Илустрација: Вистиномер – Tommaso.sansone91, CC0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Русија не ја користи климатската криза само како научно или политичко прашање, туку како елемент на својата хибридна стратегија за влијание. Со ширење дезинформации, промовирање на конспирации, манипулација со податоци, Москва се обидува да го оцрни Западот, да ја наруши неговата внатрешна политичка кохезија и да го забави процесот на енергетска транзиција. Исто така, руското ограничување на научни податоци за Арктикот го попречува глобалното следење на климатските модели, што создава простор за Москва да промовира сопствени наративи и да ги релативизира климатските промени
Пишува: Ана Анастасовска
Климатските промени, кои претставуваат една од најголемите закани на современиот свет, одамна престанаа да бидат само еколошко прашање. Во глобалната политика тие стануваат инструмент за влијание, манипулација и геостратешка пресметка. Русија, како земја чијашто економија силно зависи од фосилните горива и чијашто надворешна политика е заснована на хибридни тактики, го претвора климатското прашање во средство за оцрнување на Западот и за подривање на неговите политики.
Енергетската зависност и економските мотиви зад дезинформациите
Русија има суштинска економска зависност од извоз на гас и нафта. Енергетската транзиција на Западот, особено на Европскатата Унија, која се заснова на обновливи извори и намалување на емисиите, претставува директна закана за рускиот буџет и за политичката моќ што Москва ја црпи од статусот на енергетски снабдувач. Затоа Кремљ систематски ги напаѓа климатските политики на Западот, претставувајќи ги како „нереални“, „штетни“ или „опасни“.
Истовремено, Русија промовира сопствени „алтернативи“ како попрактични – природен гас, нуклеарна и хидроенергија.
Лажните руски наративи се споделуваат и на социјалните мрежи кај нас и во регионот.
Енергетските „зелени“ клептократи диплат милиони од субвенции, а народот на крај ќе ги плаќа сметките со пари, здравје и живот. Кога ќе се свестиме дека целата системска пирамида и политички циркус е во служба на глобалистичко-мизантропски интереси, при што најдрско го краде и уништува народот? Дали ќе уништуваме генерации додека не` снема или ќе се разбудиме?, стои во една објава на македонски јазик.
Објава на српски јазик споделена на платформата Икс вели:
Соларни панели во Шпанија во заговор со жешкото сонце. Времето во јужна Шпанија е премногу топло за соларни панели. Тие горат, па дури и експлодираат.
Објавата споделува и видео на кое наводно се гледаат соларни панели во пламен.
Видеото беше објавено и од рускиот портал „Спутник“, а Истиономер.рс утврдил дека спорната снимка немала никаква врска со овогодишниот топлотен бран во Шпанија.
Како што наведува EUvsDisinfo, со текот на годините, машината на Кремљ – ФИМИ, создаде голем број наративи за стратешката транзиција на Европа од економија базирана на јаглерод кон одржливост. Притоа се тврдеше дека зелената енергија е скапа измама, дека обновливата енергија е неуспех и дека политиките на ЕУ за енергија и клима се кратковидни и штетни за сопствената економија.
Политиката на Европа базирана на јаглерод кон одржливост, проруски профили на социјалните мрежи ја толкуваат како обид на Европската Унија да воведе систем во кој на поединец ќе му се одзема правото да купува храна затоа што го „искористил дневниот лимит за емисии на карбон“.
Вистиномер ги дебанкираше ваквите информации и утврди дека ЕУ и други институции работат на политики за одржлива исхрана, намалување на емисиите, ограничување на влијанието на производството на храна врз климата. Политики како што се „од фарма до виљушка“ (Farm to Fork) и зелениот договор се насочени кон поодржлива потрошувачка и производство на храна.
Друг вообичаен наратив на ФИМИ, тврди дека зелената агенда на ЕУ е всушност алатка за забавување на економскиот раст на Глобалниот Југ и елиминирање на потенцијалните економски конкуренти. На пример, тврдењата дека европските земји користат „зелен протекционизам“ за да се осигурат дека придобивките од трговијата одат само кај нив, и ја обвинува Франција дека ги користи еколошките прашања за да го блокира увозот од Латинска Америка.
