Контраспин: Исмаил од Левица укажува дека Далај Лама бил „ЦИАш“, но молчи за кинеската окупација на Тибет

Published on:

Фото: levica.mk

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Кога НР Кина ја окупирала тибетската држава на Далај Лама, тој имал само 15 години, па тој не бил некаков „ЦИАш“ со јасно изградени прозападни и антикомунистички ставови, а соработка со ЦИА започнал подоцна, што е разбирливо по она што му се случило, а што пратеникот Реџеп Исмаил од Левица го премолчува. И, иронично, Далај Лама дури има извесни симпатии за комунистичката идеја

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Пратеникот од партијата Левица, Реџеп Исмаил, кој ја шири пропагандата на Москва и Пекинг, селективно изнесува некои вистинити факти, велејќи:

Спин: Не дека ова е некоја нова и ексклузивна вест, али е добар повод да се запрашаме: кои други современи светски верски лидери се уствари ЦИАши?

Тоа се однесува на тибетскиот верски и политички лидер Далај Лама, кој е на фотографијата со која тоа е илустрирано, а врз неа е додаден и манипулативен текст на англиски (во превод):

Нови декласифицирани документи покажуваат дека Далај Лама бил на платен список на ЦИА.

Во текот на дводецениските тибетски тензии, Далај Лама добивал субвенции во износ од 180 илјади долари годишно, а Индиско-кинеската војна од 1962 г. била дел од прикриена стратегија на САД.

[Извор: Објава на Фејсбук на пратеникот Реџеп Исмаил, датум: 23.11.2025]

Контраспин: Укажувањето на Исмаил дека Далај Лама бил платеник на ЦИА е класичен спин, т.е. метафорично „превртување на медалот“ за да се види само неговата мрачна страна. Додуша, тоа што Далај Лама се залагал за ослободување на Тибет од кинеска окупација со помош од ЦИА не е никаква мрачна страна, но Исмаил сугерира дека тоа е така. Објективно, ЦИА играла валкани игри, особено во Ј. Америка, кај што помагала воени удари и десничарски диктатури, но во Тибет поддржувала борба за слобода, а Исмаил ја занемарува таа разлика и прави други манипулации.

Премолчено: НР Кина ја нападнала тибетската држава на Далај Лама

Тибет е планински регион во Азија, кај што од 7 до 9 век опстојувала Тибетската Империја, која им била ривал на Кинезите. Таа се распаднала, а по многу векови и војни, Тибетанците повторно успеале да создадат своја држава, но само во Централен Тибет, познат и како У-Цан, додека останатите делови од Тибет, Амдо и Кам, во најголема мера потпаднале под Кинезите.

Таа држава ја водел Далај Лама и таа била де факто независна, со главен град Ласа, но во 1950 – 51 г. била нападната од НР Кина, која ја анектирала нејзината територија, па разбирливо е тоа што Далај Лама и тибетските борци за слобода примале помош (во пари, оружје или обука) од САД и разузнавачката служба ЦИА, а тие ја давале таа помош заради своите антикомунистички интереси.

Кога НР Кина ја нападнала државата на Далај Лама, тој имал само 15 години, па тој не бил некаков „ЦИАш“ со јасни изградени прозападни и антикомунистички ставови, а соработка со ЦИА започнал подоцна. Не може да се рече дека тој бил потплатен за да го испровоцира тој конфликт или слично, а пари од ЦИА примал затоа што околностите го натерале на тоа.

На фотографијата во објавата на Исмаил, Далај Лама држи шише „Кока-Кола“, а иако фотографијата е автентична и не е фотомонтажа, таа е тенденциозно одбрана за да создаде впечаток дека тој им бил платеник на Американците, затоа што „Кока-Кола“, нели, го симболизира нивниот капитализам. Нема друго објаснување зошто од илјадници фотографии на Далај Лама била одбрана токму таа.

Тоа е смислена манипулација, а на таа фотографија кај Исмаил го има и логото на RT (Russia Today), па таа потекнува од тој пропагандистички медиум. Русија сега гради добри односи со Кина, но тоа не секогаш било така, а Русите дури го користеле тибетското прашање против Кинезите, што никако не оди со проруските и прокинеските ставови на Исмаил, но за тоа – потоа.

По логиката на Исмаил ќе излезе дека Далај Лама бил платеник на Кина

Иронично, Далај Лама бил оставен на власт откако му ја окупирале земјата, па по логиката на Исмаил ќе излезе дека Далај Лама ѝ бил платеник на НР Кина. Но, тој бил принуден да го прави тоа под нишан на окупаторот, кој се обидувал да ги залаже Тибетанците со извесна автономија.

