Илустрација: Вистиномер
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објава на Фејсбук лажно го опишува разурнувањето на Бахмут како заслужена казна за однесувањето на Украинците, кои „Западот ги користи за војна против Русија“, но тие не ја нападнаа неа, туку таа нив. Според авторот на објавата, Путин и Трамп ќе решаваат за Украина и ќе си ја поделат, но Трамп најави нејзино вклучување во преговорите, а не и признавање на руската анексија. Авторот прави паралела меѓу Македонија во 1913 г. и денешна Украина, но таа е призната држава, а во 1913 г. македонска држава немало, што е многу поразлична ситуација. Тука има и двоен стандард – авторот е револтиран од поделбата на Македонија во 1913 г., но ликува над замислената поделба на Украина
Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, која е илустрирана со клип и која вели:
На видеото е прикажано што се случува кога една држава станува колонија на западот.
Исто така, објавата вели:
Украина ја изгуби војната која што не смееше ни да почне, ќе биде поделена, а тоа немаше да се случи доколку народот беше политички писмен, знаеше дека западот е зло и ги искористува Украина и украинскиот народ за војна против Русија.
Клипот прави споредба како украинскиот град Бахмут изгледал во 2021 г. и како изгледа сега , па гледаме дека тој бил пристојно место за живеење, а сега е разурнат. Објавата е проруска, па вели дека разурнувањето е заслужена казна за однесувањето на Украинците и нивните западни партнери, но тоа не држи. Никаква „војна на Западот против Русија“ во случајов немаше. Војната не започна, да речеме, така што НАТО и Украинците ја нападнале Москва, по што таа возвратила.
Проблемот започна во февруари-март 2014 г. кога Русија изврши агресија врз Крим, а потоа испрати агенти во Донбас како Игор Гиркин-Стрелков, кои на 7.4.2014 г. таму ја воспоставија т.н. Донечка Народна Република, а на 12.4.2014 г. го нападнаа градот Славјанск, со што ја започнаа Донбаската војна. Има сериозни индиции дека во неа повремено и потајно се вклучувале регуларните сили на Русија, кои на 24.2.2022 г. отворено тргнаа во сеопфатна инвазија врз Украина.
Русија зазеде дел од Украина (сега држи околу 20 отсто од неа), но иако Русија победи во некои битки, таа не победи во војната, која сè уште не е завршена. За да се заклучи дека „Украина ја загубила војната“ – како што вели објавата, нејзиниот автор мора да докаже дека Русија ги постигнала зацртаните цели, но таа не ги постигна. Тие беа:
- Денацификација, т.е.заземање на Киев и соборување и лустрација на тамошната власт, која Русите лажно ја претставуваат како „неонацистичка“;
- Демилитаризација, т.е. уништување на воениот потенцијал на Украина.
Но, во реалноста, Русија беше поразена во битката за Киев во февруари-април 2022 г., а Украина стана драстично помилитаризирана со најсовремено западно оружје.
Украинските сили ослободија голема територија, од која се издвојува Херсон, единствениот областен центар, кого Русија успеа да го заземе во сеопфатната инвазија, па дури упаднаа во руската Курска област, дел од која држеа со месеци, а дури и Москва е веќе одамна мета на украински дронови.
Заради непостигнувањето на зацртаните цели, Владимир Путин прејде во нивно ретроактивно редефинирање, па како во басната за лисицата и киселото грозје почна да тврди дека заземањето на Киев не му била целта, туку заземањето на Донбас, но дури ни таму Путин не победи.
Добар дел од Донбас до ден денес не е под руска контрола (градови како Славјанск, Краматорск и др.), иако Русија го анектираше тој регион во целост, но само формално, на хартија. Истово важи и за Херсонската и Запорошката област, кои Русија ги смета за свои, но не ги држи во целост.
Русија главно победува во мали и непознати места како Курахово, Авдеевка или споменатиот Бахмут, а и прашање е дали е победа ако Русија разурне такви гратчиња, кои ги смета за свои и дали е победа тоа што притоа ги убива тамошните жители, кои исто така ги смета за свои.
Руското заземање на таквите места обично трае предолго и со премногу жртви, па тоа е Пирова победа. Руските сили не држат паради на победата по улиците на Киев, а тој нема потпишано капитулација, па тврдењето во објавата дека тој ја загубил војната е неосновано.
Понатаму објавата вели:
Преговорите Трамп-Путин за Украина се точно она што и се случи на Македонија 1913, кога Македонија наместо субјект, стана објект на преговорите и беше поделена.
Објавата тука ја шири веќе видената руска пропаганда дека „Украина нема што да се прашува“ и дека за неа ќе решаваат „сериозни политичари“ како Путин и Доналд Трамп, кои, наводно, меѓусебно ќе си ја поделат, но, според сите сознанија, тоа тврдење е неосновано.
Иако преговорите започнаа само меѓу Путин и Трамп, второнаведениот изјави дека Украина потоа ќе биде вклучена во процесот. И, иако Трамп смета дека таа би требало да направи територијални отстапки, тој вели дека таа самата ќе реши за тоа и тој не бара де јуре признавање на руската анексија. Планот е териториите заземени од страна на Русија да бидат само де факто под нејзина контрола, што остава можност Украина да си ги врати во некоја поповолна иднина.
Судејќи по други објави на авторот, тој ја смета поделбата на Македонија во 1913 г. за неправедна, но не му пречи Украина да биде поделена, со што си ги покажува своите двојни стандарди. Авторот прави паралела меѓу Македонија во 1913 г. и денешна Украина, но не во смисла дека сочувствува со Украина, туку во смисла дека и за неа ќе решаваат туѓинци, но таа паралела е несоодветна.
Колку и поделбата на Македонија да е болна тема за многумина кај нас, македонска држава во 1913 г. не постоела и таа не била субјект на меѓународното право. Македонија тогаш била сметана само за спорен регион. Украина, пак, сега постои како меѓународно призната држава и таа има доста поддржувачи низ развиениот западен свет, своја војска, дипломатија итн., па распарчување како она на Македонија во 1913 г. е малку веројатно.
Такво нешто ѝ се случувало на Украина во подалечното минато, кога таа била делена меѓу Русија, Полска или други соседни држави (читајте за договорот од Андрусово од 1667 г. и договорот од Рига од 1921 г.), но ситуацијата сега е друга. Илузорно е дека Украина и нејзините поддржувачи ќе бидат пасивни набљудувачи и дека нема да реагираат на решенија донесени без нејзина согласност.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како манипулативна и невистинита.




