Од свечената академија по повод 11 Октомври Фото: https:pretsedatel.mk
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објава на Фејсбук прави скандал од тоа што рускиот амбасадор наводно не бил поканет на свеченото одбележување на 11 Октомври, но тенденциозно ја премолчува руската агресија врз Украина, која најверојатно била причината за тоа неканење. Објавата манипулира и со факти за Втората светска војна и 11 Октомври, па дури неосновано тврди дека на одбележувањето на тој антифашистички празник биле поканети фашисти
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Многу ниско Гога Сорос падна, незнам по кој пат. Не ја покани Руската амбасада а ги покани фашистите
Тоа е илустрирано со два скриншоти од туѓи фејсбук-објави, кои подетално ни објаснуваат за што тука се работи. Едниот скриншот е од објава, која вели:
СКАНДАЛ!
Денеска на приемот по повод “11 Октомври” денот на востанието на македонскиот народ против фашизмот, претседателката на Северна, Гордана Силјаноска-Давкова го викнала целиот диполматски кор во земјава но не и РУСКИОТ АМБАСАДОР!
За тоа извести и еден извор близок до руската амбасада, а со оглед на влошените односи меѓу С. Македонија и Русија, сосема е можно таа вест да е точна. Но, во неа нема ништо скандалозно. Тоа неканење не е од подлост и не е дипломатски гаф, туку тоа е најверојатно санкција за руската агресија врз Украина, која објавата тенденциозно ја премолчува.
И други земји не ја канат Русија (на комеморации за Аушвиц или за десантот во Нормандија), а и Русија не ги кани на Парадата на победата, но од тоа тие не прават скандал.
Околу свеченоста по повод 11 Октомври, скриншотот го вели и следново:
Ги поканила претставниците од сите амбасади на европските земји кои заедно со Хитлер во тоа време се бореа на Источниот фронт против Русија и СССР
Тоа е истата теза како и во воведoт на објавата, а тоа е дека биле поканети некакви фашисти, што е ем неточно, ем тоа би било апсурдно на таков антифашистички празник.
Тука објавата мисли на оние земји, кои во Втората светска војна биле фашистички, но тие тоа веќе одамна не се, а ако некој инсистира да се враќаме во минатото, тогаш да кажеме и дека со Пактот Молотов-Рибентроп од 23.8.1939 г. Москва му била сојузник на Хитлер.
Скриншотот потоа нагласува:
Русија даде 26 милиони жртви во борбата против фашизмот и за ослободување на југоисточна Европа од ова зло.
Русија не дала 26 милиони жртви во борбата против фашизмот, туку тоа е бројот на жртви (и борци и цивили) за сиот СССР, во чиј состав биле и Украина, Белорусија, Грузија, Казахстан и куп други земји, а околу половина од тие жртви биле од Русија.
Наводно, советската тактика се сведувала на испраќање во јуриш на слабо вооружени и обучени војници, што придонело за таа бројка, а многу од нив биле убиени од своите – од позадинските заградувачки одреди (рус. заградотряды), кои стрелале во секој кој би се повлекол од борбата.
Но, повеќето од тие 26 милиони жртви не биле борци, туку цивили, кои пострадале од окупаторскиот терор, Холокаустот, болести или глад (на пр. при опсадата на Ленинград).
Во текот на војната некои пострадале од сталинистичкиот режим: во неговите сибирски логори (кајшто смртноста тогаш била огромна), во неговите масовни стрелања или присилни депортации на разни етнички групи (Кримски Татари, Чеченци и др.), при што многумина починале.
Да не го занемариме и фактот дека некои Руси во војната загинале како соработници со окупаторот, каков што на пример бил генералот Андреј Власов (1901-1946).
Што се однесува до тезата дека Русите биле ослободители, во периодот 1939-1940 г. СССР ги заграбил: Литванија, Латвија и Естонија и дел од Полска, Финска и Романија, а по војната, низ Источна Европа тој воспоставил репресивни режими. За милиони луѓе тој не бил ослободител.
Во врска со тоа ќе цитираме и еден коментар даден на темата, кој го вели следново:
11октомври без Русија , не би постоел како празник !
Навистина, со операциите во Бугарија и Југославија, СССР индиректно им помогнал на македонските партизани, но таа помош имала и мрачна страна. Како и сите комунистички движења на отпорот, и она нашето било создадено под советско влијание, затоа што преку Коминтерната, Јосиф Сталин имал контрола над сите комунистички партии низ светот. Фактички, тие биле негови агенти, кои по војната создале слични режими во своите земји.
Како позитивно кај нас се зема тоа што приоритет на нашите борци било националното ослободување, а не комунизмот, но него сепак го имало и тој си донел свои негативности.
Исто така, антифашизмот на СССР воопшто не бил доследен. Тој ги поттикнал комунистите низ Европа на антифашистичко востание дури по нападот на Хитлер врз СССР на 22.6.1941 г., а дотогаш, СССР и Хитлер биле сојузници, што сите комунисти морале да го следат.
На крај, да се осврнеме и на другиот скриншот во објавата, кајшто се вели:
Знаевме дека сте бедни, искомплексирани лажливи комуњарчиња ама да направиш ваква глупост да не и оддадеш почест на земјата што даде над 26 милиони човечки живот во борбата против фашизмот е навистина расипано до коска!
Етикетата „комуњар“ не е толку соодветна за раководителите на прозападно настроената С. Македонија, туку за Владимир Путин, кој гордо нагласува дека бил член на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, првата и најголемата комунистичка држава на светот, за која Путин промовира голема носталгија, а тој бил и агент на нејзината репресивна тајна служба КГБ.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како делумно невистинита.