Генсекот на НАТО Марк Руте и украинскиот претседател Зеленски President Of Ukraine from Україна, CC0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
По распаѓањето на СССР немало напад од НАТО врз Русија. НАТО е одбранбена алијанса која, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, нема за цел убиство на милијарди луѓе, туку одбрана. НАТО и во овој момент не војува против Русија, туку ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана што е во согласност со меѓународното право
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Отворете си ги очите народе што чисто се сомневам дека ќе го направите тоа. Да можеше сатанско НАТО да ја победи Русија ќе го направеше тоа уште кога се распадна СССР кога буквално немаа што да јадат Русите но ни тогаш ни сега не можат. Тие сатанисти од НАТО многу убаво го знаат тоа но сепак ќе направат нуклеарна војна. Зошто? Зашто нивна цел е убиство на милијарди луѓе. Тие сатанисти имаат спремено подземни живеалишта. Целта е таа, нивната цел е да останат половина милијарда робови кои ќе им служат на тие сатански слуги.
Во склоп на објавата е испишан и следниот текст:
Дрон кој тежи 6 тона со брзина од 750 километри на час на висина од 1.300 метри… Помина три НАТО држави и не го виделе, па ќе ги видат ракетите циркон, кинжал, искандер или сатана кои летаат со 12.00п километри на час. Мирно спијте НАТО ќе ве брани.
Советскиот Сојуз се распадна на 31 декември 1991 година, по низа настани кои доведоа до колапсот на тој воено-политичко-економски сојуз.
Од распадот на Советскиот Сојуз произлегоа 15 независни држави: Русија, меѓународно призната како држава наследничка на СССР; балтичките држави – Естонија, Латвија и Литванија; Земји од Централна Азија: Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан; Земји од источна и централна Европа: Белорусија, Молдавија и Украина; и земји од Јужен Кавказ: Ерменија, Азербејџан и Грузија.
Албанија, Бугарија, Чехословачка, Источна Германија, Унгарија, Полска и Романија, кои заедно со СССР беа членки на Варшавскиот пакт, се оградија од комунистичката идеологија. Многу од овие земји тропнаа на вратата на НАТО и одговорија на „раката на пријателството“ што НАТО им ја подаде, претворајќи ги старите противници во нови партнери.
По распаѓањето на СССР немало напад од НАТО врз Русија исто како што нема ни денеска, во 2025 година. НАТО е одбранбена алијанса која наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме нема за цел убиство на милијарди луѓе, туку одбрана. НАТО и во овој момент не војува против Русија, туку ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана што е во согласност со меѓународното право.
НАТО е одбранбен сојуз. Сојузниците работат заедно за да ја спречат агресијата и да осигураат дека НАТО е подготвен да ги брани сите сојузници во случај на напад. НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија или која било друга нација. НАТО не ја нападна Грузија во 2008 година. НАТО не ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година. НАТО направи значителни напори во текот на многу години да воспостави стратешко партнерство со Русија.
Го формиравме Советот НАТО-Русија во 2002 година и работевме заедно на прашања кои се движат од борба против наркотици и антитероризам до спасување подморници и планирање за цивилни итни случаи, вклучително и за време на периоди на проширување на НАТО. Русија беше таа која постепено ја прекина мирната соработка, со нејзиниот модел на сè поагресивно однесување, од Грозни до Грузија и Алепо до Украина. Сојузниците на НАТО се вклучија во постојани дипломатски напори да ја убедат Русија да го промени својот курс. НАТО го одржа последниот состанок на Советот НАТО-Русија во јануари 2022 година за да го повика претседателот Путин да се повлече. Претседателот Путин избра војна, пишува на сајтот на НАТО.
Русија ја започна својата војна против Украина без да биде загрозена од Украина или која било друга земја во Европа. Незаконски го анектираше Крим во 2014 година и продолжи со заземање територии во Доњецк и Луганск. И во 2022 година, со целосната инвазија на Русија врз Украина, започна најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Русија ги ракетираше болниците, училиштата и трговските центри во Украина, ја бомбардираше цивилната енергетска и водена инфраструктура, убивајќи илјадници украински цивили.
