Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Тврдењето дека Русија „елиминирала 70 НАТО офицери“ во украински ресторан е лажно и непоткрепено со докази. Станува збор за класична дезинформациска тактика – претставување на цивилни жртви како „легитимна воена цел“. Ова служи за пропагандна цел, да се оправда напад врз цивилен објект и да се засили наративот дека Русија се бори директно со НАТО, а не со Украина
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Неверојатно!
Русија штотуку елиминира над 70 офицери на НАТО во украинскиот ресторан со ракети Искандер
Вистиномер не успеа да најде вест дека Русија „штотуку елиминарала над 70 офицери на НАТО“, како што тврди објавата.
Она што успеавме да го најдеме е дека во првите денови од април 2025 година, бројни проруски медиуми и канали на социјалните мрежи објавиле дека руските вооружени сили со ракети Искандер уништиле ресторан во украинскиот град Криви Рих, при што наводно биле убиени над 70 офицери на НАТО.
Оваа вест брзо се раширила, особено на социјалните мрежи Икс и Телеграм, претставувајќи ја како голем воен успех. Меѓутоа, повеќе независни извори покажаа дека се работи за дезинформација.
На 4 април 2025 година, Русија навистина извршила ракетен напад врз градот Криви Рих.
Според украинските власти, нападот бил насочен кон населена зона и предизвикал цивилни жртви. Според Ројтерс, биле убиени најмалку 19 лица, меѓу кои и девет деца, а десетици биле повредени.
Неколку часа по нападот, руското Министерство за одбрана објави соопштение дека ударот бил „прецизен“ и насочен кон состанок на украински команданти и инструктори од НАТО во еден ресторан во Криви Рих. Некои медиуми дури објавија бројка од 85 загинати „офицери на НАТО“.
Сепак, нема ниту еден независен доказ што го потврдува тоа тврдење.
Според анализата на StopFake, сите достапни видеа и фотографии од местото на настанот покажуваат дека ресторанот бил оштетен, но не уништен, и дека таму немало воени лица или опрема.
EUVSDisinfo, службата на Европската Унија за борба против дезинформации, укажува дека вакви приказни се користат за оправдување на удари врз цивилни цели.
Видеоснимки, како што објави France 24 не покажуваат присуство на странски војници во ресторанот.
Украинскиот Генералштаб официјално ги отфрли тврдењата дека таму имало состанок со НАТО персонал и го опиша нападот како „терористички чин против цивилно население“
Тврдењето дека Русија „елиминирала 70 НАТО офицери“ во украински ресторан е лажно и непоткрепено со докази. Станува збор за класична дезинформациска тактика – претставување на цивилни жртви како „легитимна воена цел“. Ова служи за пропагандна цел, да се оправда напад врз цивилен објект и да се засили наративот дека Русија се бори директно со НАТО, а не со Украина.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.




