Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Проруска објава на Фејсбук извртува, премолчува и неосновано поврзува историски факти. За австрискиот логор Талерхоф сугерира дека бил основан од етничка омраза кон Русите, а тој бил за проруски колаборанти во Првата светска војна. Словените ги повикува да не го заборават тој логор, небаре бил антисловенски, но Австро-Унгарија била мултинационална монархија. Објавата лажно толкува бројки на загинати во Украина и сее омраза за неа, а на крај повикува на словенско единство
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Ова што го организираше западот во Украина, а кое има корен од времето не Телергоф, првиот логор за Русите на тлото на Европа, кој беше кренат на почетокот на 20 век, во времето на Австро-Унгарија, каде Ватикан ја примени старата негова добра тактика 30% уби, 30% прекрсти и 30% исели, ние Словените не треба никогаш да го заборавиме.
Од тие 30% прекрстени се создаде генерацијата на Бандера, која во 2 светска војна беше на страната на нацистичка Германија, а денес уби 14000 Руси, пред СВО на Русија, од забава.
Словените имаат слаби елити, Словените имаат наивен дух, кој многу често се злоупотребува од итрите англосаксонци и Хазари.
Називот на затвореничкиот логор бил Талерхоф (гер. Thalerhof), а Русите го викаат Талергоф (кај нив го има тоа претворање на „х“ во „г“), па сфаќаме дека авторот на објавата користел руски пропагандистички извори, а притоа препишување направил и ситни грешки („Телергоф“).
Тоа не бил „логор за Руси“, а затворениците не ги затворале таму заради нивната етничка припадност. Тоа биле политички затвореници, т.н. москвофили (русофили) од Западна Украина, тогаш под Австро-Унгарската Империја, која војувала против Русија во Првата светска војна.
Објавата вели дека логорот „бил кренат на почетокот на 20 век“, но тоа е манипулација. Русофилите ги затворале таму откако избувнала војната во 1914 г., па смислата на логорот била одбранбена, а не шовинистичка и геноцидна, иако таму имало екцеси, но за нив потоа.
Оние кои се сметале за украински патриоти (т.н. Украински сечови стрелци) тогаш се бореле за Австро-Унгарија против Русија, а москвофилите ја поздравиле руската окупација на Западна Украина во август-септември 1914 г., па биле сметани за предавници и шпиони и биле затворани. Гонење на неподобни има во секоја војна, а репресалии спроведувал и рускиот окупатор.
Значи, затворениците во Талерхоф политички биле русофили, а етнички – Украинци, Русини и Лемки, но сите нив некои го сметаат за ист народ. Русите (како оние од Москва) не се така присутни во Западна Украина, а во тој воен хаос, во логорот по грешка завршиле и проукраински лица.
Талерхоф не служел за истребување на Руси или русофили, но, сепак, условите таму биле тешки (студ, тифус, малтретирања), а многу поарно не било ни во бегалските логори низ Австро-Унгарија.
Многумина во Талерхоф починале, а некои извори прикажуваат фотографии од наводни бесења во логорот, но тие се од други локации и ситуации – како што аргументираат други извори. Војната била сурова, но нема доказ дека Талехоф бил Аушвиц. За осуда е тоа што во Талерхоф немало почовечни услови и третман, но и тоа што Русија со него манипулира.
Објавата повикува Словените да не го заборават тој логор, лажно сугерирајќи им дека тој бил антисловенски, но Австро-Унгарија била мултинационална монархија, па на нејзина страна се бореле (не само насила) многу Чеси, Словаци, Словенци, Хрвати и др., а сојузник ѝ била Бугарија. Од другата страна биле Србија, Црна Гора и Русија, па тоа не била војна на словенофоби против Словени.
Објавата тврди дека Англосаксонците ги злоупотребуваат Словените, но тоа не може да се стави во ист кош со Талерхоф. Англичаните немале врска со него, туку заедно со Франција и САД се бореле против Австро-Унгарија и Германија. Тогаш немало некаков колективен Запад, па нејасно е зошто објавата него го споменува заедно со Талерхоф.
И, иронично, Русите подоцна најмногу пострадале во сибирските логори на нивната Советска Русија (т.н. гулази), а не во Талерхоф, каде што руските затвореници не биле бројни.
