Ивица Коневски и црквата на Самсоненко во Ново Лисиче: Руско влијание платено со народни пари

Published on:

Фото: Мета.мк и официјален Фејсбук профил на Ивица Коневски

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Градењето на Руската црква во општина Аеродром не само што ризикува да го зајакне влијанието на Русија меѓу православното население, туку ако се следи предлогот на бившиот градоначалник на општината Ивица Коневски, тоа треба да биде на сметка на народниот буџет. Почетокот на изградбата на оваа црква беше финансирана од рускиот бизнисмен Самсоненко, кој заврши на американската „црна листа“

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Пред повеќе од една декада, контроверзниот руски тајкун Сергеј Самсоненко кој заврши на американската „црна листа“ кон крајот на 2023, инвестираше во изградбата на православна црква „Св. Троица“ во општина Аеродром, во типичен архитектонски стил за руските цркви. Откога се поставија темелите, градежните активности продолжија некој период, но секнаа непосредно пред парламентарните избори во 2016 година.

Речиси една деценија подоцна, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, апелира оваа црква да се доизгради, но со народни пари.

Коневски, кој беше „татко“ на општина Аеродром од 2009 до 2017, пишува на својот Фејсбук профил:

Апелот на Коневски треба да се контекстуализира не само заради тоа што парите што може да се пренаменат за други цели за општината, туку и заради парите со коишто започна да се гради овој градежен проект.

Во темелната анализа на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) од 2018 година е претставена длабоката врска меѓу Самсоненко, тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и МПЦ-ОП:

Самсоненко станува виден скопјанец кој често се гледаше во друштво на високи функционери и бизнисмени. Колку подолго седеше, толку повеќе се зголемуваа зделките од државата кои тој ги добиваше. Но, малкумина знаат дека вистинскиот бум во македонската мини-империја на ростовскиот бизнисмен почнува со една великодушна донација од 1,8 милиони евра дадена на Македонската православна црква за израдба на Руската црква во Аеродромпишува ИРЛ.

Како што известуваше НоваТВ, концесионер на градежните активности била „фирма со тајно сопствеништво во карипската држава Белизе, каде што дели иста адреса со медиуми и со градежни компании поврзани со локални моќници од Македонија“, фирма што Самсоненко лично ја презеде.

Така, по донацијата на Самсоненко на МПЦ и за време на мандатите на Коневски и Никола Груевски, на Самсоненко му доделија 35 годишна концесија на салата на МЗТ, сега позната како „Јане Сандански“. А, во исто време, општина Аеродром го менува ДУП-от за да му се овозможи да го изгради хотел „Русија“ во рамки на спортскиот комплекс „Јане Сандански“, како и споменатата Руска црква.

Камен-темелникот на оваа црква беше осветен од поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, а на поставувањето присуствуваа тогашниот руски амбасадор Олег Шчербак, директорот на тогашната УБК Сашо Мијалков, тогашниот градоначалник на град Скопје Коце Трајановски, како и претседателот на Македонскиот светски конгрес Тодор Петров. Но, треба да се нагласи дека, според ИРЛ, финансирањето на овој објект, иако благословен и одобрен од овие лица, беше „благороден чин на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко“.

Од друга страна, користењето на Православната црква како своевидно оружје е дел од тактиките на Русија за влијание во регионот. Како што веќе пишуваше „Вистиномер“, „режимот на Путин ја користи Руската православна црква за ширење влијание во православните земји“:

Оваа црква врши огромен притисок врз останатите цркви и го спречува доделувањето на Томосот за МПЦ. Преку разузнавачки активности, руските свештеници врбуваат црковни лица насекаде во помесните балкански цркви.

Со други зборови, со доградување на Руската црква се отвора можност дополнително да се засили влијанието на Русија во државата. Овојпат, тоа да се направи со државни пари, како што апелира Коневски.

Во статутот на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека „Во случај на престанок на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“,  и тоа е нивна полноправна одлука. Но, С. Македонија е секуларна држава – според член 19 и амандман 7 од Уставот каде децидно пишува дека МПЦ и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата.

А, завршувањето на градењето на Руската црква во општина Аеродром не само што ризикува да го зајакне влијанието на Русија преку православната црква, туку според предлогот на Коневски, тоа треба да биде со народни пари. Финансии кои несомнено може да се искористат за други проекти кои ќе им користат на сите аеродромци, независно до нивната национална и етничка припадност.