чуе мислењето на рускиот претседател Владимир Путин, што е изненадувачки, затоа што таа, како и повеќето европски држави, остро го осудува за неговата агресија врз Украина и му има воведено санкции.
Финска, како и други европски држави, стравува дека може да биде следна мета на Путин и токму затоа и стана членка на НАТО, па нема никаква логика, а ни доказ, дека таа упатила таков апел. Мора да се каже и дека до 1918 г. Финска била под Руската Империја, а во 1939 г. била нападната од страна на СССР, при што загубила територии, па би било чудно да апелира во полза на Русите.
Но, читајќи ја таа објава понатаму дознаваме за што навистина се работи:
Европа треба да ги послуша зборовите на Владимир Путин. Армандо Мема, член на финската национално-конзервативна партија „Слободен сојуз“, го изјави ова на страницата на социјалните мрежи X, пренесува Lenta.ru
Армандо Мема не е официјален претставник на Финска, па нема причина неговите ставови да се претставуваат како нејзини. Тој не е нејзин претседател, ниту нејзин премиер, ниту министер за надворешни работи, дури ни пратеник во нејзиниот парламент, па дури ни нејзин државјанин.
Тој е државјанин на Италија (види: тука и тука), но е родум од Албанија, каде што гласа на парламентарните избори, што значи дека поседува и нејзино државјанство, зашто без него не би можел да гласа. Согласно правилата на ЕУ, италијанското државјанство му овозможува да живее во Финска, а и донекаде да учествува во нејзината политика. Тој се кандидирал на изборите за Европскиот парламент, како и на локалните избори во Финска, но и во обата случаи без успех.
Тој е маргинален и опскурен политичар, кој се испробал во неколку политички партии, за на крај да заврши во подеднакво маргиналната и опскурна Алијанса на слободата, или, како што таа е наведена во објавата, Слободен сојуз. Таа партија нема ни еден пратеник во финскиот парламент.
Мема се експонираше само затоа што со негодувачки извици прекина говор на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен, минатата година среде Хелсинки. Мема тогаш беше приведен и осуден на казна од 110 евра за опструкција или наштетување на јавен службеник при вршење на должност, најверојатно по чл. 16 од Кривичниот законик на Финска.
Ние веќе сме пишувале (види: тука и тука) за такви маргинални политичари низ Европа, кои ја шират пропагандата на Кремљ, што неговите медиуми како Lenta.ru го користат како „доказ“ дека „видни европски политичари го почитуваат Путин и повикуваат на подобрување на односите со него“, што нема врска со реалноста (со ретки исклучоци како Виктор Орбан и Роберт Фицо).
Но, Lenta.ru, сепак, не отишле дотаму да тврдат дека Финска како држава упатила таков апел, туку тоа си го додал авторот на фејсбук-објавата, која сега ја рецензираме, со што излегол поголем руски пропагандист од самите руски пропагандисти.
За Мема објавата понатаму вели:
Тој појасни дека руските граѓани со задоволство доаѓаат во Европа за да патуваат и ја обвини Урсула фон дер Лајен дека ги лаже Европејците за наводните агресивни намери на Москва.
Финскиот политичар потсети на зборовите на рускиот претседател Владимир Путин, кој изјави дека тврдењата дека Русија наводно се подготвува да ја нападне Европа се неточни. Рускиот лидер додаде дека западните лидери намерно ги плашат своите граѓани и нагласи дека Москва нема такви планови.
По агресијата врз Украина од страна на Путин, во ЕУ постои оправдана загриженост дека негова следна мета ќе бидат нејзините членки, па тие ја јакнат одбраната, го враќаат воениот рок или ги минираат своите граници, а овој апел на Мема е дел од пропагандна кампања на Русија за омекнување на тој отпор на Европејците (види: тука и тука).
Тоа се прави и заради преговорите за војната во Украина. Тие се иницирани од претседателот на САД, Доналд Трамп, но свои мислења за тоа даваат и Европејците, при што тој е попопустлив кон Русија, а тие – понепопустливи.
Арно ама, тој апел на Мема е бесмислен ако се земат предвид смртоносните закани, кои руските политичари им ги упатуваат на Европејците. Мема тоа го премолчува, но за тоа е веќе доцна.
Претседателот на руската Дума (Собрание), Вјачеслав Володин, се закануваше дека руската ракета Сармат може да долета до Стразбур, кај што заседава Европскиот парламент, за 3 минути и 20 секунди, а рускиот пратеник и генерал Андреј Гуруљов изјави дека би ја гаѓал Холандија. Такви закани упатуваше и рускиот пропагандист Владимир Соловјов, иако тој доста патуваше во Италија, кај што дури поседува вила на езерото Комо, а таа сега му е „замрзната“ со санкциите.
Тука сфаќаме дека многу Руси со задоволство патуваа(т) низ Европа – како што укажува Мема, но многумина од нив се лицемерни како Соловјов. Од една страна, тие ја презираат Европа, нарекувајќи ја „Гејропа“, а, од друга страна, тие сакаат да уживаат во нејзините квалитети, па дури и ќерките на Путин доста патуваа или дури и живееја во Холандија и Германија. Лицемери како Соловјов не можат да бидат мост на зближување меѓу Европа и Русија – како што предлага Мема.
Заради непризнавањето на Косово и блискоста на Русија со Србија, некои ќе се зачудат зошто еден Албанец како Мема би го поддржувал Путин? Тоа е чудно, но не и невозможно.
Ние сме пишувале дека Кремљ пласира различни наративи пред различна публика, па секој ќе го чуе она што сака да го чуе и со тоа ќе биде привлечен, а ни Албанците не се имуни на тоа.
Среде нив има некои исламисти, кои се привлечени од соработката на Москва со Талибанците, Хамас, Иран, Хутите и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Комунистите, пак, Москва ги привлекува со некогашната соработка меѓу СССР и комунистичка Албанија, дури иако тие на крај се скарале. Меѓу Албанците има и христијани, како Мема, кој е католик и донекаде конзервативец, а таквите Москва ги привлекува со наративи за црква, семејни вредности, хомофобија и сл.
Мема го поддржува одделувањето на Косово од Србија, но се обидува тоа да го помири со своите симпатии за Русија, па бара тоа да важи и за териториите, кои таа илегално ги откина од Украина, иако ние сме објасниле дека случаите на Косово и Украина не можат да се поистоветуваат.
Кремљ е озлогласен и по подмитување на европски политичари, па не би било чудо мотивот на Мема да се просто парите, но конкретно за него, барем засега, немаме такви докази.
Како и да е, релевантни фински медиуми го доведуваат во врска со пропагандата на Кремљ, што е оценка и на проверувачите на факти низ Европа, а објаснивме и дека неговиот апел не е апел на Финска. Заради сето тоа, објавата, која тука ја рецензираме, ја оценуваме како невистинита.