НР Кина го залажувала и Далај Лама, покажувајќи му ги само нејзините позитивни страни (индустријализација, описменување и сл.), што за него било импресивно и нему донекаде му се допаднал комунизмот, па тоа ли е типичен „ЦИАш“? Тој избегнувал да ѝ создава проблеми.

НР Кина е озлогласена по репресиите, но таа создавала привид дека Централен Тибет е автономен, па таму уште не била толку жестока. Но, во Амдо и Кам таа спроведувала насилна колективизација, сквернавење на храмови, затворања и убивања, што довело до востанија.

Бегалци од тие тибетски региони тогаш дошле во Централен Тибет, кај што ги споделиле тие искуства, што создало страв дека и таму ќе се случи истото и дека Далај Лама ќе биде уапсен, па на 10.3.1959 г. во Ласа избувнало востание, кое било крваво задушено.

Неспорно е дека ЦИА ги помагала востаниците, но Далај Лама не бил нивен водач и најпрвин бил незаинтересиран за соработка со ЦИА. Сепак, сфаќајќи дека со НР Кина не може да има соработка и дека може да биде уапсен, тој побегнал во Индија, кај што водел влада во егзил.

Дури тогаш ЦИА почнала да го финансира, а спротивно на она што се вели на сликата кај Исмаил, документите за тоа не се свежо декласифицирани, туку тоа било сторено уште во 1998 г.

Фактички, Далај Лама не ја водел опозицијата, туку околностите го направиле опозиционер, а и „ЦИАш“. Неговата борба за Тибет потоа била мирна, гандистичка и публицистичка, а со вооружени акции спонзорирани од ЦИА тој не се бавел, туку други тибетски активисти како неговиот постар брат. Далај Лама не бил типичен „ЦИАш“ и не бил никаков Џејмс Бонд или Рамбо.

Врв на иронијата

Историјата не е црно-бела како што ја претставува Исмаил, а во неа имало и изненадувања, па така, соработката на Далај Лама со ЦИА била прекината, а се работи за следново.

Иако и Русите и Кинезите граделе социјализам, тие имале разидување, но и граничен спор од царските времиња, што во 1969 г. довело до вооружен судир, па САД ги затоплиле односите со НР Кина на штета на СССР, а тој почнал да кокетира со Далај Лама на штета на НР Кина.

Според логиката на Исмаил, сега ќе излезе дека Кинезите станале платеници на САД, а Далај Лама – на Москва, но Исмаил тоа не го вели од причина што тоа не му одговара.

Интересно е да се додаде дека Русите контактирале со Тибетанците на штета на Кинезите уште во царските времиња, па испраќале будисти од БурјатијаКалмикија и други делови на Русија во Тибет, кого дури имале идеи да го заземат.

Исто така, Москва ја помагала Индија во нејзината војна против НР Кина во 1962 г. Таа војна ја испровоцирал Пекинг, така што во текот на 1950-тите узурпирал дел од спорниот регион Аксаи Чин. Со тоа паѓа во вода тезата од сликата кај Исмаил дека САД ја испровоцирале таа војна. И, иако САД ја потпомогнале Индија во таа војна, тоа не го правеле во толку голема мера како СССР.

Кинезите тогаш зазеле сиот Аксаи Чин (кој е голем колку Швајцарија) и тие претендираат и над индискиот регион Аруначал Прадеш, па погранични инциденти и натаму се случуваат.

Исмаил го фали БРИКС, со што го шири наративот дека НР Кина има добри односи со Индија и Русија, но тие односи некогаш биле многу лоши, што понекогаш повторно испливува.

Отсечен детал од фотографијата

Покрај текстот додаден врз фотографијата од Далај Лама кај Исмаил, таму има и друга манипулација – десниот дел ѝ е отсечен за да не се види убаво дека таму седи политичар од Индија. Тоа би потсетило на фактот дека таа му дала засолниште на Далај Лама, што е штетно за нејзините односи со НР Кина, со која, како што рековме, Индија сега заедно членува во БРИКС.

Со цел тоа да не потсетува на интерните кавги во БРИКС, некој тоа „елегантно“ го отсекол, а можеби тоа го сториле веќе споменатите RT, па тоа подоцна некако стигнало и до Исмаил.

Заклучок

Буквално сè во оваа објава на Исмаил е манипулација, па дури начинот на кој се изложени оние факти, за кои нема спор дека се вистинити.