Илустрација: Вистиномер
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Нема никаков веродостоен доказ дека на 20 октомври 2025 година точно 10.000 украински војници се предале на Русија како што се наведува во објавата од овој датум, а која е предмет на нашата рецензија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Денес 10.000 Украински војници се предадоа на Руските сили. Кога НАТО ќе се предадат ќе видиме, јас мислам наскоро.
Наспроти изнесеното во објавата, НАТО не е во војна со Русија и следствено не може да се „предаде“. Во врска со тврдењето дека „денес 10 илјади украински војници се предале на Руските сили“, истото „Вистиномер“ го пронајде на уште едно место на Фејсбук, на следниот линк, каде што не е наведен никаков извор.
Но, во склоп на тврдењето од 19 октомври 2025, споделена е фотографија од наводното „предавање“. Кога ја пребаравме фотографијата со алатката за обратно пребарување, ја пронајдовме објавена во 2023 година во текст на „Гласот на Америка“. Фотографијата е на „Ројтерс“ и опишана е како – размена на украински затвореници за време на руски напад врз Украина на непозната локација (скриншот од видео објавено на 16 април 2023 година).
Нема никаков веродостоен доказ дека на 20 октомври 2025 година точно 10.000 украински војници се предале на Русија како што се наведува во објавата од овој датум, а која е предмет на нашата рецензија.
Постојат извештаи дека еден руски војник се обидел да се предаде на украинските сили на 20 октомври 2025 година, но бил убиен од руски дрон пред да успее во намерата.
Неколку медиуми предупредуваат дека ако Украина се откаже од делови од областа Донбас, тоа би било опасно затоа што би ѝ овозможило на Русија да ги искористи изградените утврдувања – но тоа се стратешки анализи, не извештаи за предавање на војници.
Во 2025 година имаше размена на заробеници помеѓу Русија и Украина (на пример, 1000 руски за 1000 украински војници), но тоа се размени, а не масовно предавање на војници.
Предавање од таков обем (10.000 војници) би било широко објавено во извештаи на западните разузнавачки служби, воени соопштенија на Украина или Русија, и во сите големи медиуми — но такво нешто не постои. Единствениот потврден случај на „предавање“ околу тој датум се однесува на руски, а не на украински војник. Контекстот на војната во тој период покажува исцрпувачки борби, размена на заробеници и тактички движења, но не и масовно предавање на украински сили во толкав број и во еден настан.
Дејствата на НАТО се одбранбени, дизајнирани не да предизвикаат конфликт, туку да спречат конфликт. Алијансата има одговорност да обезбеди оваа војна да не ескалира и да се прошири надвор од Украина, што би било уште поразорно и поопасно. Спроведувањето зона на забранети летови или распоредувањето борбени трупи во Украина би ги довело силите на НАТО во директен конфликт со Русија. Ова значително би ја ескалирало војната и би довело до поголемо човечко страдање и уништување за сите вклучени земји, се наведува на сајтот на НАТО.
НАТО нема распоредено борбени трупи во Украина. Испраќање на борбени трупи на НАТО во Украина би значело директна воена конфронтација меѓу НАТО и Русија, што алијансата настојува да го избегне.
Многу земји членки на НАТО се вклучени во обуки, советодавни мисии, логистичка и стратешка поддршка за Украина. Но, испраќање на борбени трупи на НАТО во Украина не е потврдено јавно и е официјално негирано.
НАТО не е во војна со Русија и не е страна во војната што Русија ја води против Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е загарантирано во Повелбата на ОН . Ние не бараме конфронтација со Русија. Како одговор на агресивните дејствија на Русија, ние продолжуваме да ги зајакнуваме нашите одвраќања и одбрана за да се осигураме дека нема простор за недоразбирање дека НАТО е подготвен да ги заштити и брани сите сојузници, стои на сајтот на НАТО.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.




