Од годишната прес-конференција на Путин, 19.12.2024 Фото: en.kremlin.ru
Путин е озлогласен по авторитарното владеење, но секоја година тој одржува крупна конференција за јавност, со која создава лажен имиџ дека е демократичен и отворен за прашања и критики од новинарите и граѓаните. На тоа тој секогаш има мудар одговор, а настанот, чии учесници се внимателно селектирани и обучени, го користи и за пропаганда против Украина и Западот, што како штетно влијание стигнува и кај нас
Пишува: Вангел Башевски
Критичарите на Владимир Путин се убивани или умираат в затвор (Ана Политковскаја, Борис Њемцов, Алексеј Наваљниј и др.), а некои се апсени само за искажан збор или не смеат да учествуваат на изборите, на кои Путин секогаш победува, заради што во Русија нема слободно изразување и слободни избори. Сепак, тој секоја година одржува крупна конференција за јавност, со која создава лажен имиџ дека е отворен за прашања и критики. Најпрвин тоа беа два настани: големата прес-конференција и „директната линија“ за граѓаните, што потоа беше споено во еден – „Резултати на годината“.
Настанот се одржува во сала, од која се врши ТВ пренос, а прашањата се задаваат непосредно, преку интернет, телефон и телемост, но граѓаните кои ќе учествуваат во тоа внимателно се селектираат и обучуваат, а прашањата мора да им бидат одобрени. Таму може да мине и некое критичко прашање, но не пресмело, а такви задаваат западните новинари, со што Путин глуми демократија.
Многу од проблемите изнесени таму не се политички, туку од типот дека во некое село немало асфалтен пат и сл., а тие повеќе се изнесуваат како молби отколку како критики. Нешто од тоа ќе се реши, но коренити реформи нема и никој не се прашува зошто претседателот треба да се бави со селски патишта, ни зошто една суперсила како Русија не можела да ги изгради, а посериозните проблеми како агресијата врз Украина никако не се решаваат. Накусо, тоа е само евтин популизам.
При одговарањето на прашањата, Путин користи манипулативни техники, врши замена на тези или нафрла статистички податоци, кои за обичните граѓани се нејасни, а може и да ја префрли вината за нивните поплаки врз пониските чиновници или да вети дека проблемот „ќе биде разгледан“. Простор за бескрајни полемики нема, а неговиот збор е секако последен.
Последното издание на „Резултати на годината“ се одржа на 19.12.2024 г., а на својата страница на Фејсбук, руската амбасада во С. Македонија има постирано дури дваесет објави за тоа: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19 и 20, што покажува еден загрижувачки култ на личноста на Путин во Русија и негово агресивно промовирање кај нас од страна на нејзината амбасада. На настанот се издвоија следниве поенти.
За Путин поразот во Сирија не е пораз
Според Путин, неговиот пораз во Сирија всушност не е пораз, но Путин ретроактивно ги редефинира своите цели во таа земја за тоа да заличи на „победа“, што е крајно неубедливо. Путин вложи девет години и големи напори и средства за да го одржи на власт сирискиот лидер Башар Ал-Асад, сигурно не за тој да падне од власт како што на крај се случи, па ова е дефинитивно пораз.
Путин сега спинува дека целта во Сирија му била да спречи победа на терористите, но тој ги сметаше за терористи не само Исламската држава, туку и поумерените противници на Асад, кои на крај го соборија, а против кои Путин преземаше воздушни напади, но не успеа да ги спречи.
Исто така, целта на Русија беше таа таму да има т.н. топло пристаниште, што со падот на Асад ќе го загуби, па Путин изјави дека преговара за тоа со новите власти. Тоа покажува дека тој кренал раце од Асад, а тоа е лош сигнал до останатите сојузници на Русија – тешко на оној кого таа го брани.
Путин наводно ги постигнал целите во Украина
Исто како и за Сирија, Путин така говори и за својата агресија врз Украина, па тој има тврдено и дека неговиот пораз во битката за Киев не бил пораз, затоа што и онака „не сакал да го заземе“, што личи на басната за лисицата и „киселото“ грозје, кое станува такво дури откако лисицата сфаќа дека е превисоко и дека не може да го достигне. Запрашан за тоа дали ги постигнал своите цели во Украина, Путин одговори потврдно, но тоа е неточно.
Неговата првична цел беше да ја демилитаризира Украина, но на крај таа му влезе во Курската Област на Русија, уште помилитаризирана од порано и тоа со најмодерно западно оружје, што е прв странски воен упад во Русија по 1941 г. Па, зарем тоа е успех за Путин? Тоа беше во август 2024 г., а Путин до ден денес ги нема вратено сите загубени територии.
