Вистиномер не успеа да најде ниту една официјална информација дека Грузија ќе ги обнови дипломатските односи со Русија и ќе отвори амбасада во Москва. Такво нешто нема на официјалните Икс профили на партијата Грузиски сон и на грузиската влада. За веста дека Грузија се подготвува да отвори амбасада во Москва има деманти и од грузиска и од руска страна
Објава на Фејсбук тврди дека Грузија започнала со подготовки за повторно отворање на својата амбасада во Москва.
Грузија започна со подготовки за повторно отворање на својата амбасада во Москва и за обновување на дипломатските односи со Русија. Ова е огромна победа за православното христијанско единство против глобализмот, стои во објавата.
Ваквото тврдење доаѓа неколку дена откако грузискиот парламент, на предлог на владејачката партија Грузиски сон го усвои Законот за странски агенти кој предизвика масовни протести низ земјата. Веста дека Грузија сака да ги обнови дипломатските односи со Русија официјално не е поткрепена од ниту една страна.
Нашата проверка покажа дека веста оти грузиските власти се подготвуваат да отворат амбасада во Москва на 11 јуни, прва ја објавила грузиската телевизија Мтавари. Како што пишува Мтавари, обновата на дипломатските односи со Русија станала приоритет на партијата Грузиски сон. Извори на телевизијата потврдиле дека владите на Грузија и Русија активно работат и веќе е започнат изборот на вработени за грузиската амбасада во Москва.
Но, веќе во следниот дел од веста телевизијата пишува дека владејачката партија демантирала оти ќе се отвора амбасада во Москва.
Грузијците кои се блиски до Кремљ во Русија го посакуваат тоа – но Грузиски сон негира сè во Тбилиси. Лидерите на грузиската влада, кои преземаат сè поголеми чекори кон Кремљ, сметаат дека е неразумно да се шират какви било информации за отворањето на амбасадата во Москва, наведува во својот извештај Мтавари.
Украински национални новости (УНН) исто така јавуваат дека Грузиски сон ја демантирале веста за отворање амбасада во Москва.
Грузискиот сон ја негира оваа информација. Лидерите на грузиската влада го нарекуваат „неразумно ширењето каква било информација за отворање на амбасада во Москва“, пишува УНН.
Демант стигнал и од руска страна.
Веста за наводното обновување на дипломатските односи со Грузија е лажна. Тоа за ТАСС го изјавиле од руското МНР, пишува Радар Ерменија.
Не гледаме смисла да ги коментираме различните „патки“ што ги шират грузиските опозициски извори“, рекле од руското МНР, пренесува Радар Ерменија.
Вистиномер не успеа да најде ниту една официјална информација дека Грузија ќе ги обнови дипломатските односи со Русија и ќе отвори амбасада во Москва. Такво нешто нема на официјалните Икс профили на партијата Грузиски сон и на грузиската влада.
Инаку, во септември 2008 година Грузија ги прекина дипломатските односи со Русија поради признавањето на независноста на Абхазија и Јужна Осетија. Од 5 март 2009 година, односите меѓу двете земји се одржуваат на ниво на секции кои работат во швајцарските амбасади.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека веста оти Грузија ќе ги обновува дипломатските односи со Русија и ќе отвори амбасада во Москва, не е точна и за истата никаде не може да се најде официјална потврда. Но, затоа има деманти и од грузиска и од руска страна. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.