Лажни вести за фронтот: Руски дезинформации за украинската војска

Published on:

Илустрација: Вистиномер.мк

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Москва континуирано шири комплексни и континуирани пропагандни наративи за украинската армија. Сите овие имаат за цел да го подриваат моралот, да ја разнишаат јавната доверба и да ја минимизираат поддршката од Западот. Ширењето лажни вести за масовни загуби, епидемии, недостиг на оружје или дезертерство имаат за цел да ја намалат борбената мотивација на украинските војници и довербата на цивилите во военото раководство. Со манипулации дека властите „кријат вистински бројки за жртвите“, Москва сака да предизвика сомнеж и незадоволство меѓу граѓаните. Прикажувањето на Украина како „веќе поразена“ или „без капацитет за офанзиви“ има за цел да ги убеди западните влади и јавноста дека испраќањето пари и оружје е залудно

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во последните месеци, руските пропагандни структури и медиуми се повеќе ја засилуваат кампањата на дезинформации која не е нова, а е со цел да ја дискредитираат украинската војска, да поттикнат паника меѓу населението и да ја разнишаат поддршката од Западот.

Во септември 2024 година, на пример, повеќе проруски Телеграм канали ширеа невистинита вест дека во украинската армија се развива епидемија на туберкулоза, „со санитарни загуби од над 10 % од персоналот“, барајќи итно евакуација. Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина (СНБО) ја оцени оваа информација како дезинформација со цел деморализација на војската.

Некои од тие дезинформации не ја заобиколија ниту Северна Македонија.

 

Малолетни лица нема да војуваат на фронтот

Во тој контекст, инсистирајќи на тоа дека украинската војска останува без луѓе, постојано се шират дезинформации дека Украина ќе регрутира малолетни лица на фронтот со Русија.

Украина ке регрутират 14г. деца !!! Борба до последен украинец.
Малкумина се свесни дека оваа војна е војна против народот во ЕУ и Русија…. Масовно осиромашување на средната класа и најголем број на екстремно богати корпорации
вели една објава на Фејсбук.

Во друга објава се посочува:

Зеленски сега се насочува кон лица над 17 години. До 31 јули, сите млади украински мажи кои наполниле 17 години оваа година се должни да се регистрираат за воена служба, известува ТКЦ.

Фактите говорат дека Украина не регрутира помлади од 18 години, но дека ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години.

 

Законски ограничувања

Регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина.

Членот 15 од Законот за воена служба на Украина вели дека единствените лица на кои ова се однесува се:

Украинските граѓани чиј пол е машки, кои се здрави, кои наполниле 18 години до денот на започнување на службата и лица кои сè уште немаат 27 години, а кои немаат право на ослободување или одложување. Граѓаните на воената возраст можат доброволно да бидат примени на воена служба со договор под условите предвидени во првиот дел од членот 20 на овој закон и на начин утврден со прописите за воена служба од државјани на Украина.

Нема докази кои би ги документирале и поддржале наводите дека има украински деца кои се борат во првите линии на фронтот.

Она што е факт е дека Врховната Рада на Украина уште лани ја намали старосната граница за воена мобилизација при што рокот од 27 е намален на 25 години.

„Ова ќе ѝ овозможи на украинската војска да повика повеќе луѓе во своите редови откако се намали бројот на доброволците. Зеленски во декември кажа дека се потребни уште 500.000 војници. Овој закон беше изгласан во парламентот уште во мај 2023, но досега не стапи на сила зашто Зеленски го немаше потпишано“, појаснуваат домашните медиуми.

Според нацрт-законот, возраста за регрутација ќе се промени од 27 на 25 години. Граѓаните на возраст од 25 до 60 години подлежат на мобилизација. За време на мобилизацијата, мажите на возраст од 18 до 60 години се должни постојано да носат документ за воена регистрација со себепишуваа тогаш „Украинските национални новини“.

Исто така, се прецизира дека за време на правниот режим на воена состојба во Украина, нема потреба граѓаните помлади од 27 години да се регистрираат во војската подолго време.

 

Русија дезинформира и за бројот на украински дезертери

Повикувајќи се на изјави на украински пратеници, критички настроени кон власта на Зеленски, но без никакви поткрепени информации, некои македонски медиуми го ширеа рускиот наратив дека украинската војска има 400 илјади дезертери.

Речиси 400.000 украински војници ги напуштија своите единици без дозвола, а многумина – вклучувајќи ги и волонтерите – немаат планови да се врататстои во една објава на Фејсбук.

Во написи кои ги пребаравме во врска со бројот на украински дезертери, никаде на сретнавме бројка од 400.000 војници.

Нексус њуз фид, потсетува на извештај на украинскиот новинар Владимир Бојко, кој во јули 2025 г. објавил дека властите поднеле повеќе од 107.000 кривични пријави за дезертерства и бегство од војска во првата половина на 2025 година. Тој навел дека вкупниот број на случаи надминал 230.000 од ескалацијата на украинскиот конфликт во 2022 година, а реалниот број на инциденти е можеби уште поголем. Најчесто спомнувана бројка кон крајот на минатата година е околу 100 илјади, оценува угледниот „Дифенс пост“.

„Дојче веле“ пишува дека на почетокот на годината, Украина регистрирала околу 123.000 истраги за војници кои отсуствувале без дозвола или ги напуштале своите единици. Но, истовремено постојат бројни дезертери кои соочени со избор да бидат казнети или да се вратат на фронтот го одбираат второто и таквиот број само во март 2025 година изнесувал 21.000 војници.