Целта му беше и „денацификација“ на Украина, па ако според Путин нејзиното раководство е нацистичко, целта тој не ја постигна, затоа што тоа не е соборено. Но, Украинците и не се нацисти и тие го забранија нацизмот со закон од 9.4.2015 г., а нивниот претседател има еврејско потекло.
Веќе одамна се виде дека целите на сеопфатната агресија врз Украина ретроактивно се редефинираат, зависно од поразот кој Путин треба да го оправда.
На конференцијата тој го пофали „напредокот“ на руската војска, но таа едвај зазема гратчиња и села низ Донбас како: Авдиивка, Маринка, Богдановка, Новомихајловка и Первомаjское, кои светот не знае каде се на мапа. Путин претстави и знаме испратено до него од 155-тата одделна гардиска маринска бригада, што му беше крајно лош маркетинг, затоа што таа е озлогласена по злосторства врз цивили и обезглавување на заробеници.
Кулминација на сè беше фројдовскиот лапсус на Путин кога рече дека руските сили секојдневно заземаат територии, за среде реченица тоа да го смени во „враќаат територии“.
Орешник – новата играчка на Путин
На конференцијата Путин „мавташе“ со ракетата Орешник како дете со нова играчка, фалејќи се дека таа е несоборлива за противвоздушната одбрана (ПВО), па ги предизвика Американците на дуел, предлагајќи тие да одберат место во Киев, на кое би поставиле ПВО, а кое Русија би го гаѓала со Орешник за да се види дали ќе го соборат. Ова беше крајно несериозно од страна на Путин, како небаре војната да е детски двобој со пластични мечеви.
На 21.11.2024 г. Русија ја гаѓаше Украина со Орешник како сигнал до САД дека тие згрешиле што на 17.11.2024 г. им дозволиле на Украинците да ја гаѓаат Русија со американско оружје и дека нешто како Орешник утре може да полета кон САД, но Путин никогаш не ги гаѓа нив, затоа што нема смелост за тоа, па затоа и предлага дуел во Киев.
Но, и покрај заканите на Путин, Украина и натаму ја гаѓа Русија со американско оружје. Русија официјално ги смета за свои и анектираните украински територии, но нив Украинците веќе две години ги гаѓаат со американско оружје, а Русија на тоа не реагираше. Таа реагираше дури откако со тоа оружје беше гаѓана нејзината меѓународно призната територија, што значи дека онаа анектираната и не ја чувствува како навистина руска.
Зеленски не е нелегитимен претседател
Путин ја повтори и излитената теза дека на Володимир Зеленски „му завршил мандатот“ и дека тој веќе не е легитимен претседател на Украина. Тука е залуден аргументот дека согласно чл. 11 став 3 од Законот за воена состојба на Украина, мандатот на претседателот се продолжува и дека според чл. 19 став 1, претседателски избори притоа не смеат да се одржуваат. На Путин тоа не му е доволно добро и тој укажува дека тоа правило го нема и во Уставот на Украина, но тоа си е регулирано со закон, а чл. 108 од Уставот јасно вели дека претседателот ги исполнува своите обврски додека не биде избран нов. Колизија меѓу Уставот и Законот нема, а тие си се дополнуваат.
Економијата цути?
На прашањето зошто во Русија драстично поскапела храната, Путин објаснува дека светската норма за конзумирање месо е 42 кг годишно, а во Русија речиси двојно, 80 кг годишно, што Русите во последно време дури го удвоиле, затоа што сега имале повеќе пари и почнале повеќе да јадат, па производителите не можеле да одговорат на зголемената побарувачка и така доаѓало до поскапување и дефицит.
Путерот толку поскапе, што многу продавници го изложуваат во фрижидери под клуч небаре е луксузен артикл, а Путин објаснува дека Русите почнале многу да пијат млеко, па не останувало за путер. Слични објаснувања тој даваше и кога неодамна имаше поскапување и дефицит на јајца. Според логиката на Путин, Русите сега се толку богати, што не можат да си купат ништо.
Путин ја признава алармантната инфлација, но тоа бргу го затрупува, редејќи успеси од типот дека платите растат, дека Русија во некои економски параметри ја надминала Германиja, Јапонија или Британија, дека бруто националниот продукт бил волкав, а сега е толкав, но прашање е колку тоа има врска со реалниот живот на обичниот Русин.
Навистина, санкциите не ја крахираа целосно руската економија како што некои си замислуваа, но да се тврди дека немаат никаков ефект е неточно, а загубите и штетите се сепак големи, за што веќе пишувавме.
Накусо, Путин на конференцијата беше и политичар и генерал и ракетен инженер и уставен судија и економист и нутриционист и антифашист, на моменти дури и теолог (кога го оцрнуваше Зеленски дека бил безбожник и дека не одел во синагога), а сево ова беше потполно апсурдно и небулозно.