Како што Мицкоски го „запоседна“ Вашингтон, така Апасиев брза на прославата на 9 Мај во Русија

Published on:

Парада на победата на Црвениот плоштад во Москва 24 јуни1945 | Фото: Mil.ruCC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Дали новите геополитички случувања навистина донеле затоплувања на односите на големите светски сили со Русија, па затоа лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев сака присуство на македонска парламентарна делегација на официјалните свечености во Москва, по повод јубилејната 80-годишнина од победата над фашизмот, додека мирот во Украина сè уште не е воспоставен? 

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Дали лидерот на „Левица“ и пратеник во Собранието Димитар Апасиев се обидува да го „запоседне теренот“ во Москва, како што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски тврдеше дека го „запоседнал теренот“ во Вашингтон пред месец дена?

Запоседни го теренот па потоа кој и да дојде, втор, трет, се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања, рече Мицкоски, меѓу другото, по учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон, тврдејќи дека сака да фати место во првите редови во налетот на „новото нормално“.

Мицкоски уште на почетокот на неговиот премиерски мандат минатото лето ја предводеше нашата делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, а присуствуваше и на инаугурацијата на старо-новиот американски претседател Доналд Трамп во јануари годинава.

Апасиев, пак, на 5 март годинава побарал седница на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Руската Федерација за да се разгледаат можностите наша делегација на присуствува на јубилејната прослава – 80 години од победата над фашизмот во Москва.

Бидејќи нашата држава е плод на АНТИФАШИЗМОТ крунисан на АСНОМ, а во очи на големиот јубилеј “80 години од победата над фашизмот” – побарав седница на парламентарната група за соработка со руската Дума, со цел разгледување на можностите за испраќање на собраниска делегација на официјалната прослава во Москвапишува во објавата на Апасиев на неговиот профил на Фејсбук, пропратена со факсимил од неговото барање до споменатата пратеничка група.

Во барањето на Апасиев се наведува дека тој смета оти „последните геополитички случувања и затоплувања на односите со Русија од страна на големите светски сили“ се доволна причина да се свика повременото собраниско тело за да се разгледаат можностите македонска парламентарна делегација да присуствува на официјалните свечености во Москва во мај 2025 година, по повод прославата на Големата победа на сојузничките сили над фашизмот во Втората светска војна.

Фото: Принтскрин

Дали ова е уште една идеолошка „димна бомба“ на Апасиев и Левица, како онаа со посетата на гробот на албанскиот комунистички диктатор Енвер Хоџа пред две години, кога го славеше неговиот лик и дело?

Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економијасоопшти тогаш партијата Левица.

Или, пак, се работи за наличјето на „новото нормално“ што овојпат доаѓа од Истокот?

Интересно е што Апасиев и пред две години, чествувајќи го диктатарот Хоџа, се повикуваше на речиси идентични мотиви како што сега повикува на затоплување на односите со Русија.

Новите геополитички прилики кои ги живееме, навестуваат време на големи промени кон подобро и конечно ослободување на народите од Балканот од уназадувачкото слугување на туѓи интереси. Левица, во духот на интернационализмот, смета дека вистинската политичка еманципација и соживот помеѓу народите е можен само преку доследна социјалистичка платформа која ќе ги елиминира сите појавни форми на експлоатација и класно угнетување на соседните народи. Смрт на фашизмот, слобода на народот!гласи финалето на соопштението на Левица од гробот на Хоџа.

Како што може да се забележи, тоа се „новите геополитички случувања“ и „антифашизмот“. Меѓутоа, симптоматично е што наводните слободарски идеали на Левица и Апасиев се врзуваат за една стара (Хоџа) и една нова диктатура (Владимир Путин).

На 7 март 2022 година, три недели по почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина, Русија нè прогласи за непријателска земја, заедно со САД, Украина, Европската Унија, како и Австралија, Албанија, Андора, Велика Британија, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Република Кореја, Сан Марино, Северна Македонија, Сингапур, Тајван, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија. Македонија е на „црниот список“ на Русија затоа што на почетокот на нејзината инвазија врз Украина се приклучи кон новиот пакет санкции кон оваа земја.

