Не е точно дека „фашисти во украинска кожа“ нападнале руски бомбардери

Published on:

Фото: Sammy-Sander auf Pixabay

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Не е точно дека „фашисти во украинска кожа“ извеле напади врз руски стратешки бомбардери, туку тоа го има сторено Украина со своите безбедносни служби под супервизија на претседателот Володимир Зеленски. Причината е затоа што Русија ги користи стратешките бомбардери за да испукува ракети со долг дострел во Украина

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Фашистите во Украинска кожа им уништија околу 35 сратешки бомбардери длбоко во Русија. Јака им душа на ЕУ и САД, вклучително МК.

Не е точно наведеното дека „фашисти во украинска кожа“ уништиле бомбардери длабоко во Русија. Со оглед на тоа што објавата датира од 2 јуни 2025 година, најверојатно се мисли на нападот со украински беспилотни летала (дронови) врз повеќе воздухопловни бази длабоко во Русија кој се случи во неделата (1 јуни 2025 година) и кога беа погодени стратешки бомбардери во Русија од страна на украински дронови. Но, да се кажува дека нападите ги извеле „фашисти во украинска кожа“ е невистина, со оглед на тоа што Русија ја започна неиспровоцираната воена инвазија врз суверена и независна демократска Украина, којашто функционира со избрана влада. Нападот од Русија се случи неиспровоцирано во 2022 година и оттогаш Украина го одржува своето право на самоодбрана. Еден од наративите на Кремљ за наоѓање оправдување за воената инвазија што ја почна Русија во Украина беше и таканаречената „денацификација“. Оваа теза е неиздржана и погрешна, бидејќи во конкретниот случај, нападите ги имаат изведено беспилотни летала (дронови), а Васил Малиук, кој е директор на безбедносната служба на Украина, на фотографии е забележан како ги гледа локациите на кои биле изведени нападите со дронови во руските бази. Со оглед на тоа што и самиот Володимир Зеленски, претседател на Украина на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека операцијата е планирана од страна на Украина, тој не може да биде спроведен од „фашисти во украинска кожа“.

Денеска изведовме брилијантна операција. Подготовките зедоа повеќе од 1 ипол година. Она што е најинтересно е дека „канцеларијата“ на нашата операција на руска територија беше лоцирана директно до седиштето на ФСБ во еден од нивните региони. Во целост 117 дронови беа користени во операцијата со соодветен број на дрон-оператори, 34 проценти од стратешките носачи на крстосувачки ракети стационирани во авиобазите беа погодени. Ќе продолжиме со оваа работа, изјави Зеленски.

Тој подоцна истакна дека Европа заедно со Америка има подобро оружје отколку Русија, како и подобри тактички решенија што се покажало со операцијата „Пајакова мрежа“.

Русија мора да почувствува што значат нејзините загуби. Тоа ќе ја придвижи кон дипломатија. А кога Русија има загуби во оваа војна, јасно им е на сите дека Украина е на фронтот, не само за себе туку и за цела Европа. Запрашајте ја вашата сопствена интелигенција – што планира Русија летово во Белорусија? Ако се храбри доволно да спремат напади оттаму, тогаш ни треба повеќе сила, заедно. А сега тоа значи зајакнување на Украина – за да можеме да ја запреме војната и да превенираме да не се прошири. Затоа производството на оружје е важно, додаде Зеленски.

Ова уште повеќе го засилува контекстот, односно тоа дека нападите врз бомбардерите се со цел на самоодбрана на Украина и принудување на Русија кон дипломатски чин на преговарање. Самата операција е координирана од највисоките безбедносни служби на Украина каде нема „фашисти во украинска кожа“. Станува збор за луѓе коишто не се фашисти, туку си ја бранат државата од неиспровоцирана инвазија којашто одзеде човечки животи и предизвика разурнување на Украина.

Нападите со дронови се случиле во регионите Мурманск, Иркутск, Иваново, Рјазан и Амур. Воздушната одбрана ги одбила нападите во сите освен во два региона – Мурманск и Иркутск, соопшти министерството. Како што објави Би Би Си, нападот бил во подготовка 18 месеци, а се случил на 1 јуни кога повеќе од 100 украински беспилотни летала нападнаа воздушни бази длабоко во Русија, таргетирајќи бомбардери со долг дострел способни за нуклеарно носење. Операцијата е наречена „Пајажина“. Бројката наведена во објавата што ја рецензираме од 35 стратешки бомбардери кои биле наводно уништени во операцијата, не е точна. Според она што го пишува „Би Би Си“ повикувајќи се на Киев, 41 стратешки бомбардер биле погодени и „најмалку“ 13 уништени. Москва нема потврдено загуба на стратешки бомбардери, освен што го има потврдено и тоа што се гледа од снимките – дека некои авиони биле оштетени. Видеоматеријали верификувани од Би Би Си покажуваат оштетени авиони во воената база Оленегорск во Мурманск и во базата Белаја во Иркутск.

Така што, не е точно дека „фашисти во украинска кожа“ извеле напади врз руски стратешки бомбардери туку тоа го има сторено Украина со своите безбедносни служби под супервизија на претседателот Володимир Зеленски. Причината е затоа што Русија ги користи стратешките бомбардери за да испукува ракети со долг дострел во Украина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.