Климатски дезинформации како инструмент за политичка поларизација
Во Полска, истражувањето на Defence24 покажува дека поголемиот дел од климатските дезинформации на интернет потекнува токму од руските пропагандни структури.
Телевизијата Спутник и телевизијата Раша тудеј, шират дезинформации во масовни размери во Полска во областа на климата. Што се однесува до полските радиодифузери, во текот на периодот на следење (од 15 октомври 2021 година до 15 февруари 2022 година) најголемата количина на материјал што содржи манипулирани или лажни информации или алатки што се користат за дезинформации, намерни, на пример, да предизвикаат негативни емоции кај примателите во врска со заштитата на климата и климатската политика, се појави на веб-страниците wPolityce.pl, DoRzeczy.pl и на новинскиот канал TVP Info, пишува во анализата на Defence24.
Ова се вклопува во пошироката стратегија на хибридно војување, опишана во документот на Hybrid CoE:
Активностите на Русија за хибридни закани, спроведени заедно со нејзината војна против Украина, претставуваат значајни предизвици за регионалната и меѓународната безбедност. Во текот на изминатата година, Русија стана сè поагресивна во користењето на својот сет алатки за хибридни закани, особено во регионот на Балтичкото Море, но и на други места. Близината на земјите во регионот на Балтичкото Море до Русија и Белорусија, заедно со разните врски, создава и ранливости и можности за откривање на закани. Русија користи разновидни тактики, како што се дезинформации, сајбер напади, психолошки притисок, инструментализирана миграција и акти на саботажа, за да изврши притисок и да ги дестабилизира овие земји. Сепак, и покрај континуираното таргетирање, тие покажуваат отпорност и решителност во спротивставувањето на ваквите закани, одржувајќи внатрешна кохерентност и будност. Силни сојузи и проактивни мерки се неопходни за ефикасна одбрана. Сепак, Русија ќе продолжи да ги прилагодува своите тактики и да ги тестира реакциите, потенцијално ескалирајќи ги тензиите. Оттука, внимателното следење, спротивставувањето на промените во границите на прифатливоста, подигнувањето на свеста и подобрувањето на одвраќањето се од витално значење за ЕУ, НАТО и нивните земји-членки.
Арктикот: климатски фронтлајн и геостратешка арена
Арктикот е регион каде климатските промени се најевидентни, но и регион каде Русија има најголеми геостратешки интереси. Во анализа на Фајненшал тајмс се нагласува дека Русија ги користи климатските промени за да ја оправда милитаризацијата на Арктикот и да го засили своето влијание.
Руското ограничување на научни податоци за Арктикот го попречува глобалното следење на климатските модели. Така се создава простор за Москва да промовира сопствени наративи и да ги релативизира климатските промени.
Конспирациски наративи: „Климатско оружје“ и антизападна пропаганда
Еден од најекстремните инструменти што ги користи Русија се конспирациски теории. Руски медиуми и официјални претставници понекогаш обвинуваат дека Западот поседува „климатско оружје“ — технологии кои намерно предизвикуваат климатски катастрофи.
Овој наратив е документиран и од Atlantic Council, кој покажува како руските државни медиуми пласираат дезинформации дека САД можат да предизвикаат земјотреси или поплави.
Целта е двојна: да се демонизира Западот пред меѓународната јавност и да се оправда руската агресивна политика како „одговор“ на западната закана.
Слични наративи се забележуваат и од украинскиот Центар за јавна безбедност, кој наведува дека Русија ја користи климата како дел од својата информациска војна.
Овие тактики имаат реални последици за глобалната борба против климатските промени. Русија не ја користи климатската криза само како научно или политичко прашање, туку како елемент на својата хибридна стратегија за влијание. Со ширење дезинформации, промовирање на конспирации, манипулација со податоци, Москва се обидува да го оцрни Западот, да ја наруши неговата внатрешна политичка кохезија и да го забави процесот на енергетска транзиција.