По повеќе од три години интензивна војна со Русија, Украина губи голем број војници дневно и има вонредна потреба од дополнителни сили на фронтот. Во првите месеци од војната имаше голем број доброволци. Со текот на времето, бројот на луѓе кои доброволно се пријавуваат значително опадна, па државата мора да премине кон задолжителна мобилизација.  Дезертерството е проблем, но според бројките што можат да се најдат и да се споредат, тоа е далеку од 400 илјади воиници, како што тврдеше пратеничката во украинскиот парламент Ана Скороход, за која во 2024 година „Украинските национални новини“, објавија вест со податоци за зголемување на нејзиното лично богатство и богатството на нејзиниот поранешн сопруг, Русин со украинско државјанство.

 

Дезинформации за уапсени НАТО офицери

Дел од македонските медиуми ширеа дезинформации и дека руската војска уапсила офицери на НАТО.

Специјалните сили на Руската Федерација наводно заробиле неколку офицери на НАТО во украинскиот град Очаков, кои им помагале на украинските вооружени сили да гаѓаат ракети и беспилотни летала кон руски цивилни цели, објави Телеграм каналот „На Марше“, а објавија и неколку руски медиуми, како што пренесе еден македонски медиум.

Како што веќе анализираше Вистиномер, некои руски медиуми навистина известиле за таков настан, но веста е лажна, а се работи за крајно пропагандистички руски медиуми како ГлавныйИнфо24 и Блокнот. Некои од нив како извор го користеле подеднакво пропагандистичкиот Телеграм канал На марше или нему сличниот канал Милитарист, но и двата канали признаваат дека веста е непотврдена, а сепак ја шират. Тие им ја припишуваат веста на неименувани западни извори, што е крајно неубедлив аргумент.

Независниот британски портал за безбедност и одбрана UK Defence Journal (UKDJ), потврди дека станува збор за дезинформација.

Веста, на која ѝ недостига било каква независна верификација, потекнува од извори поврзани со Русија и вклучува фабрикувани фотографии и фиктивни идентитети, се вели во проверката на UKDJ.

Ова не е првпат да се шират такви дезинформации. Така, во 2022 г. се ширеше лажна вест дека при заземањето на украинскиот град Мариупол, Русите заробиле американски генерал, а „доказ“ за тоа беше видеоклип од апсење на некое обично лице на Крим, кое беше лажно опишано.

Илустрација: Вистиномер.мк

 

Руски дезинформации во врска со украинските воени жртви

Во последно време актуелни се и неодамнешните неосновани тврдења во врска со жртвите на украинската војска. Потекнувајќи од проруски „хактивистички“ групи и брзо ширејќи се низ платформите на социјалните медиуми и медиумите спонзорирани од државата, пропагандниот наратив тврди дека неверојатни 1,7 милиони украински војници се убиени или исчезнати од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. Оваа бројка сепак нема никаква веродостојна, независна поткрепа и носи обележја на координирана кампања за дезинформации оркестрирана од про-Кремљ актери, анализира Алијансата за дезинформации ДИСА.

Независни аналитичари, вклучувајќи го и Петро Андриушченко, раководител на Центарот за проучување на окупацијата со седиште во Мариупол, го побија тврдењето како „очигледно лажно“. Андриушченко ја поврзува оваа кампања за дезинформации со претходни лажни тврдења според кои украинската влада одбила да прифати 1.000 заробени војници во размена на затвореници, прикажувајќи го заедничкиот напор како насочен напад врз моралот. Центарот за борба против дезинформациите на Украина, исто така, енергично ја осуди бројката од 1,7 милиони како „апсолутно апсурдна лага“, нагласувајќи дека вкупната големина на украинската војска, вклучувајќи ги и резервистите, е значително помала од наводниот број на жртвинаведува ДИСА.

Веродостојните проценки за жртвите на украинските воени сили прикажуваат сосема поинаква слика од надуените бројки што ги пропагираат про-Кремљ извори. И Украина и Русија не сакаат да ги објават официјалните бројки за жртвите, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски даде некои проценки. Во февруари 2025 година, Зеленски ги процени жртвите на украинските воени сили на околу 46.000, со над 390.000 ранети. Тој, исто така, ги поби медиумските извештаи што сугерираат значително поголем број на жртви, признавајќи ја тешкотијата во точното евидентирање на жртвите во тековниот конфликт и размената на затвореници.

Независните проценки од организации како што е „Центарот за стратешки и меѓународни студии“ (CSIS) нудат поширок опсег, проценувајќи ги смртните случаи на украинските војници помеѓу 60.000 и 100.000, со вкупни жртви што достигнуваат до 400.000 илјади. Иако овие бројки се несомнено трагични и големи, тие остануваат значително пониски од измислената бројка од 1,7 милиони.

 

Пропагандата поевтина од класичното војувањето

Москва континуирано шири комплексни и континуирани пропагандни наративи за украинската армија. Сите овие имаат за цел да го подриваат моралот, да ја разнишаат јавната доверба и да ја минимизираат поддршката од Западот. Ширењето лажни вести за масовни загуби, епидемии, недостиг на оружје или дезертерство има за цел да ја намали борбената мотивација на украинските војници и довербата на цивилите во военото раководство. Со манипулации дека властите „кријат вистински бројки за жртвите“, Москва сака да предизвика сомнеж и незадоволство меѓу граѓаните. Прикажувањето на Украина како „веќе поразена“ или „без капацитет за офанзиви“ има за цел да ги убеди западните влади и јавноста дека испраќањето пари и оружје е залудно.

Русија шири дезинформации за украинската војска затоа што тоа е поевтино и полесно од класично војување, а може да донесе огромен ефект: слабеење на моралот, поделби внатре во Украина и намалена поддршка од западните сојузници. Со други зборови — дезинформацијата е оружје што има цел да постигне стратегиски придобивки без директна воена акција. Украинските власти и медиуми активно работат на нивно разобличување и истакнување на фактичките состојби.