И во претходниот состав на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Руската Федерација, како и во актуелниот, членувал Скендер Реџепи, кој на 14.03.2022 побарал Собранието да ја распушти таа Парламентарната група. Тогашниот претседател на Парламентарната група Павле Трајанов сметал дека е потребна координација меѓу пратеничките групи, а против предлогот разбирливо бил пратеникот и член на парламентарната група Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, познат по неговите проруски ставови. Иницијативата на Реџепи пред 3 години не завршила со укинување на таа парламентарна група, иако немало никаква соработка.

Кога станува збор за последните геополитички случувања и затоплувањето на односите со Русија од страна на големите светски сили, прашање е колку тие се навистина затоплени. Секако дека постојат иницијативи за постигнување мир во Украина, но под какви услови, кога се знае дека на Русија не ѝ се брза со прекин на огнот.

Токму украинскиот претседател Володимир Зеленски на Минхенска конференција за безбедност 2025 потенцираше дека „Европа треба да се прилагоди“ со формирање на силна заедничка армија, бидејќи Русија не сака мир, и нејзината инвазија нема да запре само на Украина.

Од друга страна, НАТО како концентрација на „големите светски сили“, цврсто стои на ставот дека „Безбедноста на Украина е од големо значење за НАТО и нејзините земји-членки. Алијансата целосно го поддржува вроденото право на Украина на самоодбрана и нејзиното право да избира свои безбедносни аранжмани. Иднината на Украина е во НАТО“.

НАТО најостро ја осудува руската агресивна војна против Украина. Оваа агресија сериозно ја поткопува евроатлантската и глобалната безбедност и е очигледно кршење на меѓународното право. Сојузниците на НАТО, во согласност со релевантните резолуции на Генералното собрание на ОН, бараат Русија веднаш да ја прекине војната, да престане со употребата на сила против Украина и целосно и безусловно да ги повлече сите свои сили од Украинастои меѓу другото во сè уште важечката декларација на НАТО за Украина од 11.03.2025.

Медиумите минатата година известуваа за скромен број гости на парадата во Москва по повод победата над фашизмот, бидејќи Кремљ не ги поканил амбасадорите и претставниците на земјите кои ги смета за непријателски (списокот е погоре во текстот). Друштво на Путин на парадата во 2023 му правеле само шест претседатели, од соседните земји на Русија. Бројот на странски лидери на таа парада години наназад се осипува: во 2019 и во 2021 немало ниту еден странски лидер, за разлика од 2015, кога на 70-годишнината од победата во Втората светска војна во Москва присуствувале 27 лидери на земји од светот.

Таа „Парада на победата“ отсекогаш била смотра и промоција на воената моќ на Русија (порано Советскиот Сојуз), која не пропуштала да се пофали, но и да го заплаши остатокот од светот со најновите видови оружје за масовно уништување.

За разлика од Русија, 9-ти Мај во Европа, освен како Ден на победата, се слави и како „Денот на Европа“.

Во 1952 година во чест на Шуман и „Шумановата декларација“, 9 мај беше прогласен за Ден на Европа, кој се чествува секој година како ден кога се слават мирот и единството во Европа, а истовремено беше промовирано и денешното знаме на ЕУ како Знаме на Европа. Дополнително, во 1960 година Европскиот парламент го прогласи Шуман за „Татко на Европа“.

„Вистиномер“ веќе го анализираше прорускиот профил на Левица предводена од Апасиев. Центарот за проучување на демократијата од Софија во својата анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва, што ја пренесе порталот „Независен“ (март 2023 година), тврди дека дури шест милијарди долари од руски извори се слеале прикриено и илегално во македонските финансиски текови од 2000 до 2020 година. Во анализата, исто така, се посочува дека на малигно руско влијание не се имуни водечките медиуми и влијателни политички партии во регионот, како Левица во Македонија, Преродба и БСП во Бугарија, СНС и СПС во Србија, бугарската национална телевизија БНТ и РТРС во БиХ.