Фото: Clker-Free-Vector-ImagesPixabay
НАТО не ја нападна Русија, НАТО не е во војна со Русија, а информациите дека севернокорејски војници пристигнале во Русија за да ѝ пружат поддршка на фронтот во Украина, се информации добиени од украински и јужнокорејски разузнавачки служби. Тие не се измислени, а како доказ на социјалните мрежи се споделуваат и видеа од војниците од Северна Кореја кои пристигнале во руските воени центри
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:
НАТО ја нападна Русија па сега тврди Севернокорејците се борат во Курск, од каде знаат?
Не е точно дека НАТО ја нападнало Русија. Не е првпат поддржувачи на Русија да ја шират оваа пропаганда на Кремљ дека Русите војуваат со НАТО.
НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија.
На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.
НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови, пишува на страницата на НАТО.
НАТО не испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата.
Поединечни земји-членки на НАТО испраќаат оружје, муниција и многу видови лесна и тешка воена опрема, вклучително и противтенковски и воздушни одбранбени системи, хаубици, беспилотни летала и тенкови. До денес, сојузниците на НАТО ѝ обезбедија на Украина воена опрема во вредност од милијарди евра. Сојузничките сили ги обучуваат и украинските војници да ја користат оваа опрема. Сето ова прави разлика на бојното поле секој ден, помагајќи ѝ на Украина да го одржи правото на самоодбрана, кое е вградено во Повелбата на Обединетите нации, се наведува на веб-страницата на НАТО во делот каде е објаснето што прават НАТО и сојузниците за да ѝ помогнат на Украина.
Што се однесува до наводите во објавата, дека НАТО не знае и не може да тврди дека Севернокорејци се борат во Курск, факт е дека НАТО ваквите изјави не ги дава произволно туку ги базира на информации добиени од разузнавачки извори, како од Украина, така и од Јужна Кореја, а на социјалните мрежи се споделуваат и видеа од севернокорејските војници.
Такво едно видео објави Киев пост на социјалната мрежа Икс.
Стигнаа сојузниците од Северна Кореја. Се надеваме дека ова ќе стави крај на војната, вели лицето што го снима видеото на јакутски јазик.
Видео од севернокорејски војници кои пристигнале во Русија објави и Центарот за стратешка комуникација и информациска безбедност на Украина (СПРАВДИ) на Икс.
Според последните извештаи на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, повеќе од 3 000 севернокорејски војници се испратени во Русија, а повеќе од 12 000 се очекуваат да бидат распоредени до декември, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според проценките на американското Министерство за одбрана, бројот на војници од Северна Кореја испратени во Русија е околу 10.000.
Шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, во едно интервју изјави дека 11.000 севернокорејски војници, припадници на пешадијата, во моментов се обучуваат во источна Русија. Тој очекува дека од 1 ноември ќе бидат подготвени за акција против Украина.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека НАТО не ја нападналло Русија, НАТО не е во војна со Русија, а информациите дека севернокорејски војници пристигнале во Русија за да ѝ пружат поддршка на фронтот во Украина, се информации добиени од украински и јужнокорејски разузнавачки служби. Тие не се измислени, а како доказ на социјалните мрежи се споделуваат и видеа од војниците од Северна Кореја кои пристигнале во руските воени центри. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.