Манипулација: Изјава на Зеленски во која зборува за хипотетичка ситуација, извадена од контекст

Published on:

Во постот што го рецензираме надвор од контекст е извлечена само една реченица од која погрешно се интерпретира она што украинскиот претседател Володимир Зеленски го кажа на прес-конференцијата на годишнината од воената инвазија на Русија врз Украина. Од целиот одговор на Зеленски на прашањето на новинарот на Еј Би Си Њуз, што би им порачал на Американците коишто сметаат дека Америка дава премногу голема помош за Украина, јасно се гледа дека тој говори за една хипотетичка ситуација во која Украина ја губи војната, а Русија потоа воено ги напаѓа балтичките држави членки на НАТО, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди оти претседателот на Украина, Володимир Зеленски рекол дека САД ќе мора да ги испратат своите синови и ќерки да се борат и да загинат за Украина.

Зеленски: САД ќе мора да ги испратат своите синови и ќерки да се борат и да загинат за Украина, се вели во објавата на Фејсбук, а во рамките на којашто е прикажан и  видеоматеријал од 19 секунди.

Видеото во постот што го рецензираме е исечено од двочасовен пренос во живо на прес-конференција од одбележувањето на годишнината од воената инвазија на Русија врз Украина. Во видеото Зеленски објаснува дека ако Русија нападне земји членки на НАТО, кои се американски сојузници, тогаш САД веројатно би испратила војници да ги заштити тие земји. Тој не сугерира дека Американците би морале да се борат во Украина.

Целиот контекст на видеото од конференцијата открива дека украинскиот претседател зборува за хипотетичка ситуација во која Русија напаѓа земји членки на НАТО, а не дека  ги повикува Американците да се борат во Украина. Кога ќе се погледне ова видео се забележува дека Зеленски одговара на прашање (околу 1 час и 37 минути од видеото) за тоа која е неговата порака за Американците кои веруваат дека САД дава премногу поддршка за Украина. Зеленски најпрво им се заблагодарува на Американците за нивната континуирана помош, а потоа говори за тоа што би можело да се случи ако Украина ја загуби војната:

САД никогаш нема да се откаже од земјите членки на НАТО. Ако се случи Украина да загуби поради различни мислења и ослабнување, поради ослабена поддршка и помош, тогаш Русија ќе влезе во балтичките земји, во земји членки  НАТО, и тогаш САД ќе мора да ги испратат своите синови и ќерки, на истиот начин како што ние ги праќаме нашите синови и ќерки во војна. И тие ќе мора да се борат. Зашто зборуваме за НАТО. И тогаш, тие би умирале, не дај Боже, тоа е нешто ужасно.  (околу 1 час и 40 минути од видеото)

Од целиот одговор на Зеленски на прашањето на новинарот на Еј Би Си Њуз, што би им порачал на Американците коишто сметаат дека Америка дава премногу голема помош за Украина, јасно се гледа дека тој изнесува предвидување на хипотетичка ситуација во која Украина ја губи војната, а Русија потоа воено ги напаѓа балтичките држави членки на НАТО. Во такво сценарио, би се активирал членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад на една членка на НАТО се смета за напад на сите членки, а тогаш сите земји испраќаат, доколку е потребно и воена помош за нападнатите членки.

Заклучуваме дека во постот што го рецензираме надвор од контекст е извлечена само една реченица од која погрешно се интерпретира она што украинскиот претседател го кажа на прес-конференцијата на годишнината од воената инвазија на Русија врз Украина. Фактички, исечен е фрагмент од изјавата (одговорот на новинарско прашање) на Зеленски кој говореше за една хипотетичка ситуација, при што намерно се манипулира и се создава погрешна слика во јавноста. Па оттука, оценуваме дека овој пост е со пропуштен контекст.

 

hubmk