Излитени невистини: Украина и НАТО против Русија и Кина

Published on:

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Упорно се повторува еден излитен путински наратив, којшто дури ни Путин веќе не го повторува, дека НАТО сака да ја контролира Украина за во неа да постави хиперсонични ракети, кои оттаму би можеле да ја погодат Москва за само 4-5 минути, на што таа не би можела навремено да реагира. Со тоа се оправдува руската агресија врз Украина, но тоа нема никаква смисла – во НАТО веќе одамна членуваат куп соседи на Русија, преку кои може да изврши брз напад врз Москва ако тоа го сака, за што не му треба Украина, а дали ракетата ќе лета минутка повеќе не менува толку многу. Воедно, објавата како да ја пренагласува руско-кинеската соработка, но таа всушност не е идеална

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук од 21.5.2024 г. вели:

Руската офанзива во Харков започна на 10 мај, само шест дена пред патувањето на Путин во Кина.

Русите знаат дека тоа е одлучувачки момент во војната – Москва е на само 3-4 минути од ракетен напад доколку НАТО добие пристап до градот Харков.

Ова е излитен путински наратив, којшто дури ни Путин веќе не го повторува, дека НАТО сака да ја контролира Украина за во неа да постави хиперсонични ракети, кои оттаму би можеле да ја погодат Москва за само 4-5 минути, на што таа не би можела навремено да реагира, оваа манипулација служи за оправдување на руската агресија врз Украина.

Објавата создава впечаток дека Харков е погодно место за гаѓање на Москва (650 км до неа), но растојанието од Латвија е дури и малку помало, па на НАТО не му треба Харков за тоа. А, најблиско место до Москва во Украина не е Харков, туку Сумската Област (450 км), но авторот на објавата или не знае географија или шири неточности за да ја оправда најновата руска офанзива во Харковската Област. НАТО е на руската граница уште од своето основање во 1949 г., преку Норвешка, а во пактот се влезени и Полска (во 1999 г.), балтичките земји (2004 г.) и Финска (2023 г.), па ако се сака бргу да се погоди Москва, за тоа не е потребна Украина. Зависно од местото на лансирање, ракетата можеби ќе лета некоја минута повеќе отколку од Украина, но на Москва тоа не ѝ помага многу, особено затоа што противвоздушната одбрана ѝ е лоша. Како одговор на агресијата, Украина веќе одамна ги гаѓа Белгород и Москва, а и мети на 1.200 км во длабочината на Русија.

Кремљ тврди дека НАТО ја втурнал Украина во војна против Русија, па зарем алијансата создала таков светски проблем само за да постави ракети во Украина и со тоа да добие минутка предност при евентуалното гаѓање на Москва? И ако Украина е веќе пион на НАТО – како што тврди Кремљ, пактот можел да постави ракети во неа, но тоа не е сторено.

Во 1997 г. Украина склучи договор за тесна соработка со НАТО, во 2003 г. земјата дури посака да му се приклучи, а во 2014 г. се случи Евромајданот и инвазијата врз Крим, па односите меѓу Русија и Украина драстично се влошија, но и покрај сè, ракети на НАТО во неа не беа поставени. Војната не почна затоа што Русија беше нападната од Украина, туку обратно, а Харков притоа не беше заземен, па зошто НАТО не ги донесе тие фамозни ракети во градот ако тоа веќе бил планот – како што тврди објавата што ја рецензираме?

Во реалноста, Украина и НАТО не само што не ја нападнаа Русија, туку Западот изврши притисок врз Украина таа да ѝ го предаде своето советско нуклеарно оружје на Русија (согласно Будимпештанскиот меморандум од 1994 г.), а за возврат Русија се обврза дека ќе го почитува суверенитетот на Украина, но на крај тоа го прекрши.

Објавата како да ѝ придава преголемо значење на последната посета на Путин на Кина, како тоа да бил одлучувачки момент, но соработката меѓу Русија и Кина не е идеална.

Тие меѓусебно војуваа уште во царските времиња, а последен пат во 1969 г. (иако и Русите и Кинезите граделе социјализам, тие имале разидувања). Тие сега соработуваат, но во кинеските учебници се прикажани мапи од царските времиња, кога делови од денешна Русија биле под кинеска власт, со што, според некои, се пропагира иредентизам.

Кинеските компании ги земаат тие територии под повеќедецениски наем и безмилосно ги експлоатираат на штета на екологијата, што многу Руси го доживуваат како колонизација, а Русија и Кина, според нив, не се рамноправни партнери, туку Кина доминира. При демаркацијата на границата во 2004 г., Русија ѝ подари на Кина 337 км², a во 2015 г., уште 4,7 км², што, исто така, ги огорчи руските граѓани. Кина го користи руското пристаниште Владивосток за својата внатрешна трговија, како градот да е нејзин, а таа секако го гледа така и го нарекува Хајшењвеј – како што тој се нарекувал до 1860 г., кога реално бил нејзин.

Кина нема јасен став за војната во Украина, па час изразува почит за нејзиниот суверенитет час разбирање за Русија, а час неутралност, при што комуницира и со Путин и со Западот. Соработката со Кина ѝ помага на Русија да опстои под санкциите, но Кина не ѝ пружа решителна поддршка, во таа смисла ни воена (барем не отворено) и најчесто не гласа во полза на Русија во ООН, туку воздржано. Напредокот на Кина се должи на нејзиниот компромис со Западот од времето на лидерот Денг Сјаопинг, па таа сега произведува најпознати западни брендови и тешко е тоа да го отфрли заради Путин.

Имајќи го предвид сето наведено, рецензираната објава ја оценуваме како невистинита.