Букурешт Image by Arvid Olson from Pixabay
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Кон крајот на ноември 2024 година, во Романија се одржа првиот круг од претседателските избори на кои победи прорускиот кандидат Калин Георгеску. Изборите беа сè, само не демократски. Се појавија докази дека имало надворешни руски мешања, масовна сајбер кампања на Тик Ток оркестрирана од Москва. На 6 декември 2024 година, Уставниот суд на Романија реши да ги поништи претседателските избори и наложи нови избори со цел „да се обезбеди исправност и регуларност на изборниот процес“
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Откажувањето на демократските избори во Романија е најголемиот скандал во историјата на ЕУ.Тие се преплашени од демократијата.
Кон крајот на ноември 2024 година, во Романија се одржа првиот круг од претседателските избори на кои победи прорускиот кандидат Калин Георгеску. Изборите беа сè, само не демократски.
Западната демократија се води од постулатите на почитување на човековите права и слободи, а политички – се темели на демократски и фер избори без странско влијание кои ги отсликуваат желбите и аспирациите на граѓаните на државата. Токму политичкиот постулат беше нарушен на претседателските избори во Романија поради утврдено руско мешање.
Имено, на 6 декември 2024 година, Уставниот суд на Романија реши да ги поништи претседателските избори, чиј втор круг требаше да се одржи на 8 декември 2024 година. Уставниот суд на земјата го поништи целиот изборен процес и наложи нови избори со цел „да се обезбеди исправност и регуларност на изборниот процес“, објави судот во својата одлука. Бидејќи изборното изненадување во кое екстремниот националист и езотеричар Калин Горгеску освои најмногу гласови воопшто не беше „изненадување“, туку целен напад врз мислењето на гласачите, особено преку платформата ТикТок, пишува Дојче веле.
Георгеску е наклонет кон Русија, а Гардијан пишува дека пријавил „нула трошења за изборната кампања“. Во такви услови со нула трошења, се појавија докази дека имало надворешни руски мешања, масовна сајбер кампања на Тик Ток оркестрирана од Москва во негова корист, а која помина под радарот на романските власти.
Романската разузнавачка служба ги претстави наодите пред претседателот и владата на Романија, каде што било очигледно дека земјата е цел на невиден сајбер-напад во пресрет на претседателските избори. Во повеќе од 85.000 интервенции во мрежата имало и саботажи, откривање тајни и пред сѐ истакнување на популарноста на Горгеску. Додека пред кампањата имаше само неколку стотици следбеници на неговата социјална мрежа, тие алгоритми и илјадниците претходно неактивни адреси создадоа впечаток дека милиони Романци ги гледаат неговите прилози и илјадници од нив испраќаат изрази на поддршка и согласност.
Уставниот суд на Романија едногласно одлучи врз основа на членот 146 (ф) од Уставот, а одлуката е поврзана со легалноста и точноста на претседателскиот изборен процес и со неа се бара „целиот изборен процес да се повтори“. Судот наведе дека интегритетот на гласањето бил доведен под прашање, бидејќи еден од кандидатите имал бенефит од нефер промоција.
Судот во Стразбур, пак, на 21 јануари 2025 година ја одби жалбата на Георгеску против одлуката на уставниот суд на Романија. Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур објави дека го отфрлил барањето на Георгеску за итна одлука затоа што е „надвор од опсегот“ на способноста на судот да донесе таква мерка за да ја поништи одлуката за поништување на изборниот процес.
Романската влада одлучи новите претседателски избори да се одржат на 4 мај, а вториот круг на 18 мај, доколку ниту еден кандидат во првиот круг не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.