Информацијата за „плаќање на рускиот гас во рубљи“ е стара две години

Published on:

Фото:Alexey HulsovPixabay

Објавата е стара, од 2022 година а се претставува како заканата дека „Русија ќе го сопре снабдувањето со руски гас за Европа“, да била упатена пред 12 часа, што не е точно

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во чиј опис пишува:

Ви велеше дедо Гоце купувајте рубљи вие не верувавте е сега че верувате и тоа допрва че верувате.

Што бидна со санкции бе европејци.

Шта је мишеви ладно ви прај а. Абе имате срејча што не сум јас на местото од Путин да тогаш ќе видите со кого си имате работа.

Во рамките на објавата е споделена и илустрација со Путин на која го има слединот текст::
Ладно а, курнази, е многу курназлаци кај командант Путин нема…
На колена.
Пред 12 часа: Русија го затвори гасоводот кон Полска и Бугарија затоа што одби да плати во рубљи.
Пред 10 часа: Полска се согласи да плати за гас во рубли.
Пред 6 часа: Австрија и Бугарија се договорија да плаќаат гас во рубљи.
Пред 5 часа: Европската комисија ги овласти европските земји да купуваат гас во рубљи. 
Наспроти изнесеното во објавата, не пред 12 часа, туку пред повеќе од 2 години Русија го затвори гасоводот кон Полска и Бугарија поради одбивање плаќањето да се изврши во рубљи. Како што тогаш известија бројни светски медиуми меѓу кои Си Ен Ен, на 27 април 2022 година, Русија го прекина протокот на гас кон Полска и Бугарија, како драматичен одговор на санкциите што западните држави ги поставија кон Русија поради нејзината инвазија врз Украина.
Газпром во тој период издаде соопштение дека целосно ги запрела снабдувањата за полската компанија ПГНИГ и бугарската Булгаргаз, откако не сакале да го исполнат барањето на Москва да платат во рубљи, а не во евра и долари.
Европската комисија ова го квалификуваше како обид за уцена и посочи дека се координира одговор меѓу земјите членки на ЕУ.
Граѓаните на ЕУ може да ни веруваат дека сме обединети и целосно солидарни со земјите членки кои се погодени од овој нов предизвик. Европјаните може да сметаат на нашата целосна поддршка, рече тогаш претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.
Според Си Ен Ен и текстот што го објавија на 27 април 2022 година и бугарското министерство за енергетика тогаш посочило дека плаќањето во рубљи е неприфатливо.

Меѓутоа, проблемот според Вашингтон пост бил решен со одобрување на начин на плаќање за гас, кој ѝ овозможувал на Европа со создавање на 2 сметки во Гаспромбанк да каже дека технички плаќа за природен гас во евра, додека Русија може да каже дека прима плаќање  во рубли – услов што Путин им го наметна на „непријателските нации“.

Вашингтон пост објаснува дека новиот систем за наплата значи дека плаќањата на гас ќе продолжат да се фактурираат и испраќаат во евра (текст објавен на 24 мај 2022). Русија потоа ќе ги земе парите од евро-сметката на европската енергетска компанија, ќе ги претвори еврата во рубљи ќе ги префрли парите на посебна сметка во рубљи што исто така ѝ припаѓа на енергетската компанија, а потоа ќе ги земе парите.

За да се справи со недостигот на руски гас во текот на постудените месеци и во остатокот од 2023 година, ЕУ складираше резерви; зголемен увоз на течен природен гас (LNG), најмногу од САД; ги охрабри потрошувачите да ја намалат потрошувачката и да ја подобрат ефикасноста; и повеќе се потпираше на обновливи извори како што се ветерот и сонцето.

Увозот на руски гас во ЕУ e намален. Според бројките на Евростат, во третиот квартал на 2021 година, 39 отсто од гасот на ЕУ доаѓа од Русија. Две години подоцна, во третиот квартал од 2023 година, тој износ е намален на 12 проценти.

Како што пишува Дојче Веле, има голем предизвик на хоризонтот за земјите од ЕУ кои одржуваат зависност од руски гас, затоа што Украина, земјата која управува со еден од двата преостанати гасоводи кои носат украински гас во ЕУ, испорачувајќи 15 милијарди кубни метри планира да го запре протокот кога нејзиниот договор со Гаспром ќе истече на крајот на годината.

Централна Европа се бори да ја исфрли својата навика за руски гас и да се ослони на Норвешка и Америка. Многу членки на ЕУ, како Франција и Германија, рекоа дека повеќе нема да купуваат руски гас, но ставот на Словачка, Унгарија и Австрија, кои имаат поблиски врски со Москва, го предизвикува заедничкиот пристап на ЕУ, пишува Ројтерс.

Земјите, кои сè уште добиваат руски гас, тврдат дека тој е најекономичното гориво и исто така ги обвинуваат соседните земји од ЕУ за наметнување високи транзитни такси за алтернативни испораки.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот, бидејќи е стара, од 2022 година, а се претставува како заканата дека „Русија ќе го сопре снабдувањето со руски гас за Европа ако не се плаќа во рубљи“, да била упатена пред 12 часа, што не се случило. Таквата закана дојде пред повеќе од 2 години и за неа се најде решение.