Илустрација: Вистиномер
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
На Путин повторно му се припишува измислен говор, но него го нема на руските владини сајтови како Kremlin.ru, кои редовно му ги објавуваат говорите, а овој дури и да бил одржан, изнесеното во него е секако неточно. Говорот создава лажен впечаток дека Русија никогаш не била колонизаторска и робовладетелска земја и дека војната на Наполеон против неа била „војна на Западот против Русија“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која започнува со зборовите:
Русија не е колонијална земја и никогаш не била вклучена во трговијата со робови! Колку пати Русија се борела, се борела за одржување рамнотежа меѓу народите и за доброто на човештвото! Русија отсекогаш доаѓала во Европа како ослободител, а не како освојувач!
И не ми кажувајте дека Русија е опасност за светот.
Тука по којзнае кој пат гледаме како измислен говор му е припишан на Владимир Путин, чие презиме е наведено на дното на објавата, но без извор или линк, кој тоа би го поткрепил. За тие измислици ние веќе сме пишувале. Нив ги шират симпатизерите на Путин по социјалните мрежи, но тие „негови“ говори или изјави ги нема на руските владини сајтови како Kremlin.ru или кај руските новински агенции како ТАСС и РИА, кои редовно објавуваат сè што Путин ќе изјави.
Заради глумење автентичност, измислените „говори на Путин“ се зачинуваат со тврдења, кои тој навистина ги има изнесено, па како пример за тоа цитираме фрагмент од негова изјава дадена на 12.9.2023 г. на Источниот економски форум во Владивосток (превод од руски):
Ние никогаш и никаде не сме биле колонизатори
Тоа е слично на она што претходно го цитиравме, но, сепак, не е буквално исто, а остатокот од таа реално дадена изјава на форумот нема врска со онаа измислената, која сега ја рецензираме.
Можно објаснување за најновиот „говор на Путин“
Објавата што ја рецензираме содржи македонски превод од тој „говор на Путин“, но тој се среќава и на руски, па логично е да се помисли дека тоа е изворната верзија. Но, во неа има грешки, кои се апсолутно неприфатливи за говор на еден претседател, а пример за тоа е следново (на руски):
мы боремся не только за свою землю, но и за… Цивилизация, наши ценности и наше достоинство.
Тука гледаме дека мислата е прекината на средина, по што следат три точки, а правилно е таму да стои „за цивилизацию“ (изговор: „за цивилизацију“) со акузативен падеж. Нема смисла таму да стои номинативната форма „Цивилизация“ (изговор: „Цивилизација“) и тоа со голема буква.
Да го преведеме тој цитат од руски е бесполезно, зашто во македонскиот јазик нема падежи, па тој превод не ќе може да ја долови таа грешка. Низ говорот има и некои изрази кои се атипични за Русите, но и поконкретно за Путин, ако тоа се спореди со други негови говори.
Руската верзија на „говорот“ ја анализиравме и со руската алатка за вештачка интелигенција Алиса, а таа ги потврди нашите сомнежи. Можно е авторот на тој „говор“ да е странски симпатизер на Путин, кој невешто споил фрагменти од различни објави или направил некаква грешка, по што сето тоа автоматски го превел на руски.
Има и англиска верзија со тој прекин, но не знаеме дали е таа изворната, а има и српска, во која тој е коригиран. Тој прекин го нема ни во македонската верзија, која изгледа е превод од српската.
Лажно тврдење дека Русија не е колонизатор, туку ослободител
Дури и Путин навистина да го одржал тој говор, изнесеното во него е секако неточно, особено тврдењето дека Русија не е колонизаторка, туку ослободителка.
Руската Империја се протегала на дури три континенти и таа ги зазела: Алјаска, Средна Азија (Туркменистан, Казахстан, Узбекистан, Киргизстан, Таџикистан), Закавказје (Грузија, Ерменија, Азербејџан), Балтикот (Литванија, Латвија, Естонија), Украина, Белорусија, Бесарабија, Финска, дел од Полска и многу други територии.
Со распадот на империјата во 1917 г. добар дел од тие територии се осамостоиле, но нив ги реокупирала новата Советска Русија на Владимир Ленин, по што во нив поставила марионетски режими и ги вклучила како републики во новооснованиот СССР, чиј основоположник таа била.
Она што Ленин не успеал да го заземе, го зазел Јосиф Сталин. Така, во текот на Втората светска војна СССР ги анектирал: Балтичките земји, Тува, делови од Финска, Полска, Романија, Германија и Јапонија, а потоа поставил марионетски режими во Источна Европа, С. Кореја и други места.
Доста од териториите кои Русите ги зазеле низ својата историја сè уште се под нивна власт: Чеченија, Татарстан, Башкортостан, Дагестан, Чувашија, Удмуртија, Бурјатија, Јакутија, Чукотка итн.
Империи биле и Британија, Франција, Шпанија и Португалија, но тие загубиле најголем дел од поседите или се откажале од нив, па најголем колонизатор сега е Русија, која и натаму освојува – во Украина. Во некои случаи, Русија реално придонела за нечие ослободување, на пр. на Бугарија од Османлиите во 1878 г., но тоа е повеќе исклучок отколку правило, а ни тоа не било без дамки.
Во Русија и тоа како имало робовладетелство
Измислениот говор вели и дека Русија не тргувала со робови, но, сепак, робови во неа и тоа како имало (т.н. холопи), а откако ропството во Русија било укинато во 1723 г., таму продолжило да опстојува нешто слично – т.н. крепосништво, сè до 1861 г.
Неточно е дека Русија не е опасност за светот
Не држи тврдењето во објавата дека Русија не е опасност за светот. Таа започна најголема агресија во Европа по Втората светска војна, а покрај С. Кореја е единствената земја која се заканува со нуклеарно оружје, што е опасност за сиот свет. Путин мавта со ракетите Орешник и Буревесник, а смртноносни закани кон западните земји имаат упатувано и нему блиските: Вјачеслав Володин, Андреј Гуруљов, Димитри Кисељов, Владимир Соловјов и др.
Митот за повеќевековната борба на Западот против Русија
Објавата, односно измислениот „говор на Путин“, го вели и следново:
Повеќе од двесте години, Западот се обидуваше да ја уништи Русија: Наполеон дојде во Москва…
Тоа не била војна на Западот против Русија, а нејзина сојузничка против Наполеон била Британија и други западноевропски земји. И, иронично, Русија и Наполеон пред тоа биле сојузници против Британија. Тој не освојувал само низ Русија, туку и пошироко, па дури и во Шпанија и Португалија, кои се најзападните земји во Европа.
Неточно е дека западните земји повеќе од два века работат против Русија. Англо-Американците и Французите ѝ биле сојузници во две светски војни, а Кримската војна (1853 – 1856) била редок случај против Русија да се здружат повеќе западноевропски земји, но не сите. Тоа се случило и на Берлинскиот конгрес (1878), што бил дипломатски судир, но тоа се ретки исклучоци, а не правило.
При крајот на објавата, односно измислениот „говор на Путин“, се вели:
Русија не е ничиј непријател…
И овој податок е неточен. Непобитен факт е дека Русија е непријател на Украина.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.




