Според видеото и транскриптот од нејзиниот говор објавени од страна на италијанската влада, Мелони зборува за тоа дека Украина ќе беше принудена да се предаде, доколку Западот не ѝ ја дадеше поддршката по руската воена инвазија во февруари 2022 година
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ако Русија не ги прифати условите (на самитот за мир), ќе ја принудиме да се предаде.” – Џорџија Мелони.Доволна е оваа изјава (покрај сите други) за да се види дека претседателката на нашата земја се наоѓа гордо среде предизвикувачи на ескалација на војна, а не на мировници. И нејзината невешта еквилибристика со зборовите само покажува колку е поклопена од западниот империјален наратив.Никогаш не разбрав во што се разликуваа Стево и Гога. Иста песна пеат, како што им свират.
Вториот дел од објавата е личен став, но во првиот дел од објавата се цитира наводна изјава на Џорџа Мелони, која не е дадена од нејзина страна. Тоа го имаат констатирано проверувачи на факти на бројни светски агенции меѓу кои и Ројтерс.
Премиерката на Италија нема изјавено дека „Русија ќе биде принудена да се предаде ако не се согласи на условите на Самитот за мир”, кој се одржа на средината на јуни. Џорџа Мелони, зборувајќи на англиски јазик за време на Самитот на 15 и 16 јуни зборуваше за „можноста Украина да се предаде доколку другите држави не ја поддржеа после руската целосна воена инвазија”.
Да се заштити Украина, значи да се здружат сите напори на меѓународната заедница за заштита на Украина. И ако Русија не се согласи на ова, ќе ги принудиме да се предадат. И треба да ги овозможиме минимум условите за оваа дискусија, се вели во украинскиот превод.
Слични објави на социјалната мрежа Икс, имаа 1,3 милиони споделувања.
Меѓутоа, Мелони не го изјави тоа, според видеото и транскриптот од нејзиниот говор објавени од страна на италијанската влада.
Од него се гледа дека таа зборува за хипотетичка ситуација ако Украина морала да се предаде (доколку останела без меѓунродна поддршка), а не Русија.
Да се одбрани Украина значи да се брани оној систем на правила кој ја држи заедно меѓународната заедница и ја заштитува секоја нација. Ако Украина не можеше да смета на нашата поддршка и ако беше принудена да се предаде, денеска немаше да бидеме тука да ги дискутираме минимум условите за преговори. Туку само ќе ја дискутиравме инвазијата на суверена држава и сите може да замислиме, со какви последици, рече Мелони.
Портпаролот на владата на Швајцарија која беше домаќин на самитот, изјавил за Ројтерс дека не го продуцирале видеото со украинскиот превод.
Проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј пишуваат дека Мелони не изјавила оти Русија ќе биде принудена да се предаде. Истото го имаат направено и проверувачите на факти на Лоџикали.
Дезинформацијата е проверена и дебанкирана и од проверувачите на факти на Факта.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти Џорџа Мелони изјавила дека „ако Русија не ги прифати условите на самитот за мир ќе биде принудена да се предаде”. Таа во својот говор зборува за тоа дека Украина ќе беше принудена да се предаде, доколку Западот не ѝ ја дадеше поддршката по руската воена инвазија во февруари 2022 година. Транскриптот од говорот на Мелони може да се погледне овде.