За Талерхоф објавата го обвинува Ватикан, но со „аргументи“ кои немаат врска со Талерхоф, туку со Независна Држава Хрватска (НДХ), па авторот на објавата нешто испомешал под српско влијание. НДХ сакала третина од Србите да убие, третина да набрка и третина да покатоличи, што е наводна изјава на главниот идеолог на хрватското усташко движење Миле Будак и што објавата го цитира, но Талерхоф таму го нема.
И, како Ватикан може да се стави во ист кош со Англосаксонците? Тие се следбеници на англиканската црква, која е слична на протестантска, а низ историјата биле во судир со католицизмот.
Објавата ја нагласува соработката меѓу нацистите и Степан Бандера, но премолчува дека тој лежел во нацистичкиот логор Саксенхаузен, а браќата му умреле во Аушвиц. Таа соработка била куса и неуспешна, зашто приврзаниците на Бандера биле за независна Украина, што на нацистите не им се допаѓало.
Жителите на Западна Украина се главно унијати (Источни христијани, кои влегле во унија со Ватикан и го признаваат Папата како врховен верски поглавар, при што прифатиле некои негови учења, но зачувале некои специфики), па објавата ги нарекува „прекрстени“ во што има елементи на верска омраза и лажно им припишува злосторства.
Тие злосторства, според објавата, биле извршени пред 24.2.2022 г., т.е. пред Русија да тргне во т.н. Специјална воена операција (СВО), што е руски еуфемизам за сеопфатната агресија врз Украина.
Објавата сака да каже дека т.н. СВО била оправдана, затоа што Украинците „убиле 14.000 Руси“, но тоа е дезинформација од Кремљ за Донбаската војна. Во реалноста, 14.000 е вкупната бројка на загинати во таа војна од сите страни – и проруска и проукраинска, како борци, така и цивили, а тоа не е број на убиени припадници на руското малцинство во Украина.
Исто така, објавата ги споменува Хазари, што е познат антисемитски наратив, а тоа тука е насочено кон претседателот на Украина, кој има еврејско потекло.
Понатаму, објавата вели:
Ние мора брзо да учиме и час поскоро да се престроиме, западот по сите параметри умира, а и ние со него, прифаќајќи го нивниот стил на живот.
Ние Словените мораме да се вратиме на нашите исконски ведски системи и да си создадеме единствен словенски простор
Авторот на објавата го критикува западниот стил на живеење, а самиот го практикува (ја користи социјалната мрежа Фејсбук, што е нешто западно и што Русија дури го забрани на 4.3.2022 г.).
Авторот апелира Словените да им се вратат на „нивните веди“, но ведите се дел од индиската култура. Може тој е под влијание на т.н. руски ведизам, новокомпонирана религија, која меша индиски и старословенски елементи, но прашање е колку добро се истражени. Неа ја шират руски езотерици и неонацисти. Како Словените „да ѝ се вратат“ на таа нова религија?
Авторот го обвинува Западот дека „го организирал она во Украина“, т.е. војната, но проблемот го почна Русија. Во 2014 г. таа го анектираше Крим, по што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков за да го откинат од Украина и Донбас. Така почна Донбаската војна, во која тајно се вклучуваа и регуларните сили на Русија, кои во 2022 г. тргнаа во отворена и сеопфатна агресија.
Објавата повикува да се создаде единствен словенски простор, но какво словенско единство и обединување може да има кога Русија масакрира и разурнува друга словенска земја, Украина?
Тоа на авторот на објавата нималку не му пречи, па затоа и не го нарекува агресија, туку СВО. Во минатото, Русија тоа им го правела и на Полска, Чехословачка и други словенски земји, повеќето од кои сега не сакаат да имаат ништо со Русија, па членуваат во ЕУ или НАТО.
И, проекти за обединување на разни словенски народи веќе имало (Југославија, Чехословачка), но тие пропаднале, исто како и проектите во кои Русите биле главни (Руската Империја, СССР, Варшавскиот пакт), а објавата нè убедува дека „Западот умирал“.
Народски речено, објавата е една „каша-попара“ од факти и „факти“, но во неа, сепак, доминира она второто, па ја оценуваме како невистинита.




