Имитација или дезинформација: Како GFCN ја користи проверката на факти како алатка за влијание

Published on:

Фото: Колаж Канва

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Минатата година во Русија беше основана таканаречената Глобална мрежа за проверка на факти (GFCN), замислена како пандан на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN), чијшто член е Вистиномер. Наместо транспарентност, GFCN нуди пропаганда спакувана во форма на проверка на факти

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Формирана со амбиција да стане меѓународен центар за борба против дезинформации, GFCN за кратко време привлече внимание, но и значајни критики. Мрежата, поддржана од руски институции, официјално се претставува како глобална платформа за проверка на факти. Сепак, дел од меѓународните организации предупредуваат дека зад неа може да стои повеќе пропаганден отколку новинарски механизам.

Според официјалните информации, иницијаторите на проектот се руската државна новинска агенција ТАСС, организацијата ANO Dialogue Regions и образовниот центар за медиуми New Media School. Веб-страницата со истото име беше пуштена во употреба во април 2025 година, а мрежата уште во првите месеци се промовираше како платформа што ќе ги обедини факт-чекерите од „различни континенти, медиумски простори и култури“.

Во својата презентација, GFCN се обврзува на транспарентност, професионализам и непристрасна проверка на информации. На јавноста ѝ се нудат образовни материјали, видеолекции и алатки за препознавање лажни вести, обработка на фотографии и анализа на онлајн содржини. Мрежата тврди дека обезбедува „меѓународна соработка во името на вистината“, со што се создава впечаток дека станува збор за нов голем играч во сферата на медиумската проверка.

Но, токму тука започнува и второто, многу покритично поглавје.

Сомнежи за реалната независност на организацијата

Имињата на основачите, како и моделот на комуникација, отворија простор за сомнежи за реалната независност на организацијата. Медиумски аналитичари во повеќе европски земји предупредија дека GFCN користи визуелен и терминолошки стил речиси идентичен со меѓународната IFCN, признатата глобална мрежа за фактчек, што може да создаде забуна и да ѝ даде привид на кредибилитет кој таа сè уште го нема.

Неколку истражувачки текстови минатата година ја опишаа GFCN како проект блиску поврзан со Кремљ, со потенцијална улога да шири геополитички наративи под етикета на „проверени факти“. Според критичарите, дел од анализите што ги објавува мрежата не се придржуваат кон стандардите на независно верификување на информации, туку во одредени случаи презентираат еднострана интерпретација на настани поврзани со војната во Украина и руската надворешна политика.

Од организацијата велат дека обвинувањата се политички мотивирани и дека нивната мисија е исклучиво новинарска.

Сепак, недостигот од транспарентни извештаи за методологија, финансирање и уредувачка политика и натаму останува главен извор на недоверба.

Унапредување на интересите на Кремљ

И покрај тоа што наведува дека нејзината мисија е „да го подобри квалитетот и објективноста на информациите на национално и глобално ниво“, во пракса GFCN се користи за унапредување на интересите на Кремљ, анализира агенцијата Лупа.

На 9 април оваа година, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, на прес-конференција го објави лансирањето на веб-страницата на мрежата, со содржина на руски и англиски јазик. Во тоа време – додека ги критикуваше Соединетите Американски Држави – таа потврди дека GFCN произлегла од руската влада.

Најинтересно е што кога во САД, во средината на 20 век, бројот на истражувачки новинари почна да се перципира како заканувачки од страна на локалните власти, терминот „теоретичари на заговор“ беше измислен за нив за да ги „маргинализираат“. Тука е поинаку. За оние кои се вистински истражувачи, создадовме комуникациски платформи за да можат да го прават она што го сметаат за дело на својот живот, рече Захарова, пренесува Лупа.

Клучните разлики меѓу глобално признатите факт-чекинг организации и оваа, руската, се во тоа што и IFCN (Меѓународна мрежа за проверка на факти) и EFCSN (Европска мрежа за проверка на факти), за разлика од GFCN (Глобална мрежа за проверка на факти), имаат многу строги кодекси, инсистираат на транспарентност и бараат членовите да бидат регистрирани организации со јавно достапно финансирање. Руската мрежа, од друга страна, не е толку строга и прифаќа и поединци и медиумски компании како членови. GFCN не наметнува никакви критериуми за цитирање извори и ја смета проверката на факти како прашање на национален суверенитет.

GFCN, од она што може да се забележи од публикациите на нејзиниот веб-сајт, е особено критична кон Европската Унија. Следни меѓу најчестите теми се содржините за Соединетите Американски Држави, Романија, Франција, Молдавија и Украина.

Сепак, главната цел на GFCN не се земјите, туку западниот печат. Меѓу публикациите доминираат критики насочени кон новинските агенции, вклучувајќи ги традиционалните медиуми, онлајн публикациите, организациите за проверка на факти и платформите на социјалните медиуми во нивната улога како издавачи или модератори на содржини.

Проруски наративи во одредени статии

Иако медиумот е сè уште релативно нов, воспоставените организации за проверка на факти укажаа на фактички грешки и проруски наративи во одредени статии. Во меѓувреме, многу од соработниците на платформата се познати руски пропагандисти, од кои некои работеле и за медиуми поврзани со Кремљ.

Репортери без граници (RSF), невладина организација за слобода на печатот, спроведе анализа на 39 статии објавени од GFCN во јуни. RSF откри дека најмалку 15 од 39 анализирани статии првенствено служеле за промоција на мрежата GFCN и нејзините членови, на пример, преку промовирање на нивното учество на руски форуми.

RSF, исто така, укажа на статија објавена во мај од Кристел Неант, француска државјанка која станала Русинка преку натурализација во јули 2023 година и е позната пропагандистка. Во својата статија, Неант изјавилa дека запленувањето на цивилни станови во Мариупол од страна на окупаторските сили било „легално“, а не ја спомена руската окупација или присилното раселување на цивили.

Критичарите сметаат дека изборот на името – GFCN, многу слично на IFCN, е намерна стратегија за создавање забуна и имитирање на угледната меѓународна мрежа на проверувачи на факти. IFCN се огради од GFCN, посочувајќи дека таа не делува во рамките на професионалните стандарди, наведува ДИСА во својата анализа.

Според експерти за дезинформации, ова е пример за политичка апропријација на терминот „факт-чекинг“, со цел разнебитување на значењето и поткопување на довербата во вистинските проверувачи. Таквите активности се дел од поширокиот тренд на државно поддржани структури кои користат формално коректни, но манипулативни механизми за влијание врз јавноста. Затоа, меѓународната заедница треба постојано да го надгледува и разобличува ваквото делување за да го зачува интегритетот на информациите.