Фото: Принтскрин видео
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објава на Фејсбук споделува клип, најавувајќи дека во него ќе видиме како Украина на чело со Зеленски ги крши верските слободи и тепа свештеници. Арно ама, никакви свештеници во клипот не се тепани, туку тоа е тепачка меѓу две верски заедници за контрола над еден храм. Едната од нив можеби ќе биде забранета, заради основани сомненија дека го поддржува рускиот агресор
Во објава во социјалната мрежа Фејсбук е вметнат клип опишан со следниве зборови:
Во Украина опозициските партии се забранети, опозициските медиуми се оневозможени, луѓето се насилно регрутирани во војска, а нема ниту верска слобода.
Украина на Зеленски. Заземање на Православната црква,Свештениците ги тепат во Черкаси
По социјалните мрежи има и слични објави (пример тука), па оваа рецензија може да важи и за нив.
Клипот не прикажува како Украина на чело со Володимир Зеленски ги крши верските слободи и тепа свештеници, туку тепачка меѓу две верски заедници за контрола над еден храм. Едната од нив можеби ќе биде забранета, заради основани сомненија дека го поддржува рускиот агресор, па украинските власти ѝ дадоа определен рок за таа целосно да раскрсти со Москва.
Тоа е Украинската православна црква (УПЦ), која долго беше автономна под Московската патријаршија, заради што беше позната како УПЦ-МП и беше под силно руско влијание. Него сè уште го има кај некои свештеници на УПЦ, иако таа се дистанцираше од Москва и ја осуди.
Еден од нив е митрополитот Феодосиј (световно име: Денис Снигирјов), обвинуван за оправдување на руската агресија и ширење на верска нетрпеливост, но украинските власти нему му изрекле само домашен притвор и тоа само ноќен, а дење тој и натаму си држел подбуцнувачки проповеди. Токму тој го предизвикал инцидентот во клипот, а приказната за тоа е следна.
Повеќе храмови во Украина прејдоа од УПЦ кон Православната црква на Украина (ПЦУ), која е за целосна црковна самостојност од Москва, па на 12.6.2024 г. било одржано парохиско собрание, на кое било изгласано тоа да го стори и Михајловскиот соборен храм во г. Черкаси, кајшто е снимен клипот. Феодосиј и неговите поддржувачи не го признале ова собрание и ги игнорирале барањата на власта храмот да ѝ се предаде на ПЦУ.
Феодосиј дознал дека ноќта меѓу 16 и 17 октомври 2024 г., поддржувачите на ПЦУ ќе го преземат храмот, користејќи го тоа што тој ќе биде празен заради полицискиот час, кој е на сила заради војната. Затоа, Феодосиј свикал литургија за таа вечер и се забарикадирал во храмот со своите поддржувачи. Оние на ПЦУ дошле околу 3 часот и ги пробиле барикадите, по што влегле во храмот. Заради полицискиот час, Феодосиј не можел да повика засилување, но тоа стигнало наутро и ги набркало поддржувачите на ПЦУ.
Тука следбениците на Феодосиј повторно се забарикадирале, но сега се мобилизирала и противничката страна, која околу 11 часот конечно го скршила нивниот отпор. Еден час подоцна, таму била одржана првата молитва на украински јазик во историјата на тој храм.
Треба да се нагласи дека до 1686 г. Украина имала црковен живот независен од Москва. Таа независност била загубена откако во 1654 г. државата на украинските козаци, Хетманатот, склучила штетен сојузнички договор со Москва, кого таа го злоупотребила за да ја пороби Украина. И, треба да се знае дека кога Киев бил покрстен во 988 г., Москва не постоела, но таа агресивно сака да ѝ го наметне својот црковен авторитет на Украина.
Објавата тоа го премолчува, лажно претставувајќи ги проруските свештеници во Украина како жртви. Ко што гледаме во клипот, ни нивните следбеници не се недолжни жртви, туку и тоа како се тепаат, а од тоа има и други клипови. Обете страни имаат своја верзија за настанот и се обвинуваат меѓу себе за примена на бибер-спреј, солзавец и други оружја.
Во клипот се гледа како еден поддржувач на ПЦУ се заканува со пиштол (не е јасно дали е вистински), извикувајќи: „Назад, назад!“, а некои ширеа дезинформации дека тој пукал во забарикадираните. Полицијата тоа го истражува и изјави дека тоа не е нејзин човек. Вжештени глави имало и од обете страни, но загинати нема, а повредени има, но не тешки случаи.
Ова не e репресија од страна на власта и тука имало некаква процедура и гласање. Власта можела да примени сила, што законски ќе го оправдала со воведената воена состојба, а таа подразбира ограничување на некои права. Тоа не ѝ противречи на демократијата, затоа што тоа е абнормална состојба, која бара посебни мерки, особено против оние сметани за „петта колона“.
Но, треба да се знае и дека верските кавги не секогаш се на национална основа. Некој може да е верник на УПЦ не затоа што ја сака Русија, туку затоа што УПЦ ја смета за единствена исправна црква согласно православните догми и канони, што е посложена тема (за теолозите и сл.).
Инаку, Черкаси е во Централна Украина и таму нема силни проруски чувства (тоа не е Донецк или Луганск) и прашање е дали таквите чувства некаде опстанале низ земјата заради агресијата.
Иронично, објавата не бара агресијата да сопре, туку Украина да не се мобилизира за одбрана. Но, тоа е нужно зло за секоја нападната држава, при што, за жал, се применува и принуда. Во земја во воен хаос како Украина, на тој план се прават и некои грешки, но апсурдно е да се бара сè во неа „да биде фино како во Финска“ (жаргонски речено).
Згора на тоа, руската пропаганда пласира и инсценирани клипови од „мобилизацијата во Украина“ или лажно опишани, а околу тоа ние веќе пишувавме (тука, тука, тука и тука).
И, Украина не ги забрани опозициските партии (на пр. Европска солидарност, Баткившчина и Голос нормално си делуваат), туку само оние, кои важат за „петта колона“, како ОПЗЖ на Виктор Медведчук, кој е сега во Русија кај Владимир Путин, кумот на неговата ќерка.
Објавата шири невистини и тенденциозно премолчува факти, но клипот сам по себе не е лажен и не е некаква монтажа, па оценуваме дека објавата е делумно невистинита.