Фото: Image by Frauke Riether from Pixabay
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објавата манипулативно тврди дека најмногу украински бегалци се засолниле кај агресорот Русија и дека таму се преселиле повеќе бегалци, отколку во западните земји САД, Велика Британија, Полска и Германија заедно. Но фактите велат дека ова тврдење не е точно. Вкупно над шест милиони украински бегалци се регистрирани низ Европа заклучно со јули 2024 година. Русија примила 1.227.555 бегалци, а Британија, Полска и Германија заедно примиле 2.380.675 бегалци, што е дупло повеќе од бројот на беглаците кои се засолниле во Русија
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека повеќе украински бегалци отишле во Русија отколку во САД, Британија, Полска и Германија заедно. Ова тврдење не е точно.
Дали го знаете фактот?
Повеќе украински бегалци се преселиле во Русија,
отколку на САД, Британија, Полска и Германија заедно…
Како е можно?
Разорната војна којашто Русија ја започна во Украина пред повеќе од две години, остава последици во таа земја на секое поле. Илјадници изгубени животи досега, уништени цели градови, но и многу раселени лица кои ги напуштаат своите домови во потрага по побезбеден живот. Дел од Украинците се раселуваат на други места во Украина, но дел, особено жени и деца, ја напуштија својата татковина и сè уште не можат да се вратат. Некои од овие раселени лица одлучија да се засолнат во соседните земји на Украина, дел заминаа во западните земји, а дел одлучија своето засолниште да го бараат во Русија.
Објавата што ја рецензираме манипулативно тврди дека најмногу бегалци има засолнети кај агресорот Русија, и дека таму се преселиле повеќе бегалци отколку во западните земји САД, Британија, Полска и Германија заедно. Но фактите велат дека ова тврдење не е точно.
Статистичките податоци велат дека Русија навистина примила најмногу бегалци од почетокот на војната. Бројките покажуваат дека Русија од февруари 2022 година кога започна руската агресија во Украина, до јули 2024 година, примила 1.227.555 бегалци. Тоа е навистина голема бројка, но иако Русија е таа која што примила најмногу беглаци, не е точно дека тој број е поголем од САД, Британија, Полска и Германија заедно.
Имено, Германија е на листата веднаш под Русија. Таа во истиот временски период примила 1.178.610 што е приближно исто како Русија. Двете земји примиле над 1 милион бегалци, а Германија примила 48.945 помалку. Од јуни 2024 година, во Германија се регистрирани над 1,1 милион бегалци од Украина. Првите зголемувања на бројот на украинските бегалци беа регистрирани во март и април 2022 година. На крајот на јануари 2023 година, над еден милион бегалци беа официјално избројани од властите. Германија има највисок месечен паричен надоместок за Украинците кои избегаа од војната во споредба со другите европски земји.
Полска, којашто исто така се спомнува во објавата е следна на листата веднаш зад Германија. Таа во истиот временски период примила речиси 1 милион бегалци односно 957.505 бегалци. Велика Британија којашто исто така се спомнува во објавата примила 244.560, додека за САД нема бројка колку бегалци примиле.
Според овие податоци, Британија, Полска и Германија заедно примиле 2.380.675 бегалци, што е дупло повеќе од бројот на беглаците коишто се засолниле во Русија.
Вкупно, над шест милиони украински бегалци биле регистрирани низ Европа односно 6,6 милиони во светот заклучно со јули 2024 година. Повеќето од нив ја напуштиле земјата минувајќи ја границата со Полска.
Членките на Европската унија (ЕУ) ја имплементираа Директивата за привремена заштита (TPD), која гарантира пристап до сместување, социјална помош и здравствена заштита на бегалците од Украина. Луѓето кои бегаат од војната имаат право на дозвола за престој во ЕУ, на пазарот на трудот и запишување деца во образовни институции.
Последните податоци од УНХЦР објавени на 15 октомври 2024 година, покажуваат дека се забележуваат 6.752.000 бегалци од Украина глобално. Од нив 6.191.800 се наоѓаат во Европа, а 560.200 надвор од Европа.
Според Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, во конфликтот загинале 11.662 цивили меѓу 24 февруари 2022 година и средината на август 2024 година. Меѓу жртвите има 639 деца. Дополнително, повредени се 24.207 цивили, меѓу кои 1.577 деца.
Војната којашто Русија ја води на територијата на Украина која е независна, суверена држава, остава огромни последици. Освен територијални и финансиски загуби, најголемата загуба е онаа човечката. Огромен број на лица останаа без своите домови, а речиси 7 милиони Украинци се раселени од својата држава.
Тврдењето дека кај Русија избегале повеќе лица отколку кај Германија, Полска, Британија и САД заедно, е неточно и затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.