Како Кремљ ја извртува вистината: Руската пропаганда и украдените деца од Украина

Published on:

Илустрација: Вистиномер

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Воената инвазија на Русија врз Украина ги создаде тие борбени зони од кои украинските деца требаше да се евакуираат. Проблемот е што евакуациите од конфликтните зони, особено на децата, мора да се во согласност со меѓународното хуманитарно право. Особено, член 78 од Дополнителниот протокол на Женевските конвенции предвидува дека децата не можат да бидат преместени во земја различна од нивната и нивните родители мора да дадат согласност за каква било евакуација. Русија не ги почитувала овие правила

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Минатата недела меѓу корисниците на социјалната мрежа Фејсбук се прошири следнава објава.

Меланија Трамп: Путин одговори на моето писмо, украинските деца се вратија кај семејствата.

Таа на прв поглед остава впечаток како рускиот претседател Владимир Путин да ги вратил сите киднапирани украински деца кај семејствата, што секако предизвика чувство на восхит кај дел од следбениците.

Да Путин не ги уби децата ко Нетанјаху тои си ги врати дома кај семејствата децата живи и здрави а што има да каже за убиените деца на Палестина и геноцидот што го трпе Палестина како народ што писмо ке му пушта на Нетанјаху тие деца никогаш нема да се вратет кај своите семества и кај него пушти писмо до Нетанјаху ама со осуда за геноцид врз децата старите и жените од Палестинагласи еден од коментарите.

Но, кога ќе ја отворите веста, ќе видите дека станува збор за „некои од нив“ (се мисли на децата), иако според Украина, Русија киднапирала десетици илјади деца за време на војната.

Како што објавува Радио Слободна Европа, станува збор за осум деца.

Во обраќањето во Белата куќа, таа (Меланија Трамп) рече дека осум деца биле повторно обединети со своите семејства во последните 24 часа по преговорите меѓу неа и тимот на Путин.

Масовни случаи на принуден трансфер на деца

Во текот на војната која ја започна Русија со нападот на Украина, еден од најтешките аспекти е случајот со деца – оние кои се или префрлени од окупираните територии, или директно однесени во Русија или под контрола на Русија. Во овој контекст, украинските власти, меѓународни организации и медиумите зборуваат за масовни случаи на принуден трансфер, „рус­ификација“ и привремено или трајно одвојување од семејствата.

Според извештајот на Yale Humanitarian Research Lab (Yale HRL), од Украина се однесени повеќе од 19.000 деца кон Русија или територии окупирани од Русија од почетокот на целосната инвазија.

Извори од медиуми наведуваат дека бројката може да биде значително поголема — стотици илјади деца се спомнуваат како можни жртви.

Целта не е само физичко префрлање, туку и „рус­ификација“: одделување од украинскиот идентитет, употреба на руски јазик, преименување, промена на документи. Дел од програмата е и, според некои извештаи, вовлекување во воени/паравоени активности, или подготовка за тоа. Пример: деца се интегрираат во руски млади патриотски организации и добиваат воена обука.

На 17 март 2023 година, Меѓународниот киривчен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за правата на децата во Русија, Марија Лавова-Белова, за „недозволено префрлање на деца од окупирани територии на Украина кон Русија“.

Парламентите и државите ги класифицираат овие дејства како можеби геноцидни – одземање на иденти­тет, култура и иднина на детето.

Спин-мајсторите на Кремљ упорно сакаат да ја прикријат вистината

Кога станува збор за оваа тема, спин-мајсторите на Кремљ и ширачите на дезинформации додаваат апсурд на злосторството со проектирање на своите гревови врз Украина и западните земји, пишува EUvsDisinfo.

Првата тактика, едно тапо, но сигурно оружје, е едноставно да се негира сè и бесконечно да се повторува тоа негирање. Ова отфрлање на очигледното може брзо да се претвори во смешни рационализации. Значи, некој би можел да тврди дека 20.000 украински деца киднапирани од Русија и принудени да учат руски во руските училишта, може да се споредат со украинските деца кои учат германски јазик во Германија, како да целосната воена инвазија на Русија не ги принудила Украинците да избегаат во таа земја.

Втората тактика на Кремљ е тврдењето дека децата биле „евакуирани од зоните на војна“ заради нивна безбедност. Во руските медиуми се прикажуваат сцени каде децата добиваат храна, играат во летни кампови, се запишуваат во училишта – создавајќи впечаток дека Русија е хуманитарен спасител.

Руските кампањи од спектарот на штетното странско влијание (ФИМИ) повремено тврдат дека Москва работи напорно за да ги обедини децата со нивните семејства преку медијатори, вклучувајќи ги Катар и Црвениот крст. Руската филијала на Црвениот крст е длабоко сомнителна организација која за малку избегна суспензија од страна на Меѓународниот Црвен крст минатата година, посочува EUvsDisinfo во својата анализа.

Воената инвазија на Русија врз Украина ги создаде тие борбени зони од кои украинските деца требаше да се евакуираат. Проблемот е што евакуациите од конфликтните зони, особено на децата, мора да се во согласност со меѓународното хуманитарно право. Особено, член 78 од Дополнителниот протокол на Женевските конвенции предвидува дека децата не можат да бидат преместени во земја различна од нивната и нивните родители мора да дадат согласност за каква било евакуација.

Русија не ги почитувала овие правила. Наместо тоа, руските власти и воениот персонал земале деца без согласност на нивните родители, насилно ги префрлале во Русија и спречиле повторно обединување на семејствата во сите случаи освен во неколку, наведува EUvsDisinfo.

Вистината и фактите сепак постојат

И покрај негирањата и лажните наративи на Русија, вистината и фактите постојат. Руските сили киднапираат невини деца, ги даваат на посвојувања, им ги бришат идентитетите, а некои од нив ги обучуваат да се борат во војната.

Минатиот месец, триесет и осум земји, како и Советот на Европа и ЕУ, ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги врати украинските деца. На маргините на 80. Генералното собрание на ОН, Украина и Канада одржаа самит на високо ниво на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, иницијатива на која ЕУ се приклучи истиот ден за да го истакне проблемот и да го одржи притисокот врз Русија да стави крај на нејзината варварска практика на киднапирање на младите од друга нација.