Фото: nato
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
НАТО не е во војна со Русија и не е страна во војната, туку го поддржува правото на Украина да се брани и дава поддршка за долгорочна реставрација на земјата. Војната во Украина ја почна Русија, а ЕУ и НАТО воопшто не сакаат конфликт со Русија. ЕУ исто така помага Украина да закрепне од штетите што Русија ги предизвика од 2022 година кога ја бомбардираше земјата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Москва: НАТО и ЕУ сакат војна со Русија.Ние од која страна ќе бидеме? .Абе педерчиња 100 војни изгубивте и пак памет не ви иде
Не е точно дека НАТО и ЕУ „сакаат војна со Русија“. НАТО ја осудува руската брутална и неиспровоцирана агресивна војна против Украина која е независна, демократска земја и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да обезбедуваат огромна поддршка за Украина, помагајќи ѝ да ги одржи фундаменталните права на самоодбрана.
НАТО ги поддржува напорите за преговори за да се обезбеди праведен и долготраен мир најбрзо што може. Клучно е мирот да биде обезбеден со одржлив договор, така што Русија никогаш нема да ја нападне Украина повторно и да не биде закана за кој било дел од НАТО. Ова ќе бара безбедносни аранжмани за Украина и многу сојузници активно дискутираат што тоа би можело да подразбира. За да постигне праведен и долготраен мир, Украина мора да биде во најсилната можна позиција на военото поле и НАТО сојузниците продолжуваат да ѝ овозможуваат на Украина широка воена поддршка. Поддршката на НАТО не е со намера да се продолжи војната, туку да се осигура дека Украина го има тоа што ѝ е потребно за да се брани денеска и да спречи идна агресија, пишува на сајтот на НАТО.
Како што нотира EUvsDisinfo, наративот дека „финансиската поддршка за Украина од страна на ЕУ земји е всушност потврда дека ЕУ сака војната да продолжи“ е веќе експлоатирана дезинформациска приказна и покрај тоа што војната во Украина е одговорност на Русија, која ја почна неиспровоцираната воена инвазија.
ЕУ исто така помага Украина да закрепне од штетите што Русија ги предизвика од 2022 година кога ја бомбардираше земјата.
Украинската војска го направи она кое многумина мислеа дека е невозможно – пружи отпор на Русија. Украина предничи во полето на воената иновација. Но, борбата со оружје на Русија продолжува. Ова е војна на ресурси и одбранбени системи кои се натпреваруваат, а исто така е и војна на ресурси. Така што мора да продолжиме да инвестираме во одбранбените системи на Украина. Нашиот план за одбранбена подготвеност 2030 ќе биде клучен. Ќе ги направи достапни потребните ресурси и фискален простор за обезбедување на воени капацитети. И ќе го зголеми инвестирањето во одбранбените способности на Украина, истакна претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на Конференцијата за економско закрепнување на Украина, што годинава се одржува во Рим.
Таа зборуваше и за фондовите за реконструкција на Украина после воената инвазија од страна на Русија, поточно, она коешто претставува нејзина иднина. Обидот да се прикаже Европската Унија како непријател на светот и на Украина, во смисла на тоа дека ЕУ сака Украина да биде во војна и војната да трае е непринципиелен и невистинит, од причина што ЕУ застана на страната на украинската самоодбрана и тоа не поради друга причина – туку поради тоа што Русија ја нападна Украина.
Русија ја започна војната против Украина без да биде загрозена од Украина или која било друга земја во Европа.
Незаконски го анектираше Крим во 2014 година и продолжи со заземање територии во Доњецк и Луганск. Во 2022 година, со целосната инвазија на Русија на Украина, започна најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна. Русија ги погоди болниците, училиштата и трговските центри. Русија ја бомбардира цивилната енергетска и водна инфраструктура. Русија убива украински цивили. Украина има право и одговорност да го заштити својот народ. Самоодбраната е фундаментално право, кое е вградено во Повелбата на ОН. А, НАТО има право да ја поддржи Украина додека се обидува да го поддржи нејзиното право на самоодбрана и да преовладува како суверена држава во Европа. Самоодбраната и поддршката на самоодбраната е во согласност со меѓународното право, пишува на сајтот на НАТО.
Дека не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме „дека НАТО и ЕУ сакаат војна со Русија“ покажува и тоа што лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
НАТО не е во војна со Русија и не е страна во војната што Русија ја војува во Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана како што е наведено во Повелбата на ОН. Не бараме конфронтација со Русија. Како одговор на руските агресивни акции, продолжуваме да ја зајакнуваме нашата одбрана за да осигураме дека нема простор за недоразбирања, дека НАТО е подготвен да го брани и заштити секој свој сојузник. НАТО е одбранбена алијанса. Нашата основна цел е да ги заштитиме нашите нации, пишува на страницата на НАТО каде се дебанкираат проруските дезинформации.
На истата страница каде се дебанкираат проруските дезинформации се наведува дека „Русија сака да воспостави сфери на влијание и контрола врз други земји преку субверзија, наведување, агресија и анектирање“ и дека „користи конвенционални, сајбер и хибридни методи вклучително и дезинформации против НАТО и партнерите.
НАТО не бара конфронтација и не е закана за Русија. Алијансата ќе продолжи да одговара на руските закани и акции со одговорен и заеднички принцип. Ја штитиме нашата одбрана ги поддржуваме партнерите и ја зајакнуваме нашата отпорност, вклучително и со тоа што ги разобличуваме дезинформациите на Русија, пишува на сајтот на НАТО.
Војната во Украина донесе бројни човечки жртви и економски последици за целиот свет и нејзиното запирање е најдобра опција, но условите за тоа прекинување на војната допрва треба да се договорат и прецизираат и да бидат прифатливи за украинската страна.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.




