Како проруските лидери во Источна Европа ја туркаат агендата на Кремљ

Published on:

Маја Санду, претседателка на Молдавија | Privesc.Eu MoldovaCC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Во повеќе европски земји изборните процеси за претседател на државата беа компромитирани со сериозни обвинувања за руско мешање. Целта на Кремљ е „изградба“ на руската империја дел по дел, поткопување на западните демократски општества и нивните сојузници, како и отфрлање на американското влијание

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

„Владимир Путин е патриот и лидер, но јас не сум му фан“.

Оваа реченица на Калин Георгеску изговорена во интервју не беше единствената што го окарактеризира како про-Кремљ фигура. Георгеску и пред изненадувачки да се профилира како фаворит на романските претседателски избори – важеше за близок на Русија. Но, дека ова профилирање не било основано стана јасно кога во Романија беа декласифицирани документи. Романската разузнавачка служба верува дека Георгеску беше агресивно промовиран на Тик-Ток со руска поддршка преку повеќе координирани методи, преку профили што одеднаш станаа исклучително активни, преку алгоритми за зајакнување на неговото присуство на Тик-Ток, но и преку платена промоција.

Поради ова, Уставниот суд на Романија го поништи гласањето компромитирано од руско мешање преку „Тик-Ток“ и нетранспарентно финансирање. Едно од главните „претседателски“ ветувања на Георгеску беше дека ќе ја прекине помошта за Украина ако биде избран.

Покрај тоа, Георгеску во интервјуа огорчено тврдеше дека „украинските деца во земјата добивале поголем државен додаток од романските деца“ со цел да ги разбуди антиукраинските чувства. Секако дека податокот за додатокот не е точен.

Ако Москва може да го направи ова во Романија, која е длабоко анти-руска, тоа значи дека може да го направи било каде, предупредува Мирчеа Џоана, поранешен генерален секретар на НАТО во изјава за „Би-Би-Си“.

Агендата на Кремљ се отсликува и во сомнителните активности на социјалните мрежи, кои ги констатира Европската дигитална медиумска опсерваторија ЕДМО во својата анализа од 20 декември годинава. Анализирајќи над 9 илјади „Телеграм“ објави од 35 групи поврзани со претседателската кампања, ЕДМО пронаоѓа дека таму се споделувале контроверзни наративи.

Овие групи служеа како ехо-комори за теории на заговори и анти-западен сентимент, кој резонираше со вредностите на нивната публика. Еден од најчесто споменуваните наративи на интернет го портретираше западното влијание како егзистенцијална закана за романскиот идентитет. Овој наратив ги врамуваше прогресивните вредности и НАТО и ЕУ како механизми за културна ерозија и национална потчинетост. Пораките конзистентно ја позиционираа Романија како жртва на експлоатација од Западот, со особено нагласување за тоа како ова наводно влијае врз традиционалните вредности и националниот суверенитет. Анализата, исто така, идентификуваше значителен наплив на содржини кои се сомневаат во изборниот легитимитет, особено по интервенцијата на Уставниот суд. Овој наратив доби значителна видливост низ платформите, преплетувајќи се со постоечките теории на заговор, констатира ЕДМО.

Темите на кампањата на Георгеску на Тик Ток и на Јутјуб, пак, се фокусираа на важноста на семејните вредности, традицијата, христијанската православна црква, итн. Откако обвинувањата дека странски актери се мешале во романските претседателски избори, користејќи го Тик Ток, сега Европската Комисија детално истражува дали оваа социјална мрежа го прекршила Законот за дигитални услуги со тоа што не ги отстранила ризиците за ова.

ЕДМО детектираше мрежа на портали под исто име – „Правда“, која што координирано објавува написи за Калин Георгеску на разни европски јазици. Сите веб-страници „Правда“ кои што ги промовираат пораките на Георгеску, се регистрирани од страна на физичко лице со телефонски број од Русија (+7 4955801111). Во Романија активен е и „Телеграм“ каналот “ПУЛ N3“, каде Георгеску се портретира како жртва на корумпираниот систем и симбол на националниот суверенитет, а одлуката на Уставниот суд се оценува како „варварски чин“.

Георгеску, исто така, е презентиран како „единствениот автентичен политичар посветен на романскиот народ и традиционални вредности, противник на политички систем потчинет на надворешни влијанија и скриени интереси“. Инсистирањето на Георгеску дека не потрошил пари за кампањата на социјалните мрежи е под истрага. Околу 25 илјади Тик Ток сметки биле активирани да ја зголемат популарноста на Георгеску со инфлуенсери кои директно го промовирале со објави. Лицето што се споменува како еден од најголемите „добротвори“ во врска со овој претседателски кандидат во Романија, е Богдан Пескир кој платил 381 илјади долари на корисници на Тик Ток кои што биле инволвирани во промоцијата на Калин Георгеску. Мистериозниот 36-годишен програмер Пескир е познат како „романскиот крал на TikTok“ и вклучен е во операции со криптовалути.

 

Политички немири во Грузија, обвинувања за руско мешање во изборите

 

Претседателката Саломе Зурабишвили, која е на иста линија со про-западната опозиција ја обвини Русија за „спроведување специјална операција за да ги фалсификува изборните резултати во полза на Грузиски сон“, проруска партија чиј основач и лидер е милијардерот Бидзина Иванишвили. Со богатството стекнато во Москва, тој фаворизира помирување со Русија и соработка со Кина. Иванишвили е и голем критичар на Западот.

Пропагандата што се користеше пред изборите беше директен дупликат, копи-пејст на руските клипови и видеа користени за време на изборот на Владимир Путинрече Зурабишвили, пренесува „Гласот на Америка“.

Протести во Грузија | Jelger GroeneveldCC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Во периодот пред изборите во Грузија, „Фондацијата за развој на медиуми“ длабински ги истражуваше антизападните присутни наративи кои се споделуваа во оваа земја и во традиционалните медиуми и на социјалните мрежи. Резултатите покажуваат дека најголем дел од пораките го таргетирале колективниот Запад и САД.

Про-руските сентименти, како и коментари што директно ги оправдуваат руските акции, се присутни во 13,1 проценти од дискурсот. Критиките за Европа и за Европската унија сочинуваат 11,5 проценти, критиките за невладините организации 9,7 проценти, коментарите против либерализмот 3,6 проценти, против Украина 3,5 проценти, а против НАТО беа насочени 2,5 проценти од анализираните коментари. За забележување е дека Русија е единствениот субјект позитивно портретиран или со индиректно оправдување за нивните акции, додека сите други субјекти се портретирани во негативен контекст, покажала оваа анализа на предизборното милје на социјалните мрежи.

Навистина руските кампањи што ги видовме есенва, може да се показна вежба за идно руско мешање во изборниот процес во 2025 година. Во меѓувреме енергетскиот сектор останува сфера на можна руска поддршка. На долг рок проблемите во политиката и економијата на Молдавија и војната во Украина може да го забават западниот курс на земјата. Како што гледаме во Грузија, земјите што се на руската периферија може и да уназадат од европскиот пат и да напреднат. Во секој случај Русија ќе го продолжи притисокот и ќе настојува да го еродира молдавскиот отпор. Работите можеби се движат во добар правец за Молдавија во моментот, но треба да се засили поддршката од нејзините демократски партнери, анализира Доналд Јенсен од американскиот Институт за мир.