Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Не е вистина дека Украина и ЕУ не се фактор во постигнувањето евентуален договор за мир во Украина. Фактот што Украина е државата која што е нападната од Русија во 2022, како и фактот што Украина не е поразена, туку повеќе од три ипол години го практикува своето право на самоодбрана, фактот што Украинците не се повлекуваат од патриотската должност да ги бранат териториите на својата држава – го демантираат наведеното во објавата што ја рецензираме дека „само Русија била фактор“ за постигнувањето мировен договор
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од Доналд Трамп и Владимир Путин и пишува:
За Украина преговараат Трамп и Путин. Значи еден од факторите е Путин а не ЕУ или Украина. Тој е онај истиот Путин кој сверџганите (дпне-сдс) го сатанизираа по наредба на ЕУ која не е ни фактор во преговорите за Украина. Куртон дипломатија – Во корист на своја штета… Фото – Пречекот на Путин, си сите државни почести. Тој е онај истиот Путин кој сверџганите (дпне-сдс) го сатанизираа по наредба на ЕУ која не е ни фактор во преговорите за Украина. Нека трепкат…
Фотографијата е од пречекот пред средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска.
Таа е објавена на 16 август, истиот ден кога се одржа самитот меѓу двајцата претседатели.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пред средбата меѓу Путин и Трамп, беше домаќин на виртуелна подготвителна конференција во Берлин. Поканети беа неколку шефови на држави и влади од Европа и претставници на Европската комисија и на НАТО. Почесни гости беа американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој допатува во Берлин.
Зеленски потенцираше дека инсистира на безбедносни гаранции за неговата земја. Не е точно наведеното во објавата дека ЕУ и самиот Зеленски, кој е легитимен и избран претседател на Украина, „не биле фактор во преговорите за мир“. Селективното издвојување на средбата што Путин и Трамп ја имаа на Алјаска и на таков начин да се факториризира само таа средба, а не и консултациите што претседателот на САД ги имаше со европските лидери и со самиот Зеленски, претставува невистинито претставување на реалноста. Самиот канцелар Мерц пред средбата меѓу Путин и Трамп изјави дека „во Алјаска мора да бидат запазени фундаменталните европски и украински безбедносни интереси“ додавајќи дека „има надеж за придвижување кон мир во Украина“.
Не е вистина дека Украина и ЕУ не се фактор во постигнувањето евентуален договор за мир во Украина. Фактот што Украина е државата која што е нападната, државата врз која Русија во 2022 изврши неиспровоцирана воена инвазија, како и фактот што Украина не е поразена, туку повеќе од три ипол години го практикува своето право на самоодбрана, фактот што Украинците не се повлекуваат од патриотската должност да ги бранат териториите на својата држава – го демантираат наведеното во објавата што ја рецензираме дека „само Русија била фактор“ за постигнувањето мировен договор. Ова е и нелогично, зашто Русија не постигнува договор самата со себе па да биде единствениот потребен фактор, туку треба да постигне договор со Украина, која пак е несомнено поддржувана во своето право на самоодбрана од страна на своите европски пријатели.
Дополнително, на 18 август 2025 година Зеленски во Вашингтон имаше заеднички состанок со лидерите на САД и другите европски земји, ЕУ и НАТО каде се дискутираше за безбедносната архитектура на Украина и Европа. Состанокот се одржа во Белата куќа. На тој состанок дефинитивно Европа се приклучи на разговорите Русија-Украина. Челниците на државите од неколку земји сојузнички на НАТО пристигнуваа во Белата Куќа околу пладне.
Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Финска Александер Стаб и италијанската премиерка Џорџа Мелони, заедно со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, се само дел од оние што се присутни на таа средба.
Не е точно дека Путин бил сатанизиран по наредба на ЕУ. ЕУ во знак на поддршка на меѓународното право и правото на самоодбрана на Украина воведе разни санкции, запленуваше имот и замрзнуваше сметки на руски олигарси, алармираше и упатуваше дипломатски пораки Русија да се повлече од територијата на Украина. Не постоела сатанизација на Путин, но постоело посочување дека под негово водство Русија изврши неиспровоцирана воена инвазија во суверена држава Украина, што предизвика „тектонски пореметувања“ на геополитички план, предизвика девастација на Украина, губење на човечки животи, уништување на украинската инфраструктура итн.
По средбата во Белата куќа меѓу европските лидери и Доналд Трамп, Трамп рече дека се јавил на Путин за да договори билатерални разговори меѓу рускиот лидер и Зеленски.
По ова, ќе има трилатерална средба со Трамп, рече американскиот претседател.
Лидерите на ЕУ во минатото неколку наврати побараа Русија да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
НАТО не е во војна со Русија и не е страна во војната што Русија ја војува во Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана како што е наведено во Повелбата на ОН. Не бараме конфронтација со Русија. Како одговор на руските агресивни акции, продолжуваме да ја зајакнуваме нашата одбрана за да осигураме дека нема простор за недоразбирања, дека НАТО е подготвен да го брани и заштити секој свој сојузник. НАТО е одбранбена алијанса. Нашата основна цел е да ги заштитиме нашите нации, пишува на страницата на НАТО каде се дебанкираат проруските дезинформации.
Војната во Украина донесе бројни човечки жртви и економски последици за целиот свет и нејзиното запирање е најдобра опција, но условите за тоа прекинување на војната допрва треба да се договорат и прецизираат и да бидат прифатливи за украинската страна.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.




