Бeрлин – Бундестаг Фото: Marina Constantinoiu auf Pixabay
Западните земји, посебно Германија, внимаваат да не вмешаат свои војници во рамките на воената помош што ја доделуваат, бидејќи токму тоа може да биде повод да бидат вовлечени во војната, а со тоа и НАТО. Како што е наведено на веб-страницата на Министерството за одбрана на Германија, Германија ја поддржува Украина со снабдување со оружје и опрема од залихите на Бундесверот и со помош на залихи од индустријата финансирана од посебна програма која им овозможува на луѓето на терен да преземат одговорност за сопствената безбедност. Во моментот, како дел од оваа програма, Германија префрли на Украина 20 тенкови Леопард 1А5 и 18 тенкови Леопард 2А6
Анализираме објава на Фејсбук во која се посочува дека Германија испратила војници во Украина, односно дека е вмешана во војната во Украина, и се вели:
Овие ништо не научиле од историјата. Овој пат и западен Берлин нема да остане..
Објавата споделува и кратко видео во кое се посочува дека Бизнис инсајдер наводно објавил дека германски војници се присутни во Киев со месеци. Но, не успеавме да најдеме ништо такво објавено на веб страницата на Бизнис инсајдер.
Пробавме и на Гугл да најдеме текст на Бизнис инсајдер за присуство на германски војници во Киев, но и таму потрагата беше безуспешна.
Европските воени тела на Германија и Полска уште на крајот на февруари годинава потврдија дека нема да испраќаат војници во Украина, откако во јавноста се појавија шпекулации дека некои западни земји можеби размислуваат да го сторат тоа бидејќи војната со Русија влезе во третата година.
Тогашниот шеф на НАТО, исто така, рече дека воената алијанса предводена од САД нема планови да испрати војници во Украина, откако другите лидери од централна Европа потврдија дека и тие нема да обезбедуваат војници.
Извештаите дека некои земји e можно да испратат војници во Украина се појавија откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека испраќањето западни копнени трупи не треба да биде „исклучено“ во иднина, откако за ова прашање се расправало на собирот на европските лидери во Париз.
Зборувајќи за тоа, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека учесниците се согласиле да нема копнени трупи, ниту војници на украинска територија кои таму ќе бидат испратени од европските држави или земјите од НАТО. Шолц рече дека имало и консензус „војниците што оперираат во нашите земји, исто така, да не учествуваат активно во војната“.
Шпекулации и дезинформации дека Германија испраќа војници во Украина имало и претходно, за што Вистиномер веќе пишуваше.
Она што е факт е дека Германија нема свои војници на фронтот во Украина. Ваквите дезинформации произлегуваат од кујната на Кремљ. Општопознат факт е дека западните земји, посебно Германија внимаваат да не вмешаат свои војници во рамките на воената помош што ја доделуваат, бидејќи токму тоа може да биде повод да бидат вовлечени во војната, а со тоа и НАТО.
Како што е наведено на веб-страницата на Министерството за одбрана на Германија, Германија ја поддржува Украина со снабдување оружје и опрема од залихите на Бундесверот и со помош на залихи од индустријата финансирана од посебна програма која им овозможува на луѓето на терен да преземат одговорност за сопствената безбедност. Во моментот како дел од оваа програма Германија префрли на Украина 20 тенкови Леопард 1А5 и 18 тенкови Леопард 2А6.
Информациите дека германски војници има во Украина ги демантираше германското Министерство за одбрана во изјава за Дојче веле уште на 24 септември 2023 година, отфрлајќи ги информациите на руските медиуми дека наводно бил уништен германски тенк Леопард со екипаж од Бундесверот во воената зона во Украина.
Нема германски екипажи на тенковите во Украина, изјавил претставникот на министерството за Дојче Веле.
Дојче Веле во истиот текст потсетува и на својот текст објавен на 18 септември 2023 година, во кој е наведено истражување на три независни руски медиуми околу поврзаноста на ПР компанијата АНО Дијалог со руската влада, токму со цел да се менаџираат информациите на интернет во полза на Кремљ и на Министерството за одбрана. Договорот со владата изнесувал 9 милијарди рубљи, се вели во сторијата, којашто го пренесе истражувањето.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.