Украина има право и одговорност да го заштити својот народ. Самоодбраната е фундаментално право, кое е вградено во Повелбата на ОН . А НАТО има право да ја поддржи Украина додека се обидува да го одржи нејзиното право на самоодбрана и да преовладува како суверена држава во Европа. Самоодбраната и поддршката на самоодбраната е во согласност со меѓународното право. Со поддршка на Украина и работа на зајакнување на способноста на Украина за одбрана, НАТО помага да се одржи меѓународниот поредок заснован на правила и безбедноста на една милијарда луѓе на НАТО, стои на сајтот на НАТО.
Не е точно дека НАТО војува против Русија, дека сака да убие милијарди луѓе, дека постојат „подземни живеалишта“ или дека има за цел на светот да останат само половина милијарда луѓе. Оваа теорија на заговор за депопулација на населението е чиста измислица.
НАТО повеќе пати повика Путин да ја прекине агресијата врз независна и суверена Украина, што не наиде на одзив. НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди и интероперабилни системи (поврзување на луѓе, податоци и разновидни системи) ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема, вклучително противтенковски и системи за противвоздушна одбрана, дронови и тенкови.
Митот дека имало ветување од западните лидери дека нема да дозволат пристапување на нови членки по крајот на Студената војна кружи многу години и активно се користи во кампањи за дезинформации од страна на Кремљ од почетокот на руската војна против Украина. Но, НАТО официјално го демантира тој мит. Тоа што политиката на отворени врати на НАТО од страна на Русија се опишува како „проширување“ е исто така, според НАТО, дел од митот.
НАТО не бараше нови членки, ниту има за цел „да се прошири кон исток“. НАТО го почитува правото на секоја нација да го избере својот пат. Членството во НАТО е одлука прво за оние земји кои сакаат да се приклучат, децидно се наведува во документите на Алијансата кои ја дебанкираат руската пропаганда.
Во нив стои и дека НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија, но дека Алијансата ќе продолжи да одговара на руските закани и акции на обединет и одговорен начин. Начините се зајакнување на одбраната, поддршка на партнерите и акција за спротивставување на руските дезинформациски кампањи.
Наведеното во објавата дека „НАТО ќе почне нуклеарна војна“ е демантирано на сајтот на НАТО каде се вели дека заканувачката нуклеарна реторика на Русија е опасна и неодговорна и дека заканите се сериозно сфатени. Освен тоа, Русија е таа што води кампања со закани за употреба на вакво оружје.
НАТО останува буден и и пренесува јасна порака на Русија дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не треба да се води. Секоја употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија суштински би ја променила природата на војната и тоа би имало тешки последици за Русија. Понатаму, сојузниците на НАТО се длабоко загрижени од пријавената употреба на хемиско оружје од страна на Русија против украинските сили. Секоја употреба на хемиско или биолошко оружје од страна на Русија би претставувало кршење на меѓународното право и воено злосторство и ќе резултира со тешки последици, пишува на сајтот на НАТО.
Во објавата невистинито се тврди дека НАТО се „сатанисти“ – всушност само со цел Алијансата да биде сатанизирана. Ваквите наводи не се новитет туку се дел од добро испланирана пропагандна машинерија која го промовира овој наратив за да ја оцрни Алијансата. Во минатото беа злоупотребувани фотографии за да се излаже јавноста дека светските лидери од земјите-членки на НАТО се сатанисти, а Вистиномер веќе пишуваше за тоа овде.
Моментот кога руски дронови го нарушија воздушниот простор на Латвија и Романија беше забележан и документиран. Но, во објавата се споменува „дрон кој тежи 6 тони кој поминал 3 НАТО држави и не го виделе“, што најверојатно сугерира на настан од 2022 година кога Хрватска се приклучи во воведувањето на строги санкции против Русија. На 10 март 2022 година во 23 часот по средноевропско време, неидентификувано извидувачко беспилотно летало Туполев Ту-141 од советско производство (УАВ) се урна во Загреб, главниот град на Хрватска. Летот на беспилотното летало над Хрватска, Унгарија и Романија (сите три се земји на НАТО ) предизвика критики за одбранбените системи на земјите.
Најголемиот дел од податоците за овој случај се класифицирани. Сепак, овој инцидент е искористен во објавата за да се понижат и омаловажат капацитетите на НАТО да забележува закани, а потоа се наведува арсенал на хиперсонични ракети од руско производство – циркон, кинжал, искандер и сатана.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.